СЈО отвора седум нови истраги против 17 лица
19 декември 2017Предметите Странски служби, Друмарина, Рентген, Продуцент, Лидери, Тарифа 2 и Транспортер 2 се имињата на новите истраги кои Специјалното јавно обвинителство ги отвора против 17 лица осомничени за различни кривични дела. Меѓу осомничените се поранешни министри, заменици и помошници министри, директори на државни институции, пратеници и новинари.
Според обвинителката Фатиме Фетаи, во предметот „Странски служби“ осомничени се две лица за злоупотреба на службената положба и овластувања, и тоа едниот како директен извршител, а другиот како поттикнувач. Се работи за поранешен началник за оперативна техника во УБК и поранешен помошник министер во МВР. Двајцата, како што се вели, во декември 2014 година, спровеле незаконска набавка на опрема во МВР.
Во предметот „Друмарина“ осомничена е поранешна пратеничка, која се товари за кривично дело измама во службата. СЈО ја сомничи пратеничката дека во периодот од јуни 2011 до декември 2015 година до службите на Собранието поднесувала лажни патни фискални сметки и се стекнала со противправна имотна корист од околу 100 илјади евра.
Во предметот „Рентген“ осомничен е поранешниот министер за здравство, кој во 2012 година, при набавка на рентген и друга опрема за радиолошки служби, наводно сторил кривично дело злоупотреба на службена положба со фаворизирање на една од фирмите која учествувала на тендерот. Откако информациите за тендерот протекле во јавноста, министерот го раскинал договорот со фирмата на познатата новинарка, и склучил договор со второрангираниот на тендерот, од што, се сомнева СЈО, се здобил со имотна корист од 860 илјади евра.
Во четвртиот предмет, под името „Продуцент“, осомничен за злоупотреба на службената положба е поранешен министер за земјоделство, кој во ноември 2009 склучил договор за деловна соработка со друштвото за комуникација и консалтинг „Смарт центар Дооел“ во вредност од 50 илјади евра. Договорот бил склучен без почитување на законот за јавни набавки.
Петтата истрага која ја претстави Фетаи го носи името „Лидери“. Осомничен е инвеститор на објект изграден во близина на една странска амбасада во Скопје без одобрение за градба, со површина од 1.000 метри квадратни.
Шестата истрага „Тарифа 2“ е фактички продолжение на истрагата Тарифа и во неа повторно е осомничено лице кое е обвинето во претходната, под сомнение за злоупотреба на службената положба при имплементација на ЕРП софтвер во АД ЕЛЕМ. Со новите кривични дела, ова лице е осомничено дека предизвикало штета од околу 220 илјади евра, со неосновани исплати на средства за конзорциум од Чешка.
И последниот, седми предмет, „Транспортер 2“ е продолжение на случајот кој се води против поранешниот градоначалник на Битола и против 10 други лица за превозот на ученици од градот. Овојпат истрагата е проширена со уште три лица - директори на основни училишта кои не беа опфатени со првичната истрага.