„На црно“ работат 140 илјади лица
1 август 2015„Ќе работам и 'на црно' и 'на сиво', само да заработам пари, да имам што да купам дома за јадење, да си ги платам сметките и кредитните обврски. Невработен сум веќе петнаесет години и не ме интересира ниту пензиско, ниту здравствено осигурување, барем не во овие години мачни за преживување. Газда на приватно претпријатие за вршење услужни дејности ме прими на работа пред некој месец, непријавено, но, тоа не ме интересира, само нека ми дава пари редовно секој месец “, овие зборови од изјавата на еден 46-годишен жител на Гостивар за ДВ, кој инсистираше на својата анонимност, би можеле да ги кажат десеттици илјадници граѓани на Македонија, кога би се побарало од нив да ја изнесат во јавноста својата животна приказна на тема „Невработеност, борба за егзистенција, работење ’на црно’ - да или не?“.
Две милијарди евра помалку во буџетот
Работењето 'на црно“ во поопштиот контекст на така наречената „сива“, „скриена“, или „алтернативна економија“, е социоекономски феномен, кој продолжува да ја чини Македонија стотици милиони евра. Според едно истражување на Центарот за економски анализи од Скопје, направено уште во 2012 година, „главните причини за скриена економија се, генерално, резултат на даночните оптоварувања, нискиот квалитет на јавните услуги, капацитетот на УЈП, политички привилегираните компании и високите трошоци за работната сила“. Весна Гарванлиева-Андонова, постар економист во овој истражувачки центар, укажува кои се другите главни наоди од тоа истражување, актуелни и во оваа 2015 година: „Според квантитативните резултати добиени од истражувањето за периодот од 2000 до 2011 година, скриената економија како процент од брутодомашниот производ бележи тренд на намалување според два индиректни метода. Според првиот, ’ЕЦМ-метод’, сивата економија се намалила од 34 на 24 проценти, а според вториот, ’МИМИЦ-метод’ таа опаднала од 52 на 47 проценти од брутодомашниот производ на Македонија. Имајќи ги предвид промената на даночниот модел (од прогресивен на рамен) во периодот 2006-2007 година, намалувањето на стапките на придонесите за вработените, намалувањето на административните процедури и регулативата за бизнис-секторот во истиот период, резултатите се мотивација на бизнисите за напуштање на дејствувањето во скриената економија и вклучување во официјалната економија. Во однос на стапката на невработеност, истражувањето покажува дека во истиот период 7 до 13 отсто (на годишно ниво) од официјалната стапка на невработеност се лица кои работат во 'неофицијалната', или 'скриена економија.“
Значи, „скриената економија“ со „работењето на црно“, како еден од нејзините аспекти, се движи на ниво од 24 до 47 проценти од брутодомашниот производ на земјата. Но, според податоците на „Eurofound“ за 2013 година, Македонија има неформална, или „скриена“ економија од 34,7 отсто од бруто домашниот производ. Што значат сите овие процентуални бројки, појасно кажано? Според последните расположливи податоци на Државниот завод за статистика, брутодомашниот производ на Македонија во 2013 година изнесувал 8 милијарди и 136 милиони евра. „Скриената економија“, односно, одбегнувањето да се плаќаат даночните и други давачки кон државата и задолжителните придонеси кон здравствениот и пензискиот фонд означуваат приходи во државниот буџет и во фондовските каси помали за 1 милијарда и 950 милиони евра, или за 2 милијарди и 440 милиони евра, или, пак, за дури 3 милијарди и 823 милиони евра помалку, зависно од тоа која методологија за анализа и пресметка се применува. Две милијарди евра помалку во буџетот и фондовите е сума исклучително висока за една мала земја каква што е Македонија.
