1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Силата на уметноста во време на општиот корона-карантин

16 март 2020

Милиони луѓе денес се наоѓаат во доброволен карантин. Првиот импулс, секако, беше стравот дека ќе останат гладни. Меѓутоа, потоа, откако, првата паника ќе помине, сите ќе стануваат се‘ погладни за една друга храна...

https://p.dw.com/p/3ZVRY
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Уметноста,  естетско доживување на светот како сведоштво за величината на човечкиот дух   најјасно се согледува во кризни времиња како ова – времето на короната. Германскиот пијанист Игор Левит вчера ја покажа силата на музиката да обедини во  условите на глобален карантин. Тој на Твитер ја свиреше  Бетовеновата соната „Апасионата“. Тоа беше восхитувачки настан. Никогаш досега акордите на Бетовеновата музика не ги доживував толку јасно како шифра за силината на човечкиот дух -  наспроти сите кризи и неволји! Во тој миг додека Игор Левит  го свиреше Бетовен, илјадници од сите страни на светот слушаа со стишан здив, обземени од магијата на музиката. И сите му благодареа. Но и им посакуваа на сите луѓе да бидат здрави и живи! Музиката им помагаше да се чувствуваат обединети. Да станат за миг едно! Да сфатат дека не се сами во својот доброволен карантин.Тоа чувство на сплотеност со  пијанистот и со музиката на Бетовен  беше толку силно, што се чинеше дека барем за миг стравот за сопствениот живот, за најблиските, беше надминат во сознанието дека човештвото кое создало такви  вечни дела  е способно да се промени, да се преобрази. И да тргне по друг пат! Да ја победи и  болеста и злобата и алчноста со силата на убавината и добрината, солидарноста и сочувството. Само кога  преку уметноста ќе биде потсетено на својата способност за духовна преобразба, за која сведочи сета историја. А човештвото одамна се наоѓа на пресвртница. 

Со песна против стравот се борат деновиве жителите на италијанските градови. Големите музеи ги отворија виртуелно своите порти за гледачите во  домовите, а прочуените филхармонии, како Берлинската или Келнската, го сторија тоа со понудата  за бесплатен стриминг на своите концерти. Публиката во целиот свет, збрана заедно во интернетската мрежа, станува симбол за надежта,  за верата во доброто, возвишеното и убавото. Само тие дела на човечкиот дух  се посилни од човечката телесна кревкост. Уметноста надминува граници таму, каде што човечката злоба  и омраза гради бедеми и огради. Чарли Чаплин ја покажа силата на уметноста наспроти ирационалноста на злото, кога го создаде ненадминатиот  „Голем диктатор“, во кој ја исмеа илузијата на светските диктатори дека тие се  посилни, затоа што можат да  убијат милиони. И, сепак, човекот  е победен само кога е победен, кога е „убиен“ неговиот дух. Кога е уништена неговата творечка сила да  создава убавина и хармонија, како онаа во музиката, во поезијата, во литературата. Кога ја заборавил својата способност да се прашува за суштината на животот и светот во филозофијата, а со тоа да ги сознава своите грешки и постојано да се преобразува во морална смисла.

Уметноста во мрачни времиња станува извор на  исцелителна сила. Таа ја храни надежта дека и најцрната ноќ на неволјата не трае вечно. Културата, чија вредност во времињата на непречен стопански раст, кога парите и збогатувањето се највисоката цел, лесно станува неважна работа, ја покажува својата преобразувачка сила токму во времињата како нашево. Милиони луѓе  денес се наоѓаат во доброволен карантин. Првиот импулс, секако, беше стравот дека ќе останат гладни. Меѓутоа, потоа, откако, првата паника ќе помине, сите ќе стануваат се‘ пожедни за една друга храна. Таа, која ни‘ кажува кои се најважните нешта во животот. Таа храна, која е содржана во филозофската мисла на Ерих Фром, дека е поважно да се биде, отколку да се поседува. Пари, моќ, добра, богатства. Многумина овие денови ќе станат свесни за храната по која жеднееше  уметникот од прочуениот расказ на Франц Кафка, „Уметникот во гладување“.

Други колумни од Кица Колбе:

-Бегалците – испит на човечноста

-Естетскиот вкус и хуманоста

-Македонските пазари

Во таа смисла, доброволниот карантин треба да се доживува и како шанса за ново духовно искуство. За нас, луѓето на 21-от век, чиј ден е преполн со постојано движење, дури и самата помисла за доброволно осамување, пред појавата на коронавирусот,  се чинеше како неприродна состојба. Затоа што  хектичноста ни‘ беше станала речиси втора природа. Во  брзиот ритам на животот осамувањето се доживува како  блокада и   болест. Сега стравот владее со светот, со кој порано владееше човечката жед за постојана промена и  разонода. Желбата да се конзумира, неограничено да се троши времето и природните ресурси е толку силно втисната во нашата претстава за светот и животот, што мигот во кој тоа станува невозможно го доживуваме како почеток на апокалипсата. На почетокот не ни‘ помислуваме дека може да се живее и без постојаното движење и  конзумирање. Не забележуваме дека  нашите домови се преполни со непотребни нешта. Не разбираме како тоа доброволното себеограничување во движењето може да биде и благослов. Затоа што не помислуваме дека  тоа можеби ќе ни‘ го избистри умот. За да ги согледаме  најважните нешта во животот. Тие, кои ја сочинуваат сушноста   на човечкото постоење. А тие, најчесто, се најдребните нешта. Тие, кои не се прескапи и  се достапни за сите. Кои ни‘ се нудат секој ден како дар. Такви се животот и радоста за секој нов ден. Тоа што секој ден се будиме, здрави и живи во своите домови. Што имаме кров над главата, додека милиони бегалци копнеат токму по тоа. Одамна сме заборавиле да благодариме за секој нов ден, како што тоа го чинеа нашите мајки и баби. Ретко кога животот го доживуваме како чудо и дар. И, одеднаш, како од никаде се појави невидливиот вирус, кој се заканува да ни‘ го загрози сето тоа што сметавме дека е безбедно. Затоа што беше под наша контрола. Учиме одеднаш дека животот не може да се контролира. За него може само да се благодари. Да се доживува како чудо и да се живее со мерка и мудрост, во мир и љубов со другите луѓе.

