Што не кажува Ангела Меркел за Западниот Балкан?
7 јули 2021„Со оглед на димензијата на проблемот кој во политичко-стратешка смисла се поврзува со Западниот Балкан, резултатите на Самитот се сепак слаби. Луѓето во регионот воопшто не добија никаков сигнал кој би покажувал како ќе се одвиваат практично работите во поглед на интеграцијата во ЕУ“, резимира берлинскиот весник Тагесцајтунг.
Притоа, укажува натаму весникот, и тоа како е забележливо дека „ЕУ млако реагира на агресивниот настап на Русија која го шири своето политичко влијание во Србија и Република Српска во БиХ, и која масовно и испорачува оружје на Србија“.
На угледот на ЕУ во регионот, без сомнение, ќе му наштети и фактот дека Унијата не успеа повеќе да му помогне во борбата против пандемијата, пишува Тагесцајтунг, со потсетување дека и Русија и Кина му испорачаа вакцини на Западниот Балкан.
„Ветувањето на Ангела Меркел дека ќе испорача три милиони дози вакцини, некако баш и не блика од одушевување“.
„И каде е иницијативата на ЕУ против политиката на Бугарија која сака да ја принуди Северна Македонија да признае бугарски корени? Што се дискутирало за слободата на патување за Косово? Како ќе изгледа борбата против автократските сили на Балканот, кога еден Јанез Јанша претседава со ЕУ? И што е со изборниот закон во БиХ?“ Тоа се прашањата кои ги поставува Тагесцајтунг во коментарот, со уште едно на самиот крај: „Зошто на Ангела Меркел и е толку тешко да проговори за тоа?“
Замор во чекалницата на ЕУ
Весникот Рајнише пост во текстот под наслов „Балканските држави стануваат нестрпливи“ пишува за фрустрациите на земјите од регионот кои се запрени на патот кон ЕУ. Тоа особено се однесува на Албанија и С. Македонија чиј почеток на преговорите е блокиран. Во текстот се цитира премиерот Зоран Заев кој вели дека тој потег е „огромно потфрлање на ЕУ и лоша порака за целиот регион“.
Германскиот весник нагласува дека во „чекалницата на ЕУ“ се повеќе се шири „замор“, и покрај ветувачките писма на намери и европската перспектива ветена уште во Солун во 2003 година.
„Од влезот на Хрватска во 2013 во ЕУ, проширувањето е практично замрзнато“.
Од заморот од проширувањето и недоследната политика на земјите-членки на ЕУ кон Балканот- која често зависи од избори и дневно-политички теми, кон застојот придонесуваат и билатералните „маневри на попречување“ од страна на соседите во ЕУ, но и недостатоците по прашањата за владеењето на правото и авторитарните тенденции во земјите- кандидати, пишува Рајнише пост.
„Вакумот на моќта до кој дојде поради намалениот интерес на ЕУ сега го користат некои други- не само Кина и Русија, туку и Турција и Унгарија кои систематски го градат своето влијание во регионот“.
Како пример за безбројните блокади во ЕУ, Рајнише пост го наведува случајот на Северна Македонија која е земја-кандидат од 2005 година.
„Најпрво Грција го блокираше почетокот на преговорите поради деценискиот спор околу името. Во 2018 година Скопје и Атина договорија промена на името во Северна Македонија. Но и покрај пофалбите од ЕУ за демонстрираната подготвеност на компромис, очекуваната награда од ЕУ за направените отстапки изостана“, заклучува Рајнише пост.