Сериозен општествен проблем
Центарот за истражување и создавање политики од Скопје подготвува завршен „Извештај од следењето на скриената економија во Македонија“ и планира да го објави во јавноста во август, или во септември годинава. Тој извештај ќе содржи заклучоци и препораки за надминување на „скриената економија“ во земјата, добиени преку теренски анкети и анализа на поврзаните јавни политики и институциите, кои ги спроведуваат. Д-р Ана Мицковска-Ралева и м-р Емил Шурков, аналитичари на јавните политики од тој центар, за ДВ посочуваат на некои од поважните согледувања од споменатиот извештај: „Скриената економија во Македонија е висока, што ја прави сериозен општествен проблем. Можните негативни резултати вклучуваат општествени напнатости, растечка нееднаквост и јаз во приходите, како и корупција и криминални активности. Платата на околу 40 отсто од вработените со основно вработување е делумно пријавена, или е целосно непријавена.“
Поконкретно, поради кои причини поголемиот дел од невработените лица најмногу сакаат да работат „на црно“, согласувајќи се и да не бидат пријавени од работодавачите и да земаат плата „на рака“, во готово? Во одговорот на ова прашање Мицковска-Ралева и Шурков ги изнесуваат следните факти од споменатиот изештај: „Големата стапка на невработеност (27,3 отсто), големата долгорочна невработеност (над 80 проценти) и младинската невработеност (47,6 отсто) значат дека невработените се справуваат со значително тешки услови за влез на пазарот на труд. Со тоа и поттикот за учество во 'неформалната економија' е голем. Одбегнувањето да се плаќаат даноците се сфаќа како можност за остварување поголеми заштеди за работодавците и поголема плата за работниците. Дополнително влијание врз изборот за прифаќање или не на непријавена работа може да е и фактот што државните системи за осигурување се сметаат како несигурни од страна на 56,4 проценти од испитаниците во 2014 година. Оттаму, тие повеќе би сакале времена сигурност, која доаѓа со повисока плата наместо резервирани ветувања за подолготрајна сигурност, кои се темелат на јавниот систем на осигурување.’
Со вработувања „на црно“ до нелојална конкуренција
Што се однесува поодделно до „работата на црно“, и покрај ригорозните законски мерки и паричните казни за работодавците, неа ја прифаќаат и невработените, кои чекаат на работа повеќе години, и вработените со ниски плати, кои не им се доволни за нормална живејачка, па работат дополнително за некој денар повеќе. Во изминативе неколку години се откриваат во просек по илјада лица годишно што работат без договор. Во овој контекст, Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи и заменик-претседател на Социјално-економскиот совет на Македонија, за ДВ нагласува: „И покрај зајакнатите контроли и зголемените казни за непријавените работници, анкетата на работната сила покажува дека ’работата на црно’ се уште изнесува повеќе од 20 проценти од вкупно вработените во државата. Тоа значи дека околу 140.000 лица работат на црно. Ако се земе предвид дека минималниот месечен износ за плаќање придонеси и персонален данок за еден вработен изнесува 76 евра, тогаш ќе се согледа дека годишно само за придонеси и данок се губат околу 127 милиони евра. Ако зборуваме за ’сивата економија’, тогаш ќе треба да се земат предвид и ненаплатениот данок на додадена вредност и данок на добивка. ’Работата на црно’ ги доведува во поповолна состојба овие работодавачи и тие претставуваат нелојална конкуренција за компаниите, кои работат според законските прописи. Во текот на 2015 година очекуваме дека ќе има опагање на работниците кои работат на црно, а главната причина ќе бидат мерките и политиките на Владата за оваа година за ослободување од плаќање на придонеси и даноци на многу категории на невработени лица. Ваквите мерки ќе ги дестимулираат работодавачите да вработуваат ’на црно’ и ќе ги охрабрат оние кои веќе имаат такви работници да ги пријават во системот на пензиското и здравственото осигурување.“
„Намалената бројка на откриени работници 'на црно' во минатата година, во споредба со претходните, се должи и на зголемениот број на инспекциски надзори, но и на измените на законот за работните односи, со кои се предвидени повисоки казни за работодавците, кои ангажираат лица без договор за вработување. Законот предвидува казни и до 11 илјади евра.“ , напоменува Министерството за труд и социјална политика.
Според Димитров, законот за безбедност и здравје при работа и други закони, произлезени од усоласувањето на македонското со европското законодавство, „донесоа нови давачки и финансиски оптоварувања за компаниите“. Организацијата на работодавачи бара малите и микро претпријатија да се ослободат од ваквите законски обврски, бидејќи тие „преставуваат големо оптоварување за ваквите компании.“