Спојување на Исламска држава и Ал Каеда?
9 јуни 2017Официјалните изјави од САД или од Ирак често звучат како дека претстојното „ослободување“ на градот Мосул во Ирак ќе значи истовремено и крај на т.н. Исламска држава, а со тоа и на исламистичкиот тероризам воопшто. Така, американскиот министер за одбрана Џејмс Метис на крајот на мај во врска со американскиот претседател Трамп изјави:
„Тој нареди тактичка промена на стратегијата, наместо да ја истиснуваме ИД од освоените области, непријателот сега го вовлекуваме во исцрпувачка борба во неговиот бастион, па на таков начин ќе можеме да ја уништиме Исламска држава.“
Но, тоа е сепак сомнително:борците на ИД, забарикадирани во Мосул, можеби до еден ќе го најдат својот гроб во градот. Можеби и нивниот водач, Абу Бакр ал-Багдади ќе биде убиен таму. Тоа недвојбено би бил многу силен удар против џихадистичките милиции, конечно, токму во Мосул Ал-Багдади го прогласи својот калифат.
Меѓутоа, падот на Мосул нема да значи крај на ИД во Ирак. Многу борци од ИД, соочени со загубите во Мосул, се повлекоа во други ирачки провинции, посебно во североисточните.
На другата страна на границата, во Сирија, Исламска држава набргу или на подолг рок исто така може да го загуби своето упориште, Рака. Во борбите околу градот учествуваат и САД, меѓу другото, со лиферување оружје на курдските милиции. Портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер:
„Курдските единици меѓу сириските бунтовници се важни заради обезбедување јасна победа над Исламска држава.“
Меѓуграничната област меѓу Сирија и Ирак може да биде подрачјето каде ќе се прегрупираат распрснатите борци на ИД. Ова подрачје беше „татковината“ на Ал Каеда во Ирак, од која пак произлезе и Исламска држава. Во 2013 година настана разијдување меѓу Ал-Багдади и наследникот на Осама бин Ладен, Ајман ал-Завахири, а со тоа и отцепување на сегашната ИД од Ал Каеда. Но, откако ИД сега во Ирак и во Сирија паѓа под сѐ поголем притисок, постојат обиди за повторно проближување. Тоа на пример го кажува Ијад Алави, заменик претседател на Ирак:
„Имаме сигурни информации според кои циркулираат посредници меѓу ИД и Ал Каеда.“
И една на интернет објавена видео-порака, која му се припишува на Ајман ал-Завахири, навестува вакви приближувачки обиди. На адреса на своите луѓе во Сирија, гласот порачува:
„Морате да се обедините со своите браќа и џихадисти во Сирија и насекаде во светот. Зашто, во моментов доживуваме крстоносна војна против муслиманите во светски рамки.“
Пречка на патот на повторното обединување на терористичките организации е што ниту првиот човек на Ал Каеда, ни шефот на ИД нема да се одречат од лидерството во полза на оној другиот. Ако еден од нив двајцата умре или биде убиен, приликите се менуваат.
Идеолошки, ИД и Ал Каеда во меѓувреме си одговараат повеќе од претходно. Во времето, Ал Каеда на нишан го имаше „далечниот непријател“ - на пример САД. ИД војува против „блискиот непријател“, владите во регионот и луѓето кои не се приклучуваат кон џихадистите. Но, и атентаторите од ИД одамна се низ Европа, како што е најновиот случај во Манчестер. ИД во моментов се бори против секој кој е различен, насекаде во светот.
Значи, би било можно претопувањето меѓу ИД и Ал Каеда по падот на Мосул да води кон засилен терор. Посебно, ако на милитантните исламисти не им се извлече идеолошката почва од под нозете. Ирачкиот заменик-претседател Алави е свесен за тоа:
„Затоа подвлекувам, ако паралелно со воената офанзива не водиме и политички процес, ќе се соочиме со друг проблем, уште поопасен отколку ИД и Ал Каеда заедно.“