1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Рускиот Врховен суд ја распушти Меморијал

Роман Гончаренко | агенции
28 декември 2021

Организацијата за човекови права Меморијал Интернешенел е една од најпознатите во Русија. Сега тaa е забранета од највисокиот суд во земјата. Таа ги отфрла обвинувањата и се гледа себеси како жртва на политички прогон.

https://p.dw.com/p/44vDo
„Чисто политичка одлука“: Поддржувачи на Меморијал пред судот во Москва
„Чисто политичка одлука“: Поддржувачи на Меморијал пред судот во МоскваФотографија: Gavriil Grigorov/TASS/dpa/picture alliance

Врховниот суд на Русија нареди распуштање на невладината организација Меморијал Интернешенел, објави најстарата организација за одбрана на човековите права во земјата, посочувајќи дека таа е и столб на одбраната на слободата во модерна Русија.

„Одлучено е да се распушти Меморијал и неговите регионални канцеларии“, објави организацијата на својот профил на Телеграм, веднаш откако Врховниот суд почна да ја објавува својата одлука. Организацијата ги отфрли сите обвинувања и говори за „чисто политичка пресуда“. 

Според оценката на рускиот Врховен суд, организацијата Меморијал интернешенел го прекршува таканаречениот закон за „странски агенти“. Според агенцијата Интерфакс, судијката Ала Назарова го уважила соодветното барање на руското јавно обвинителство .

Под надзор од 2016 година

Обвинителството на 11 ноември побара од Врховниот суд распуштање на невладината организација Меморијал, со обвинувања дека „систематски го прекршила“ законот за странски агенти.

Невладината организација Меморијал е основана во 1989 година, а во 2016 година руските власти ја вброија на листата на „странски агенти“. Оваа одредница, која потсетува на сличен „непријател на народот“ од советската ера, генерално се однесува на организации или поединци кои се „финансирани од странство“ и спроведуваат „политички активности“.

„Странски агент“ стои напишано на ѕидот на зградата на седиштето на Меморијал во Москва
„Странски агент“ стои напишано на ѕидот на зградата на седиштето на Меморијал во МоскваФотографија: Getty Images/AFP/Kudryavtsev

Со добивањето на оваа одредница, односно етикета, организациите, медиумите и поединците се обврзани да го пријават статусот на сите нивни публикации, вклучително и оние преку социјалните мрежи, и да следат строги административни прописи.

Сеќавање на темната страна на ерата на Сталин

Меморијал е дете на Перестројката, политиката на Михаил Горбачов на отворање Советскиот сојуз во втората половина на 1980-тите. Во 1987 година во Москва беше основана првата група за комеморација на жртвите од политичката репресија од ерата на Сталин - траума која беше криена со децении. Брзо се појави национално движење со претставништва во многу републики на тогашниот СССР. Лауреатот на Нобеловата награда за мир Андреј Сахаров стана нејзин прв претседавач. Првиот протест се одржа во јули 1989 година пред кинеската амбасада. Повод беше масакрот на плоштадот Тјенанмен.

Меморијал ја гледа својата примарна задача во соочувањето и обработувањето на режимот на Сталин, кога милиони советски граѓани беа убиени од политички причини или се бореа за опстанок во работните логори. Како најпознат споменик досега, активистите на „Меморијал“ го подигнаа спомен-каменот Соловецки на плоштадот Лубјанка на крајот на октомври 1990 година, пред тогашното седиште на злогласната тајна служба КГБ. Првиот голем советски логор за затвореници беше основан на Соловецките острови во северна Русија во раните 1920-ти. До денес, каменот потсетува на сталинистичкиот систем ГУЛАГ, национална мрежа на казнени и работни логори.