1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Премиер, претседател, сѐ

Немања Рујевиќ
1 април 2017

Во Србија утре се одржуваат претседателски избори. Веројатно ќе победи човекот кој и онака има апсолутна власт во државата. За опозицијата е успех дури и ако „избори“ втор круг.

https://p.dw.com/p/2aUPr
Serbien Premierminister Aleksandar Vucic
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Isakovic

Тој е сеприсутен, се инсценира како политичар кој неуморно се бори за благосостојбата на земјата. Премиерот Александар Вучиќ сака да стане претседател, а најдраго би му било ако тоа му успее уште во првиот круг. Речиси секојдневно отвора нови фабрики и делови од автопати, дури и отворање сала во селско училиште не може да мине без Вучиќ. Секогаш присутни се безброј новинари, од кои само мал дел се осмелуваат да му постават критички прашања. На турата низ земјата Вучиќ е во придружба и на својот партиски народ, кој го следи во колони со автобуси. Неговите приврзаници, доколку се вработени во државната администрација, за таа цел добиваат слободни денови. Има и храна. Партијата на Вучиќ мисли на сѐ.

„Мора ли секогаш функционер да отвора ново училиште, или дел од автопат?“, прашува Златко Миниќ од Транспаренси Србија. „Дали медиумите известуваат за тоа или пеат пофални химни за носителот на функцијата?“

Статистиката го дава одговорот. Освен некои весници кои имаат мал тираж и една кабелска телевизија, сите медиуми пеат само пофални песни за Вучиќ. Канцеларијата за општествено истражување, белградска тинк-тенк организација, пресмета дека присуството на Вучиќ во вестите е поголемо отколку на сите останати десет кандидати заедно. Се разбира, притоа тој е претставуван само во позитивно светло.

Serbien Aleksandar Vucic Autobahnbau E-763
Вучиќ е сеприсутен, отвора нови фабрики и делови од автопати, па дури и сали во селски училиштаФотографија: picture-alliance/Photoshot/N. Cabric

Моќта се сели заедно со Вучиќ

Оној кој не ги знае обичаите во балканската политика, можеби е збунет: зошто еден релативно млад политичар (47), кој за себе тврди дека е најуспешниот премиер „во поновата историја“, ја менува најважната функција во земјата за претседателската, која е репрезентативна?

„Во Србија Уставот и онака има мала вредност. Моќта се префрла на онаа функција на која Вучиќ се наоѓа во моментот“, вели Јово Бакиќ од Филозофскиот факултет во Белград.

Претседателската функција отсекогаш имала силен психолошки ефект - автократот Слободан Милошевиќ, како и демократот Борис Тадиќ, во свое време порадо владееја од претседателската позиција. Тогаш раководењето со владата ѝ се префрла на личност-марионета, а Вучиќ такви има доволно меѓу своите министри.

На случајот не се препушта ништо: помошниците на Вучиќ од Српската напредна партија, одат во посети на граѓани, носат храна, нудат бесплатни здравствени прегледи, потстрижуваат бесплатно или нудат бесплатен превоз до избирачкото место. „На власт е авторитарна гарнитура. Пораз за нив би бил вистинска катастрофа“, нагласува Бакиќ.

Вучиќ е осочен со обвинувања дека си ја третира државата како приватна сопственост: работни места и тендери се делат со партиска милост, медиумите се користат како пропагандно оружје, додека пензиите се кратат, а илјадници млади луѓе се иселуваат од државата. Нанадвор, пак, Вучиќ се презентира прагматично, како некој кој спроведува реформи и гарантира стабилност. Набљудувачите критички ги оценуваат неговите патувања во Берлин и Москва среде кампања. Се вели дека Вучиќ сака само да презентира фотографии со моќни политичари. Кога ќе добие дури и мала критика - Ангела Меркел ги тематизираше слободата на медиумите и граѓанските права во Србија - тоа се игнорира од страна на домашните медиуми.

Deutschland Angela Merkel und Aleksandar Vucic
Медиумите во Србија ги игнорираа забелешките на Меркел на тема медиуми и граѓански праваФотографија: Reuters/F. Bensch

Борба за втор круг

Демоскопите предвивуваат 50 до 56 проценти гласови за Вучиќ. Втор круг на изборите би бил мало чудо, веќе и поради тоа што конкуренцијата одвај да има пристап до медиумите, па е принудена на герилски кампањи на социјалните мрежи.

Се очекува најголем број гласови од противничките кандидати да освојат поранешниот народен правобранител Саша Јанковиќ, кој во последните пет години документираше голем број афери на власта и стана трн в око за конкуренцијата, како и Вук Јеремиќ, поранешен министер за надворешни работи, кој трката за местото генерален секретар на ОН ја заврши на второ место, зад Антонио Гутереш. На „задолжителните прашања“ во српската политика, тие одговараат исто како и Вучиќ: „да“ за ЕУ и соработка со Русија, „не“ за независност на Косово.

Властодршците во Јанковиќ и Јеремиќ гледаат опасност. Булеварските весници блиски на власта ги опишуваат како „психопати“, „странски агенти“ и „кандидати на НАТО“. Врв на валканата кампања беше неоснованото тврдење на владејачката партија дека сопругата на Јеремиќ, инаку поранешна водителка на вести, била „водач на картел со дрога“ во Србија.

На политичката сцена сосема нов е ликот на Лука Максимовиќ. Тој предизвика вистински „хајп“ и ја одушеви пред сѐ младината. Настапува под псевдонимот Љубиша Прелетачевиќ „Бели“, носи бела облека и сурово ги пародира политичарите: ту ветува ќе се направи море, ту од другите политичари бара 720 милиони евра поддршка за себе. Дел од анкетите предвидуваат дека младиот 27-годишен сатиричар би можел да освои дури 12% гласови.

Бели за претседател: пародија или нешто повеќе?

Ако Вучиќ не победи во првиот круг, тогаш ќе се оди уште еднаш на гласање и тоа на16 април. И тоа ја лути опозицијата, зашто на овој ден во Србија се слави Велигден и многу неопределени гласачи најверојатно ќе останат дома.