Мерко за ДВ: Струга ќе добие три пристаништа
3 мај 2021Струга треба да добие три пристаништа до крајот на годинава, со што ќе започне да се реализира долго најавуваната идеја за воспоставување бродска линија меѓу Струга, Охрид и Поградец во соседна Албанија. Пред почетокот на летната сезона, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за ДВ најавува дека е во план збогатување на понудата на градот и негово поврзување со Поградец. Со тоа ќе се збогати туристичката понуда на регионот, а ќе се реализира и проектот кој со години наназад се најавуваше во јавноста.
Струшкиот градоначалник изнесува детали за проектот, со кој е предвидена набавка на еко-бродови, а ги открива и локациите на коишто е во план да се градат пристаништа во Струга.
Бродови на соларна енергија
„Во план е да се набават два брода со сончеви колектори, коишто нема да го загадуваат езерото, како и поставување на три платформи, коишто ќе служат како пристаништа, со што ќе се воспостави бродската линија до Охрид и Поградец“, вели струшкиот градоначалник.
Едното пристаниште ќе биде на сливот на реката Дрим, кај хотелот Дрим, а во план се уште две пристаништа – едно кај хотелите Бисер и Изгрев и едно кај Езерски лозја. Набавката на два брода кои работат на соларна енергија, надлежните сметаат дека ќе даде директен придонес за подигање на јавната свест за зачувување на животната средина и промоција на туристичката понуда во овие области.
-повеќе на темата: Горат трски на струшкото крајбрежје, Мерко вели дека нема да дозволи ниту една градба
„Веќе сме во фаза на одобрување на проектот, кој ги помина сите фази. До крајот на годинава се надеваме дека ќе започне и реализацијата на проектот“, вели Мерко.
Охрид, Струга и Поградец треба да се поврзат со редовна бродска линија низ Охридското Езеро во рамки на програмата за прекугранична сработка на С. Македонија и Република Албанија, преку Инструментот за претпристапна помош ИПА 2.
Развој на туризмот
Проектот се очекува да даде стратешки придонес за развој на туризмот и зачувување на културното наследство во прекуграничните региони на сливот на Охридското Езеро, Струга и Охрид во С. Македонија и Поградец во Албанија. Целта е граѓаните од двете земји преку Охридското Езеро, преку редовни бродски линии да имаат можност да посетуваат неколку туристички дестинации кои се темели на културното наследство во овие две прекугранични области.
-повеќе на темата: По четврт век преговори конечно бродска линија Охрид – Поградец
Идејата да се воведе бродска линија Охрид-Струга не е нова. Бродската линија Охрид-Поградец првпат се воспостави во 2014 година. „Ова е историски ден кој ќе придонесе за развој на двете држави, а особено за развој на туризмот“, се согласија тогашните министри за транспорт и врски на Македонија и на Албанија, Миле Јанакиески и Едмонд Хаџинасто при симболичното отворање на бродската – сезонска линија, која требаше да функционира за време на летните месеци. Но, за кратко време беше укината поради слаб интерес.