1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сиљановска: Не се чувствувам поразена, туку наградена

6 мај 2019

Ова беше најинтересното политичко искуство во мојот живот, сторив се’ што знаев и можев. Не се чувствувам поразена, туку нагрaдeна од оние што ме поддржуваа, рече Сиљановска.

https://p.dw.com/p/3Hy8C
Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal - Gordana Siljanovska Davkova
Фотографија: picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Победи партократијата, а не демократијата, изјави вечерва кандидатката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова.

„Јас тврдев дека граѓаните имаат право да гласаат по свое, но резултатите не го потврдуваат тоа. Но, тоа е реалноста. Обично сите кои нема да победат велат дека изгубиле една битка, но не биле поразени. Но, како и на натпреварите, така и на изборите, бројките се тие што овозможуваат победа. Им благодарам на оние кои ме номинираа и избраа, но најмногу им благодарам на граѓаните. Не сум знаела дека има толку различни и прекрасни луѓе во Македонија. Им се заблагодарувам и на новинарите, бидејќи без нив не може да има демократија", рече Сиљановска.

Изрази надеж дека нема да завладее тримфализам во Македонија, дека за најважните прашања власта ќе бара мислење и од противникот.

„Но, едно знам - со ова сите проблеми не се решени. Овој резултат покажува дека во опозицијата мора да се препознае важен актер и фактор, дека власта не е толку силна како што мисли и се лаже дека со ова и’ е зацврстен легитимитетот. Резултатот зборува за делегитимирање. Мислам дека треба да се размислува за предвремени парламентарни избори, бидејќи ситуацијата е радикално сменета во текот на овие две и пол години", порача таа.

Сиљановска праша дали резултатот на победникот навистина води кон помирување и обединување или кон поделба по повеќе основи, според карактерот интраетнички, и дали пораката 'заедно одиме напред' навистина го ветува тоа?  

Во долгото обраќање таа потенцираше дека во трката не влегла наивно, туку со чисто срце и големи желби за промени.

„Не се срамам што учествував во оваа кампања, бидејќи се обидов да внесам промени, да го кренам нивото на дебатата, да бидам своја, да не заборавам на етиката. Зошто сум задоволна од оваа најпрестижна школа во мојот живот? Многу од луѓето што ги запознав, велат дека по овие избори повеќе ништо нема да биде исто. Вредело да се учествува", рече Сиљановска. Таа потенцираше дека луѓето во неа препознале личност, што е многу важно за да се биде претседател.

Nord-Mazedonien Präsidentschaftswahlen  Gordana Siljanovska Davkova
„Најмногу им благодарам на граѓаните, не сум знаела дека има толку различни и прекрасни луѓе во Македонија“, рече Сиљановска Давкова (на фотографијата во текот на предизборната кампања)Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Ова беше најинтересното политичко искуство во мојот живот, сторив се’ што знаев и можев. Не се чувствувам поразена, туку нагрaдeна од оние што ме поддржуваа и ми веруваа", рече таа.

Повеќе: 

Пендаровски: Ќе им служам на сите, ќе обединувам, нема да делам!

СДСМ говори за фер процес, опозицијата за „изборен инженеринг“

„Професорке, Вие сте хероината на народот. Сметаме на вас. Ова е Ваш дом исто колку што е наш", и’ порача на Сиљановска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.  

 Вечерашното обраќање на Заев и Пендаровски тој го нарече „пародија" и им испрати порака.

„Тие знаат што ги чека од денеска натаму. Од денеска им почнува политички пекол што ќе го предводи ВМРО како најголема политичка сила. Стево вели 'слушајте го врховниот командант'. Јас велам - 'грешите, слушајте го народот'. Реалноста е следна: ако имаше парламентарни избори, најголем број мандати ќе освоеше ВМРО-ДПМНЕ. Споредено со хотел-коалицијата на СДСМ, направивме одличен резултат. Не’ навредуваа, ни го замрзнаа имотот на партијата, ни се закануваа, но ние работевме и дојдовме до близу 380.000 гласови. И ќе продолжиме да работиме. Што и да прават, не може да не’ избришат. Продолжуваме со двојно поголема мотивација, за да стигнеме до половина милион гласови на следните избори. Гордана може да изгуби само со тежок фалсификат или со изборен инженеринг. Тоа не се европски вредности. Затоа на Македонија и’ требаше техничка влада што ќе гарантираше непристраност на процесот", рече Мицкоски.