1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јанша ја кани ЕУ да се увери во правната држава во Словенија

ЕМФ | агенции
26 февруари 2021

По критиките од Брисел, словенечкиот премиер Јанез Јанша покани претставници на ЕУ во Словенија, за да создадат слика за правната држава на лице место.

https://p.dw.com/p/3py21
Belgien I Slowenischer Premier Janez Jansa
Фотографија: Olivier Hoslet/Pool/REUTERS

Јанез Јанша и' испрати писмо на Урсула фон дер Лајен. Во писмото до претседателката на Европската комисија, словенечкиот премиер кани работна група од ЕУ која би ја посетила Словенија „најбрзо што е можно“ и би се уверила во владеењето на правото во таа земја. Јанша укажува на тоа дека неговата земја го презема претседавањето со ЕУ на 1 јули.

Словенечката влада „не сака нашата работа да биде засенета од апсурдни обвинувања“, напиша Јанша во писмото, кое го објави на Твитер. Брисел би требало „од прва рака“ да се запознае со состојбата на демократијата, владеењето на правото, независноста на правосудството и слободата на медиумите во Словенија, оценува тој.

Европската комисија остро го критикуваше конзервативниот шеф на словенечката влада за напади врз претставници на медиумите. Јанша претходно обвини репортерка на магазинот „Политико“, која го критикуваше поради неговиот однос кон претставници на медиумите, дека ширела „лажни вести“ и „левичарско екстремна пропаганда“.

Комисијата уште претходно изрази загриженост во врска со политичкиот притисок врз медиумите во Словенија, откако владата сакаше да ги скрати средствата за новинската агенција СТА. Јанша повеќепати остро ја нападна СТА, откако агенцијата, меѓу другото, ја критикуваше неговата влада за односот во корона-пандемијата.

Повеќе:

Што може да направи Брисел против „испадите” на Јанез Јанша?

Каде оди Словенија на чело со Јанша?

Напади на троловите и власта врз новинарите во Словенија

„Кој ќе помине ден или два во придружба на способен преведувач за да ги проследи словенечките медиуми и политичката динамика“, тој ќе го сфател неговиот став, напиша Јанша во писмото до Фон дер Лајен. Според него, досега, за жал, европските институции придонесле за ширење на „сага од неосновани обвинувања“ на сметка на неговата влада, уверува Јанша.

„Слична ситуација имавме и пред 2008 година, кога нашата земја требаше првпат да го преземе претседателството со ЕУ“, објаснува словенечкиот премиер и додава дека првото словенечко претседателство со ЕУ не се покажало како „закана за Унијата“.

Претседавањето со ЕУ во 2008 година беше во време на првиот мандат на Јанша. Новинарите уште тогаш го обвинуваа за цензура и политички притисок врз медиумите. Неговиот авторитарен стил му го донесе прекарот „словенечки Путин“.

Конзервативната партија на Јанша, ПДС, беше соборена од власт кратко потоа. Во 2012 година Јанша повторно состави влада, но ја загуби премиерската позиција една година пото,а поради обвинувања за корупција. Во 2020 година беше избран по трет пат за премиер на Словенија.