Театар на отворено во Вевчани
13 јануари 2022Вевчанскиот театар на отворено и годинава привлече големо внимание во јавноста со креативните маски и перформанси коишто можеа да се видат на улиците во Вевчани. На карневалот, познат по тоа што на сатиричен и хумористичен начин ги отсликува случувањата од минатата година, се делеа „ковид сертификати“, се протестираше за тениската ѕвезда Новак Ѓоковиќ, се копаа биткоини, а на манифестацијата продефилираа и маските на пратеникот Кастриот Реџепи, директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски…
„Ова е театар на отворено и секогаш треба да се гледаат работите кои укажуваат дека нешто не треба така да се прави. Ако видите многу грубост, пораката е не бидете груби, ако видите вулгарност, пораката е не бидете вулгарни“, порача градоначалникот Спасе Кочовски.
Според него, сите оние негативни работи што можат да се видат на карневалот во Вевчани, можеби изгледаат екстремно прикажани, но не се навредливи.
Неизоставен дел на карневалското дефиле се и традиционалните маски на зетот и невестата, глупавите Августи, ѓаволите, зурлите и тапаните. Во утринските часови традиционално невестите од двете маала заедно со гостите одат на Вевчанските извори да наполнат вода, со која се прави зелник во кој се става паричка. Кај оној што ќе се падне паричката ќе биде среќен во текот на целата година. Според традицијата, манифестацијата завршува утре попладне (14.01.2022) со карневалско оро и палење на маските во центарот на Вевчани.