1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секој Орбан има свој олигарх

Борис Калноки
29 јуни 2019

Чешкиот премиер е олигарх со желба да владее, а сега луѓето протестираат против него. Други тајкуни во источна Европа и на Балканот се повлечени и лојални на власта.

https://p.dw.com/p/3LEWW
Boris Kalnoky Kommentarbild App PROVISORISCH
Фотографија: Privat

Со недели стотици илјади луѓе во Чешка протестираат против премиерот Андреј Бабиш. Тој е воедно еден од најбогатите луѓе во земјата. Како се збогатил? Уште во комунистичко време како партиски член бил директор во чехословачката државна фирма Петримекс, задолжена за трговија со странство. На негов совет Петримекс основал друга фирма, Агроферт, која потоа ја презеле опскурни швајцарски инвеститори - стари школски пријатели, како што вели Бабиш. Наскоро потоа тој станал единствен сопственик. Купувал медиумски куќи. И влезе во политиката.

Од јуни со него се занимава државното обвинителство, кое се сомнева дека Бабиш вршел даночни измами и противправно користел субвенции од фондови на ЕУ како министер за финансии и премиер.

Пари = власт

Бабиш е отелотворение за начинот на кој што во источна Европа и на Балканот се води политика. Парите се моќ, кој има пари сака моќ, а кој има моќ, знае дека за да ја задржи се потребни пари. На пример, за да се купат весници и телевизии.

По падот на Железната завеса, тоа први одлично го разбраа превртените комунисти. Од државен и партиски имот по мрачни патишта стана приватен, новите богаташи беа стари комунисти кои ги користеа парите за - како социјалдемократи - со години да останат на власт, како во Романија и Бугарија.

Тендери за лојалните

Партиите кои дојдоа потоа и се дефинираат како граѓански и конзервативни, да го земеме за пример Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, брзо сфатиле во која грмушка лежи зајакот. Создадоа сопствени тајкуни, давајќи им државни тендери на следбениците, а сето зачинето со фондовите на ЕУ.

Во Унгарија го имаме бизарниот олигарх Лоринц Месарош, кого народот го нарекува „национален инсталатор на гас“. Порано имал малечка фирма која воведувала гасни инсталации. Месарош е стар пријател на Орбан. Денес, слично како и Бабиш, е втор најбогат човек во државата.

Постои една разлика: чешкиот премиер владее, а Месарош нема моќ и знае каде му е местото за кое може да му заблагодари само на Орбан. Орбан не трпи кога профитерите од неговото владеење имаат политички амбиции. Негов друг пријател од младоста, Лајош Симишка, еднаш се обиде  - беше благајник на партијата, додека не се скара со Орбан. Сега никаде го нема.

Но, сепак, во Унгарија олигарсите не ја одредуваат политиката, туку политиката ги одредува олигарсите.

„Патриотска корупција“

Еден од корените на олигарското зло се т.н. кохезиони фондови на ЕУ. Основната идеја на Брисел е со нивна помош економското ниво на посиромашните земји во ЕУ да го приближи кон она на побогатите. Со тоа, се веруваше, се јакнат и вредности: демократија, слободна пазарна економија, правна држава.

Ако се фрли повнимателен поглед врз источните членки на ЕУ, се гледа дека поприлични суми од тие фондови одат во инфраструктурата, а таму тендери добиваат западноевропските големи концерни, кои располагаат со знаење и капацитет да победат на тендери. Значи, тоа барем делумно се пари пратени на исток, кои како бумеранг се враќаат на запад.

Други колумни од авторот: 

Ладнокрвниот есап на Орбан против Јункер

Моја Европа: Две души во источноевропските гради

Моја Европа: Нова студена војна

Моја Европа: Исток и Запад- два погледа на реалноста

Избивањето на олигархиската напаст во бившите комунистички држави делумно е обид за задржување на европските пари во земјата. Во Унгарија се целно издигнувани лојални бизнисмени кои добиваа несразмерно големи зделки.

Орбан тоа го нарекува „неомеркантилизам“, повикувајќи се на економската фаза на Европа кога домашната економија се штитела со високи царински бариери. Значи, станува збор, ако сакате, за некој вид „патриотска корупција“.

Мене не ми се допаѓа кога енергијата на донесувачите на одлуки е целосно насочена кон привлекување субвенции, не верувам дека тоа на долг рок придонесува за изградба на поконкурентно стопанство.

Изгледа дека и ЕУ сфати оти работата со фондовите, кои потоа се преточуваат во демократски вредности, едноставно не функционира. Во наредниот буџет на ЕУ би требало да биде предвидено да не се поддржуваат веќе најсиромашните земји, туку оние кои постапуваат политички коректно, на пример - да примаат бегалци. 

Најдобро би било да престане делењето такви средства од касите на ЕУ. Тие и онака се начин за Брисел да стане поважен одошто е потребно.

Ние во централна и источна Европа речиси се приклучивме кон Запад, додуша благодарејќи им на тие пари. Но, дојде време таа папочна врвца да се пресече. И да се развие претприемачка култура, која наградува иновации и храброст, а не алчност за власт и политичка лојалност.

Борис Калноки, роден 1961, е дописник од Унгарија за „Велт“ и други медиуми на германски јазик. Тој е автор на книгата „Земја на предците“ во која трага по своите предци, меѓу кои е и царскиот и кралевски министер за надворешни работи Густав Калноки.