1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ со „последна понуда“

Катерина Блажевска7 јули 2015

СДСМ во „последната понуда“ барал оставка од Груевски 150 дена пред изборите .Не може да се разговара за 'последна понуда' , бидејќи во разговорите ги вртат истите или малку модифицирани предлози, велат од ВМРО-ДПМНЕ

https://p.dw.com/p/1Ftoy
Фотографија: Petr Stojanovski

Оставка на премиерот Никола Груевски 150 дена пред изборите било едно од барањата што во својата „последна понуда“ опозицискиот СДСМ му го испорачал на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу другото, во „пакетот“ се барало опозицијата да раководи со четири министерства: за внатрешни работи, земјоделство, труд и социјална политика и финансии, а не да има само „министерски контролори“ со врзани потписи, како што предлагала владејачката партија. Се предлагало јавниот обвинител да се избира на заеднички предлог, односно да биде прифатлива личност за двете партии, опозицијата да предлага членови во Државната комисија за спречување на криминал, во Агенцијата за медиуми, раководни лица во програмските појаси на МРТВ...

Ова се само дел од предлозите, но според партиски извори, пакетот содржел и ред други за кои двете партии досега се уште не стигнале да разговараат, а уште помалку да ги детализираат можните решенија. Не било разговарано дури ни за дел од веќе договорените точки со Договорот од 2 јуни, како што е, на пример, обврската за „модифицирање на составот на Државната Изборна Комисија“, на која според тој договор, до 30 септември треба да и се дадат „зголемени овластувања за да обезбеди слободни и фер избори, како и исто ниво на игра за сите партии“.

Топката кај Груевски

Според извори во опозицијата, сега „топката е префрлена на теренот на Груевски“, но не веруваат дека лидерската средба се пролонгира заради потребата од дополнителни консултации во неговиот тим.

„Груевски само се обидува да купи време. Смета дека тој треба да ги диктира чекорите и роковите, иако на сите им е јасно дека неговите можности се лимитирани и дека тој не е во ситуација еднострано да го диктира исходот од разговорите“, велат извори од опозицијата.

Од владејачката партија, пак, велат дека неразумно е опозицијата да бара од легитимно избран премиер да се повлече од функцијата многу порано од од рокот што го предвидуваат законските решенија за функционирање на владата како техничка во пресрет на изборните циклуси.

Bildergalerie Kumanovo Kämpfe Nachklapp
Фотографија: picture alliance/epa/N. Batev

„СДСМ предлага неразумни решенија, со една цел - договорот да пропадне. Дури и да прифатиме да разговараме за таков предлог, тој не треба да биде исклучок, туку законско решение кое би важело за сите влади и за сите идни избори и секако, не со толку голем рок. Второ, опозицијата не може еднострано да најавува кога ќе се одржи лидерска средба. Тоа треба заеднички да биде усогласено“, велат извори од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, „не може да се разговара ни за некаква 'последна понуда' од СДСМ, бидејќи во текот на сите разговорите ги вртат истите или сосема малку модифицирани предлози“.

Изворите ниту ја потврдуваат ниту ја демантираат информацијата, дека Груевски наводно бил подготвен да се повлече од премиерската функција најрано на 1 декември, односно четири месеци пред изборите.

Рокот пробиен за еден месец

Иако лидерската средба беше навестена за минатиот петок, откако ВМРО-ДПМНЕ наводно побарала дополнително време за консултации, нејзиното одржување е пролонгирано на неодредено време. Од партиите потврдуваат дека оваа недела е пресудна за преговарачкиот процес и дека средбата може да биде договорена во „секој момент“.

Со Договорот од 2 јуни, партиите ја преземаа обврската „до 10 јуни да се договорат за конкретна организација на Владата која ќе ги подготви изборите“. Поради неуспех во преговорите, тој рок подоцна беше поместен за 29 јуни, а сега повторно се одложува без официјално објаснување во јавноста.

Изминатите денови и Груевски и Заев имале одвоени средби со амбасадорите кои се вклучени во мониторнгот на меѓупартиските преговори. И покрај обидите да се надминат разликите, и двајцата не ја пропуштија можноста да си упатат пораки преку медиумите. Заев од Охрид порача дека за некои црвени линии во разговорите не може да има отстапки, а Груевски од Гевгелија побара да се најде разумно решение и разумен компромис. Двете партии демантираа дека во пакет се бара решение и за спорот со името, како што изјави претседателот на ДПА, Мендух Тачи.

Kombibild Politiker Mazedonien

Сегашното статус кво, го намалува оптимизмот во јавноста за успех во преговорите. Од друга страна, дипломатски извори упатени во преговарачкиот процес тврдат дека „процесот е влезен во финална фаза, партиите се свесни дека мора да направат отстапки и ниедна од нив нема да сака да ја преземе вината за евентуален неуспех, бидејќи тоа ќе се претвори во нивна долгорочна политичка хипотека“.

Според нив, иако во јавноста циркулираат најави дека во случај на неуспех некои имаат план Б, во моментов сите се посветени на планот А.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема