Твитер отстрани објава на Трамп
29 јули 2020За американскиот претседател Доналд Трамп, Твитер е најчесто медиумот преку кој ги шири своите политички пораки. Сега оваа мрежа отстрани негов твит со видео со исклучително контроверзни изјави за пандемијата на коронавирусот. „Твитовите со видеото претставуваат прекршок на нашата политика во врска со информациите за Ковид-19“, објасни Твитер.
Во видеото извесна д-р Стела Имануел објаснува дека успешно лекувала 350 корона-пациенти, меѓу другото и со хидроксихлорокин. Американската агенција за контрола на лекови минатиот месец, по повеќе критички студии, ја повлече дозволата за оваа супстанција. Трамп, пак, постојано се залага за хидроксихлорокинот и наведе дека и лично го зема лекот.
Контроверзното видео претходно го избриша и Фејсбук. Според „Вашингтон пост“, тоа видео претходно го виделе повеќе од 14 милиони луѓе во светот. Во видеото, од страна на лекари се тврди и дека носењето маски за заштита не е неопходно во борбата против пандемијата.
Повеќе:
Твитер во борба против теориите на заговор
Навредениот Трамп му го возвраќа ударот на Твитер
Франција го забрани лекот против малaрија за Ковид-пациенти
Студија: Хлорокин не делува против Ковид-19
Видеото на Твитер го сподели и синот на американскиот претседател, Доналд Трамп Џуниор. Како реакција на тоа, Твитер го блокираше профилот на синот на Претседателот во времетраење од 12 часа. Портпарол на Трамп Џуниор ваквата постапка на Твитер ја оцени како „целосно неприфатлива“.
Претседателот Трамп објави и твит во којшто го нападна водечкиот американски епидемиолог Ентони Фаучи.
Во еден твит на Трамп се вели дека познатиот член на кризниот штаб за коронавирусот „за многу теми ја одвел во погрешна насока“ американската јавност, меѓу другото и во врска со хидроксихлорокинот. Претседателот и негово опкружување во текот на изминатите недели постојано се обидуваа да ја поткопаат веродостојноста на Фаучи. Раководителот на Националниот институт за алергии и инфективни болести ужива висок углед во јавноста. Со изјавите за опасноста од коронавирусот тој врз себе го навлече незадоволството на Претседателот.