Деновиве, токму додека чувствуваме дека отсекаде не демне невидлив непријател, забележуваме дека тој ни‘ диктира друг ритам.  И не‘ присилува да се прибереме не само во домовите. Туку, пред се‘, во себеси. И додека одиме рано изутрината пешки до првата најблиска самопослуга.  Затоа што се надеваме дека тогаш нема да има многу купувачи. Додека  расеано погледнуваме кон бистрото сино небо. Тогаш ненадејно ни‘ се присторува дека никогаш досега   раноутринското мартовско сонце не блескало толку јасно на небото! Затоа што ни‘ се чини дека  можеме да го изгубиме. На окото синевината небеска  му се чини како да е штотуку создадена. Затоа што на небото ги нема белите линии, кои порано се вкрстосуваа во геометриска слика. А увото  се чуди зошто над главите  не се слуша постојано брмчењето на авионските мотори, како пред коронакризата. И одеднаш сознаваме дека многу нешта сме заборавиле во последните дваесетина години на неограничената можност, за малку пари  да се патува со авион каде што ќе посакаме. Само ретко порано, кога седев во авион и низ прозорецот над облаците во далечината ќе забележев  неколку авиони, како бродат низ белата пена како детски играчки, помислував на тоа каква врвулица владее и долу, на земјата, и горе, на небото. И напати ме обземаше страв од таа помисла! Од помислата дека го трошиме творението, природата – без мерка. Дека нема место до кое уште не стигнала човечката жед по брзо и краткотрајно доживување. А деновиве застанав  за миг на тротоарот и долго го гледав чистото, спокојно  небо над мене. И тоа ме потсети на една дамнешна слика, која порано ми разбудуваше заштитеност. Небото, онакво какво што тоа беше во моето детство во шеесеттите. Само во една ноќ  тогаш на небото имаше таква врвулица од авиони како што денес е катаден. Во ноќта по катастрофата на земјотресот 63-тата во Скопје.

Повеќе:

-Карантин, песна и коронавирус: како изгледа секојдневието во Италија

-Коронавирус: Рекорден број жртви во Италија, Србија прогласи вонредна состојба

-Коронавирусот и религијата

А сега пандемијата  и стравот од ширењето на невидливиот вирус за миг го запре забревтаниот здив на човештвото. Го успокои за некое време небото и ни‘ го избистри видот за многу нешта како скапоцени и важни. Како нешта од кои зависи човечкото постоење. Способноста естетски да се доживува како чудо синилото на небото без облак. Чудото дека секоја година доаѓа пролетта, кое поранешните генерации толку силно го доживувале, што го опевале во поезијата. Затоа побарајте ги во своите домашни библиотеки книгите со поезија од Гете и Хелдерлин, од Рилке и Рембо, од Пушкин и Мајаковски! Тогаш ќе сфатите дека поезијата е  најдобриот лек за да ја надминете здодевноста на карантинот. Таму, во поезијата, ќе   го најдете погледот на поетот, кој не заборавил колку се радува детето кога ќе ја здогледа првата ластовица на синото небо. Или расцутените дрвја во градините. Ќе го доживеете во поезијата пак мигот кога наутро  ве будеше мелодичното брмчење на пчелите и на мајските бумбари. Осамувањето може да биде во духовна смисла можност за вистинска преобразба на навиките, чувствата и мислите. Иако денешните луѓе се плашат од осамувањето, затоа што го изедначуваат со осаменост. Како да имаме заборавено дека има и осамување кое е лековито и творечко. Како да имаме заборавено дека тишината некогаш е погласна и подлабока од  џагорот!  

Додека го пишувам ова ја слушам една од моите омилени сонати на Моцарт. Јас сум од писателите кои пишуваат постојано слушајќи музика. Бидејќи кога работам на роман истата музика ја слушам секој ден, како во  некој творечки ритуал, подоцна, кога романот ќе биде отпечатен, при секој прочит на делови од него веднаш ја слушам во себе истата музиката. Тоновите небаре се  имаат впиено за мене во секој збор. Пишувањето бара осамување, стоење на дистанца кон светот. Пишувањето е некој творечки карантин. Кога се оддалечувате од нештата, тие за умот и фантазијата стануваат уште појасни. Од таа магија на осамувањето се храни творечкиот процес. Музиката има сила да го поттикне творечкиот процес и  фантазијата. Од неа може да црпи сила секој во овие денови на доброволен коронакарантин. Затоа, слушајте музика и читајте поезија!

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.