1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ќе се набавуваат тестови и терапија за мајмунски сипаници

ДТЗ
25 мај 2022

Симптомите на оваа болест се промена на кожата, меурчиња, висока температура, болки во мускулите, омалаксаност...

https://p.dw.com/p/4Bqxg
Symbolbild Affenpocken
Фотографија: Davor Puklavec/PIXSELL/picture alliance

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ја следи ситуацијата со појавата на мајмунски сипаници во светот и презема превентивни мерки за одговор на здравствениот систем во случај на нивна појава во Северна Македонија. За таа цел минатата недела било испратено барање до Светската здравствена организација (СЗО) да се обезбедат тестови и терапија за дијагностицирање на мајмунските сипаници.  

„Комисијата за заразни болести покажа загриженост бидејќи има ширење на вирусот во светот. Сите релевантни институции покажуваат одреден степен на загриженост, целта е да го подготвиме системот, односно клиничките патеки за следење на евентуални пациенти“, вели портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ.

Оваа состојба со мајмунските сипаници не е пропорционална со пандемијата на ковид, но Мехмедовиќ вели дека комисијата сака да ја да ја следи состојбата и да обезбеди се што е потребно за евентуален план за лекување на пациенти.

Symptome Affenpocken
Симптомите на оваа болест се промена на кожата, меурчиња, висока температура, болки во мускулите, омалаксаностФотографија: Brian W.J. Mahy/CDC/REUTERS

„Вирусот на мајмунски сипаници постои половина век. Сите земји имаат проблем да обезбедат квалитетен третман и дијагностицирање. Симптомите на оваа болест се промена на кожата, меурчиња, висока температура, болки во мускулите, омалаксаност", вели тој.

-повеќе на темата:  Мистериозна епидемија во Европа: колку се опасни мајмунските сипаници?

ИЈЗ на сајтот објави флаер со детални информации за појавата на мајмунските сипаници. Во него се наведува дека станува збор за вирусна зоонозна болест која се јавува првенствено во областите на тропските прашуми во Централна и Западна Африка и повремено се пренесува во други региони. Мајмунските сипаници сe манифестираат клинички типично, со треска, осип и отечени лимфни јазли и може да доведе до низа медицински компликации. Симптомите траат од 2 до 4 недели. Може да се манифестираат и со тешка клиничка форма. Во последно време, смртноста е околу 3-6%. Мајмунските сипаници се пренесуваат на луѓето преку близок контакт со заразено лице или животно или со предмети контаминирани со вирусот.

Вакцините користени за време на програмата за искоренување на големите сипаници, обезбедуваат заштита и од мајмунски сипаници. Развиени се и понови вакцини, од кои една е одобрена за превенција од мајмунските сипаници.