Тајна листа на атентатори-самоубијци на ИД
3 август 2017Германскиот весник „Велт“, објави дека германски државјанин се наоѓа на листата на потенцијални атентатори на Исламска држава- 27-годишниот Сами Ј., чие борбено име е „Абу Асид ал-Алмани“. Неговото последно живеалиште во Германија е градот Золинген во Северна Рајна Вестфалија. Сами Ј., наводно, има функција на атентатор самоубиец. Тоа произлегува од потерницата, која ја издаде Интерпол, а која на увид ја доби весникот „Велт“. Претходно Сами Ј. бил водечки член на во меѓувреме забранетата салафистичка група „Милату Ибрахим“. Тој во дел управувал со парите на оваа организација. Во есента 2012 година отпатувал во Египет, потоа во Либија и конечно преку Турција за Сирија, каде се приклучил на Исламска држава. Наводно, со него во Сирија отпатувале и неговите сопруга и дете. Од документите произлегува оти Сами Ј. во мај 2015 година им се приклучил на терористите од т.н. Исламска држава.
Она што не е јасно е дали Сами Ј. е воопшто жив, извести германскиот весник „Билд“. Во средината на јули ИД ја прошири веста за неговата смрт, но се споменати причините, што е многу невообичаено за оваа терористичка организација. Дали е тоа метод потенцијалниот атентатор-самоубиец незабележливо да се прокриумчари и уфрли во Европа? „Тоа е малку веројатно, но не е невозможно“, ги потенцираше „Билд“ изјавите на претставници на безбедносните служби.
И граѓанин на БиХ се наоѓа на списокот на атентатори-самоубијци на ИД
„Велт“, исто така, пишува дека на списокот на потенцијални терористи на ИД, кои требаат да извршат напади во Европа, се наоѓаат и 132 Ирачани- од кои 20 малолетници, како и осомничени лица од Северна Африка, арапските земји од Персискиот Залив, од Таџикистан и од Бангладеш. Меѓу нив има и 6 „потенцијални терористи“ на ИД од Европа, кои доаѓаат од Германија, Белгија, Франција, Холандија и од Босна и Херцеговина.
Списокот на потенцијални атентатори-самоубици, наводно, е откриен во ирачкиот град Мосул за време на антитерористичките акции против припадниците на т.н. Исламска држава. Американските тајни служби ги проучиле овие информации и ги проследиле до Интерпол. Интерпол, како што пишува „Велт“, уште во мај ги проследил овие податоци до европските полициски служби. „Велт“, повикувајќи се на германските служби за безбедност, извести дека ИД би можела да се обиде дел од исламистите тајно да ги испрати во Европа, за да извршат терористички напади.