Терор и конфликти во Шри Ланка
23 април 2019Владата во Шри Ланка смета дека бомбашките велигденски напади во кои беа убиени 310 луѓе, се дело на терористичката радикална група „Нешнл Тохит Џамат“. Истрагата сега се концентрира на евентуална меѓународна поддршка на оваа група, како што изјави портпаролот на владиниот кабинет, Раџита Сенаратне: „Не гледаме како една мала организација од земјата можела да го изврши ова. Нашата истрага е насочена на откривање на тоа од каде стигнале атентаторите и како ги изработиле бомбите."
Уште во неделата беше објавено дека тајната служба на Шри Ланка имала индиции дека малку позната исламистичка група планира напади, меѓу другото и врз цркви.
Која е групата „Нешнл Тохит Џамат“?
„Не знаеме многу за ‘Нешнл Тохит Џамат', но таа покажува сличности со многуте други терористички групи активни во јужна Азија, како на пример ‘Ансарулах Бангла Тим' во Бангладеш, таа се чини е инспирирана од Ал Каеда“, истакнува во разговор за Дојче веле Зигфрид О. Волф, експерт за јужна Азија од бриселскиот Демократски Форум за Јужна Азија.
„Нивната главна цел е распространување на џихадистичката идеологја и создавање страв и омраза. Тие работат на потхранување на етничките и религиозни конфликти", дополнува Волф.
Мнозинското население во Шри Ланка е од будистичка вера, десет проценти се муслимани, а само шест проценти се католици. Односите меѓу мнозинското будистичко население на Шри Ланка и муслиманското малцинство во последните години беа затегнати. Во март 2018 година владата на Шри Ланка прогласи општа вонредна состојба заради запирање на насилството меѓу муслиманите и будистите.
Според набљудувачите, во Шри Ланка досега не постоеја вредни за споменување исламистички групи, но религискиот екстремизам во јужна Азија е во пораст, како на муслиманска, така и на будистичка страна.
Поврзаност со глобалните терористички мрежи?
Од оваа причина се поставува прашање зошто „Нешнл Тохит Џамат“ како можен извршител на терористичките атентати се одлучил да нападне цркви и странци, наместо да се обиде да им нанесе штети на будистите. Експертот Волф вели: „Меѓународните терористички групи засилено ги злоупотребуваат локалните конфликти за ширење на локалниот џихад во различни делови од светот.“
Конфликот со Ујгурите во западната провинција Ксинјанг во Кина и конфликтот со Рохингите во Мјанмар се два познати примери. Во двата случаи глобалните терористички организации, како „Исламска држава“ и „Ал Каеда“ се обидоа да ги иснтрументализираат локалните проблеми заради регрутација на дополнителни поддржувачи. Милитантните групи во Шри Ланка освен тоа одамна негуваат врски со меѓународните терористички организации.
„Неопходноста да се обезбедат пари ги принуди дури и сепаратистичките групи како ‘Тамилските тигри' да побараат помош однадвор“, објаснува Волф.
Повеќе:
Локална исламистичка група одговорна за нападите во Шри Ланка?
Терористичките напади го разоткрија привидниот мир во Шри Ланка
Крвава велигденска недела: Напади врз цркви и хотели во Шри Ланка
Со енормни напори на владата, Шри Ланка во последните десет години се разви во една од најомилените туристички дестинации. „Напад во туристички регион ветува предизвикување внимание кај меѓународната јавност“, вели Волф, а црквите се погодни како „меки цели“.
Силни тензии
Високорангирани претставници на муслиманите ги осудија терористиките напади врз цркви и хотели како „подмолни дела“ кои заслужуваат максимални казни. „Во името на муслиманската верска заедница на Шри Ланка им изразуваме сочувство на луѓето од христијанска вера и им пружаме рака на пријателство и солидарност“, се вели во соопштението од Советот на муслимански теолози.
Меѓутоа, нападите будат стравувања од повторно заживување на етничко и религиозно насилство во Шри Ланка. Полицијата уште во неделата вечерта јави за напади со запалливи средства врз џамија во северозападниот дел од земјата, како и врз муслимански продавници во западниот дел.
Бомбашките напади се голем противудар за властите во Шри Ланка, кои успеаја во последната деценија да го сузбијат насилството во земјата. Во долгогодишните конфликти со тамилските сепаратисти во северна Шри Ланка загинаа илјадници луѓе. Ес-претседателот Махинда Раџапкаса во 2009 година воено ја порази Ослободителната армија на тамилски тигри.
Но, самото отсуство на насилство ни оддалеку не значи дека Шри Ланка ги има надминато своите крупни социјални и политички напнатости, истакнува експертот за јужна Азија, Волф. „Етничко-верскиот судир меѓу будистичкото мнозинство и хиндуистичко-тамилското малцинство во 2009 година беше официјално завршен, но конфликтот егзистира и натаму, затоа што за овој повеќеслоен проблем досега нема најдено политичко решение“.