Субвенции и за минималецот - може ли буџетот да издржи?
5 февруари 2022Субвенции за плати, пензии, земјоделци, инвестиции, последици од пандемијата на Ковид-19 - македонските буџети низ годините одвојуваат стотици милиони евра државна помош за разни намени. Се поттикнува развојот, но се обезбедува и социјален мир. Ова веќе е традиција, а ставките од година во година стануваат сѐ побројни и потешки. Само за земјоделците годишно се издвојуваат околу 110 милиони евра, или вкупно 150 милиони евра со ставката наменета за плати и придонеси за плати. Оваа политика низ годините дава ефекти, но повеќе социјални, а помалку развојни за економијата. Експертите се загрижени.
Култура на субвенционирање
„Во претходниве 15-тина години, ние како општество негувавме култура на субвенции, односно очекување дека државата треба да доделува помош во секоја можна ситуација во која примателите не се задоволни од некој исход. По дефиниција, субвенциите се краткорочна мерка која треба да коригира некој пазарен неуспех или потешкотија, на пример, помош на компании во потешкотии, но со јасен бенефит за општеството. Проблемот кај нас се јавува што државната помош нашироко се сфаќа како социјална мерка. Земете ги земјоделските субвенции, од кои значаен дел сѐ уште се определени според инпут, на пример, засеана површина, а не по аутпут, на пример, приносот од единица површина. За нив се трошат годишно околу 110 милиони евра, а во првите години од нивото воспоставување дури и не се криеше целта дека тие имаат повеќе социјален карактер, отколку да помогнат за конкурентно домашно земјоделско производство. Втората категорија по големина, со близу 40 милиони евра, се субвенциите на платите и придонесите од плати, кои беа доделени само за да се забрза целта која си ја постави владата, да достигне просечна плата од 500 евра, што наскоро ќе биде постигнато, меѓутоа е платено многу скапо со народни пари. Да не ги спомнувам субвенциите на странските компании, потоа субвенциите преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, којшто во ригорозна студија од Finance Think, го оценивме како скоро целосно неефикасен, односно дека државната помош доделена преку него не ги дава очекуваните резултати“, коментира за Дојче веле, Благица Петрески, главен економист и извршен директор на институтот Finance Think.
Овие големи ставки на субвенции се голем товар за буџетот и со тенденција да се прошируваат. Како најново, се бара дел од нив да бидат во функција на поддршка и на минималната плата за која деновиве се води битка меѓу синдикатите, власта и работодавачите. Работниците не попуштаат во барањето за зголемување на минималецот на 18.000 денари. Владата поддржува зголемување на платите, стопанствениците се против наметнато решение со закон, посебно во услови на криза.
Проста математика
Клучната дилема е каде ќе се најдат потребните пари ако стопанството тврди дека нив ги нема. Проста математика покажува дека месечно зголемувањето ќе ја оптовари економијата за околу 5 милиони евра. Толку би чинело зголемувањето кое би требало да го добијат 110.000 работници колку што сега се на минимална плата од 15.200 денари. Стопанствениците предупредуваат дека овој товар самите нема да можат да го издржат и бараат буџетска интервенција:
„Потребата од субвенции ќе биде неопходна, но во предлог законот што го поднесе синдикатот во парламентот нема член за ова. Но тој е потребен за одредени категории кои тоа нема да можат да го постигнат, да има субвенции од владата. Инаку тоа не поминува, нема волја. Зборуваме за една категорија на луѓе кои не знам дали сфаќаат, дали знаат како изгледа да се направи 22.000 бруто плата, чист профит од приходот кој ќе треба да го поминеш низ сметка. Зборувам за оние кои се во знаетчиство, трудоинтензивни дејности со мали можности за исплаќање на плата или приходи, не само во пандемија и криза, туку воопшто. Ќе бидеме сведоци на засилување на сивата економија, но и на бран отпуштања, на крај ќе дојдеме во ситуација да бидеме уште позадолжени, до поголеми даноци“, реагира во изјава за ДВ Миле Бошков, претседател на Бинзис Конфедерација.
