Сѐ погласни барања за санкции против Турција
2 септември 2017По двата нови случаи на уапсени Германци во Турција, германските политичари бараат поостар курс кон Анкара. Од повеќе страни доаѓаат критики на сметка на канцеларката Меркел, која е обвинета дека е премногу воздржана кон турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Пред сѐ опозицијата критикува дека канцеларката дејствува премногу помирливо. Врвниот кандидат на Зелените за изборите за Бундестагот, Џем Ездемир, вели: „Времето на гушкање помина.“ Германската влада, уверен е Ездемир, мора да има јасна порака за Ердоган: „Нема проширување на царинската унија, нема хермес-гаранции.“ Ездемир во изјава за весникот „Минхнер Меркур“ со нарекува Ердоган „грабнувач кој киднапира луѓе за да нѐ уценува“. Единствениот јазик кој Ердоган го разбира е „јазикот на парите“, нагласува тој.
„Сега е доста. Ова е серија прекршувања на европските основни вредности, постапки кои се против правната джрава“, вели и шефот на Христијанско-социјалната унија, Хорст Зехофер. Тој за „Нирнбергер нахрихтен“ оценува дека „пропадна секој обид за ова да се реши само со дипломатија“. „Затоа сојузната влада мора да испрати јасен сигнал“, вели Зехофер. Според него, треба да се стопираат преговорите со Турција за приклучување кон ЕУ и не смее веќе да се исплаќа финансиската помош за подготвување за приклучување кон Унијата. Тоа во наредните години е износ од 4,2 милијарди евра.
Политичари од повеќе партии вршат притисок за заострување на предупредупредувањето за патување во Турција. „Уште колку долго треба да го гледаме ова?“, прашува шефот на либералите Кристијан Лиднер. Тој е на мислење дека секоја отстапка за Ердоган значи „удар во колено за демократската опозиција“ во Турција.
Германската канцеларка Ангела Меркел вчеравечер во Нирнберг изјави дека апсењата во Турција „во најголемиот број случаи немаат никаква основа“. „Затоа мора да реагираме решително“ нагласи Меркел, меѓутоа притоа не конкретизираше како би можеле да изгледаат реакциите на Берлин.
Двајцата Германци, кои веројатно имаат турски корени, кои беа уапсени пред два дена на аеродромот во Анталија,според претпоставките на германската влада се уапсени поради политички причини. Многу прашања во врска со апсењето се сѐ уште отворени.