1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите пратеници на ДУИ ќе гласаат за Владата

25 август 2020

Нема промена во министерските предлози на ДУИ и нема несогласувања, вели партискиот лидер Али Ахмети. Изборот на Владата се очекува во деновите од викендот.

https://p.dw.com/p/3hSWW
Nord-Mazedonien | Politische Führung der DUI | Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Завршиле недоразбирањата во Демократската унија за интеграција, тимот на предложени министри останува ист и сите 15 пратеници на партијата ќе гласаат за изборот на новата Влада. Ова за ТВ „21“ и за ТВ „Клан“ вчера го потврдил лидерот на ДУИ.

„Кабинетот останува ист, нема промена во имињата“, изјавил Али Ахмети за ТВ „21“.

И покрај бројните информации за незадоволство во неколку ограноци на ДУИ околу предложените кандидати за министри, партијата останала на предлозите за кои претходно добила зелено светло од партиските органи. Во неформален разговор за ТВ „Клан“, Ахмети објаснил дека „дебатите за формирање на власта се дел од функционирањето на внатрешната партиска демократија“ и дека нема промени во министерскиот тим на ДУИ. Според тоа, во новата влада партијата ќе ја претставуваат Фатмир Бесими (финансии), Бујар Османи (надворешни работи), Артан Груби (вицепремиер и министер за политички систем), Насер Нуредини (животна средина), Крешник Бектеши (економија) и Јетон Шаќири (информатичко општество и администрација)

„Овој тим ужива поддршка од целата наша парламентарна група“, рекол Ахмети.

Nord-Mazedonien | Gebäude der Regierung in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Има многу шпекулации, но ниту една официјална потврда за тоа како Ахмети го амортизирал незадоволството кај пратеници кои се заканувале дека нема да гласаат за Владата ако од списокот со кандидати за министери не биде тргнато едно име. Особено што меѓу незадоволните беше и висок партиски функционер - потпретседателот Изет Меџити. Според шпекулациите, партиските ограноци кои според резултатите му донеле најмногу гласови на ДУИ, ќе бидат во преден план за други позиции, а може да сметаат и на влез во владиниот кабинет при потребата од евентуални кадровски промени, доколку тоа го наложи првичната оценка за работата на оние коишто сега се предложени за министри.

Програмата подготвена

Во меѓувреме, стручните тимови на СДСМ и ДУИ го завршиле усогласувањето на предизборните програми на двете партии со спојување во заедничка програма на Владата на премиерот Зоран Заев, која тој треба да ја достави до Собранието. Мандатарот веќе најави дека предлогот за новата влада ќе го достави до Собранието веднаш по изборот на потпретседателите на парламентот и по верификацијата на мандатите на новите пратеници.

Повеќе:

-Флорин Бесими имал и друг избор, но ДУИ нема

-Заев го чека тежок пат по калдрма

-Нова влада со нерасчистени сметки и стари проблеми

За денеска во парламентот е закажана седница на која треба да се утврди бројот на собраниски потпретседатели. Според Деловникот за работа на Собранието, потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во парламентот.

Nord-Mazedonien Koalitionsverhandlungen
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Исто така, парламентот ќе треба да ги констатира оставките на пратениците од СДСМ и ДУИ кои заминуваат на министерски позиции, а потоа да ги верификува и мандатите на оние кои ќе ги заемат нивните места во Собранието.

„Штом заврши Собранието со сите овие претходни постапки, веднаш ќе го доставам предлогот за Влада и владината програма до парламентот“, изјави вчера Заев.

Нова влада до крајот на август

Ако денеска тој процес заврши, мандатарот Заев веќе во среда би можел да ги достави до парламентот предлог кадровскиот состав и Програмата за работа на Владата. Според најавите, за нив најверојатно ќе се расправа веднаш по православниот празник Успение на Пресвета Богородица (петок, 28-ми август), односно во деновите од викендот (29-ти  и 30-ти август). Според Деловникот, расправата за предлогот на мандатарот трае најмногу два дена. Се гласа на крајот од дебатата, односно вториот ден пред полноќ.

Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung
Фотографија: Regierung Mazedonien

Доколку седницата почне во сабота, гласањето треба да заврши во недела на полноќ, а новата влада да почне со работа од понеделник, 31-ви август. Инаку, последен рок за доставување на составот на новата влада во Собранието е 2-ри септември. Но, тоа е и датум кога коалицискиот партнер на Заев, Али Ахмети, треба да даде исказ пред Специјалното обвинителство за воени злосторства на Косово, со седиште во Хаг.