Од Владата засега се воздржани околу најновиот предлог и сметаат дека е потребна дополнителна анализа. Експертите се загрижени и предупредуваат дека мора да се внимава оти и досега државната интервенција по разни основи го јаде развојот на економијата, а влијае на зголемување на јавниот долг кој во меѓувреме надмина 60% од брутодомашниот производ. Гледаат простор за нови интервенции, но не по која било цена:
„Постојано зборуваме за фискална консолидација и рационализација на непродуктивни трошења, што треба да го смали притисокот врз јавниот долг. Се разбира, кога зборуваме за непродуктивни трошења, прво ни паѓа на памет, автомобили и мебел, меѓутоа не треба да се исклучуваат и субвенциите, кои треба да се рационализираат и да се ориентираат кон исходи. Во таков случај, со многу помалку средства, како општество ќе постигнеме повисоки резултати кои ќе имаат и долгорочна одржливост. Во тој контекст, да споменам дека имаме и такви субвенции во системот, кои се неспоредливо помали во обем, но со одржлив резултат: на пример, субвенциите за енергетска ефикасност кои се доделуваат преку Министерството за економија“, коментира Благица Петрески.
За некому да дадеш, треба од некого да земеш
Дел од упатените предупредуваат дека субвенциите се претвориле во еден вид стекнато нераскинливо задоволство на гласачите во функција на политиката. Сметаат дека е крајно време да се напуштат практиките на субвенции за поттикнување политичко задоволство:
„Владините чекори за поддршка преку буџетот се диктирани од чувствителната политичка ситуација. Минатата и годината пред неа, имаше пари од надвор за ублажување на последиците од Ковид-пандемијата. Но уште тогаш предвидовме дека македонската економија нема да има сила да продолжи со субвенции затоа што е премногу задолжена, посебно што веќе нема простор за поволно задолжување од надвор. Но со оглед дека потенцијално може да дојде до социјални немири во услови кога на крајот на месецот ќе истече мерката за замрзнати цени, ќе дојдат до ситуација да се нема каде од страв да нема поголемо незадоволство и да дојде до прашање стабилноста на коалицијата. Владата погрешно популистички пласира пред јавноста дека тоа е во интерес на граѓаните. Да, можеби е во интерес на една група, но владата не создава пари, таа треба од некого да земе за некому да даде. Така што се доведени во ситуација да бидат принудени на вакви чекори, а какви ќе бидат последците на подолг период може само да замислиме“, предупредува во изјава за ДВ Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.
Стопанствениците немаат дилеми дека субвенциите се потребни за поттикнување на економијата, но реагираат дека е крајно време повеќе да се води сметка за растот на брутодомашниот производ, а помалку за купување социјален мир и политичко задоволство:
„Земете го за пример земјоделството, тие луѓе тонат во сиромаштија, станува збор најтрудоинтензивна дејност, а гледаме дека наместо развој, парите што се даваат носат сиромаштија. И ние сега се бориме за нив за поголема минимална плата. Од друга страна, субвенциите се добри за поддржување на економијата. Не сакам да бидам контрадикторен, но тие се важни за да се поттикнува структура во бизнисот. Но гледаме дека субвенциите за патишта и инфраструктура на пример се искористени за нешто друго. Или како парите одат за други намени и протежирање одреден број мали фирми, како што е примерот со енергетиката. Мора да го смениме принципот, оти со секоја субвенција практично го оставаме човекот да спие. Затоа сме ние непродуктивни, затоа што сме навикнати на субвенции, во сите сектори“, реагира Бошков.
За да се штеди, треба да има политичка волја
За да има промени, според него, потребна е и политичка волја:
„Има простор да се штеди, да се откажеме од луксузирања. Треба да има концепт на одложување, бришење на некои ветени политички агенди. Да се носи ризик, да се штеди, но треба да има политичка волја за тоа. Проблем се и фондовите кои се поставени на десетици места, наместо да се централизирани во една агенција, каде би ги имале сите податоци со сите критериуми. Ние имаме во секое министерство фонд со кој располага и тоа е еден вид организациска култура за корумпирање на гласачите. Класичен клиентелизам“, реагира Бошков.
Дали и растот на минималната плата ќе стане дел од субвенциите во буџетот ќе биде познато во текот на наредната недела. Во понеделник (7.02) ќе има седница на економскиот совет, на која ќе се дискутира за сите предлози изнесени околу минималната плата.
Како изгледа структурата на субвенциите, односно каков е соодносот и нивната намена покажува анализата на Finance Think за периодот 2018-2020 година од која може да се види дека државната помош поврзана со Ковид-19 веќе го надминала износот којшто се доделува за субвенции во земјоделството, а субвенциите за придонеси за плати ги надминале трансферите кон странските компании. Освен за пандемијата, земјоделството, поддршката на инвестициите и платите, од државната каса се одвојуваат средства и за повеќе други намени. Дел од нив се наменети за поддршка на вработувањето, субвенции за енергетски проекти, промоција на туризмот, за развој на мали и средни претпријатија, како и за разни програми во делот на иновациите преку Фондот за технолошки иновации и развој.