Томас Брај: Балканот не е центар на светот
19 декември 2020ДВ: Како германски новинар, со децении известувавте за Југоисточна Европа, проучувајќи ја нејзината историја и јазиците. Дури и докториравте на тема самоуправувачки социјализам на Југославија. Како дојдовте на таа идеја?
Томас Брај: Значи, во раните 1970-ти, југословенскиот модел на работничко самоуправување беше популарен на Запад - почнувајќи од Јузос, младинската организација на германските социјалдемократи, до новите еврокомунисти, ќе го споменам само Берлингер во Италија - сите тие бараа трет пат помеѓу капитализмот и државниот социјализам каков што беше, на пример, во СССР. Југословенскиот модел беше тотално „ин“, како што се вели денес, и магично привлекуваше луѓе. Јас бев меѓу нив.
Кога докторирав, се вработив во германската новинска агенција ДПА - тие бараа луѓе што знаеја источни јазици. Релативно брзо ДПА ме испрати во странство. Денес тоа не е необично, но тогаш беше апсолутна сензација за некој што беше млад. Така, во 1983 година, на 30-годишна возраст, дојдов во Белград.
Дали тоа беше Вашето прво патување таму?
Не, за Југославија веќе ме врзуваше долга љубов. Таму бев речиси секоја година, уште од крајот на 1960-те, на пат кон Грција со својата „бубачка“, а и на одмор. Апсолутно фасцинантна земја, природа, луѓе, култура, историја.
Во тоа време за Југославија имаше голем интерес заради политиката на Тито, заради неврзаните... Значи заради таа специфична улога помеѓу Западот и Истокот. Но, тоа беше нешто за специјалистите, а не тема за масовните медиуми. И не само Југославија, туку и цела Југоисточна Европа. Со ретки исклучоци, германските медиуми во 80-те години на минатиот век немаа свои дописници таму. Но, за ДПА Белград е важен уште од 50-те години на минатиот век. Инаку, повеќето од дописниците на важните западни медиуми беа, исто како и денес, во Виена.
Да, тоа е често случај. Зошто Виена?
Па, како што знаете, Виена има долга традиција во врска со југоисточна Европа, јас само ќе кажам - Хабсбуршкото Царство. И таму ја имате целата инфраструктура, можете да летате насекаде, немате технички проблеми. Се' се тоа проблеми кои ги имате на терен во Белград.
Но, ние, како Германска новинска агенција, сметавме дека е од суштинско значење да се биде на терен - и тогаш, во 1980-те, и сега. Друго е кога известувате за Југославија од Будимпешта, како што правеше, на пример, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, и кога за Југославија известувате од Југославија.
И, се разбира, тука е фактот дека многу дописници не ги знаат јазиците, па затоа зависат од индиректни извори, преводи или извори на англиски јазик. Затоа ДПА генерално во странство испраќа само луѓе кои зборуваат релевантни јазици. Замислете јас да читам „Политика“ секој ден и да треба да го сторам тоа со преведувач, кој ми кажува кој напис е важен, а кој не. Тоа не оди.
Одлично зборувате и пишувате српско-хрватски. Дали зборувате и албански, македонски, словенечки?
Не. Значи, мој втор мајчин јазик е српско-хрватскиот. Тоа ми беше сосема доволно за време на Југославија. Српско-хрватскиот јазик беше лингва франка и сите го разбираа и помалку или повеќе добро го зборуваа - Македонците, Словенците или Албанците. Како што е познато, Косово припаѓаше на Југославија и сите таму со кои имав контакт, претставници на компании, политичари, научници - сите зборуваа српско-хрватски, сите до еден. Денес, ако не зборувате албански, како што не зборувам јас, таму мора да зборувате англиски.
Што затекнавте во Белград во 1983 година? За што известувавте?
Дописништвото беше во Белград, но јас ги покривав и Албанија, Бугарија и Романија. Во сите тие земји се' уште владееше тежок комунизам. Тито почина во 1980 година. Во Југославија се' уште беше многу статично. Иако под површината вриеше, партијата се' уште имаше се' под контрола. Немаше за што многу да се известува.
Интересно стана со појавата на национализмот, и тоа не само од избувнувањето на војните, првите непријателства во Хрватска во 1991 година. Тоа се почувствува многу, многу рано, односно од средината и доцните 1980-ти. ЕУ со години се обидуваше да посредува. Со години, во Југославија се работеше на реформи и преобликување на Југославија. Имаше кризни состаноци, имаше закани. Имаше разни работи што предизвикаа интерес во странство. Од 1985 година натаму, известувањето стана поинтензивно.
Да, постои она проклетство: „Да даде Бог да живееш во интересни времиња“.
Но, го знаете, се разбира, и старото новинарско правило - не пишуваме за авион што не се урнал.
Да останеме кај таа слика. Авионот дефинитивно се урна во 90-те години од минатиот век. Но, Вие не бевте воен известувач, бевте шеф на дописништвото. Како известувавте?
Од почетокот на војните во Југославија, Белград за ДПА беше централа за вести - било да се работи за текстови, фотографии или аудио материјал за приватни радиостаници. Моите колеги беа редовно на првата линија на фронтот или, на пример, во Сараево, кој беше под опсада со години. Така, се случи во 1991 година, во Хрватска, моја колешка да биде со дописникот на „Зидојче цајтунг“, Егон Скотланд, кога во село близу Сисак беше убиен од снајперист.
Тоа беа бурни времиња. Колку е интересен Балканот денес за Западот и неговите медиуми?
Набљудувајќи внимателно, добив впечаток дека странскиот интерес за регионот на Балканот навистина драматично се намали. Денес, Балканот е регион за историчари, научници и новинари кои се специјализирани. Но, народните маси во Западна Европа сега не се толку заинтересирани за регионот. Всушност, воопшто не се заинтересирани.
Да, тоа се забележа во 2014 година, кога имаше криза околу Украина и кога некои новинари зборуваа за првиот конфликт по Втората светска војна во Европа.
Да. Сепак, мислам дека земјите од Југоисточна Европа, и пред се ’новинарството таму, но секако и политиката, имаат голем проблем затоа што самите се проценуваат погрешно - имаат многу центристички поглед на светот. Дури и интелектуалци, добро образовани луѓе, мислат дека целиот свет се врти околу Србија или Хрватска. Сега ќе преувеличам, но многумина мислат дека првото нешто за што мислат Меркел, Макрон или Обама наутро кога ќе ги отворат очите е - што ќе направам денес со Хрватска или Србија? Многумина мислат така. И, се разбира, и политичарите пренесуваат ваква слика.
Во медиумите се претставува како Балканот да е во фокусот на светските политичари, особено во Србија или Хрватска. Тоа е глупост. Многу често, тие моќни луѓе всушност не ни знаат што се случува на Балканот. Врвните западни политичари често го користат Балканот само како инструмент за да се стават себеси во центарот на вниманието. Тие не се искрено заинтересирани за она што се случува таму. Тие ги користат своите патувања на Балканот, својата политика кон Балканот, за да се стават во центарот на вниманието дома. Тоа секогаш ќе биде така. Целиот регион беше и останува периферно подрачје. Во фокус е само кога ќе се случи нешто драматично, како што беше војната од 1990-те, или бранот мигранти во 2015 година. Такви работи. Тогаш овој регион се враќа во фокусот на светот. Инаку, интересот не е многу голем.
Ние, во Дојче Веле го пренесуваме секој збор, секоја запирка на Ангела Меркел. Дали со тоа и ние придонесуваме за овој центристички поглед на светот?
Многу е можно. Но, околу примерот што го споменавте, вашата задача е да им го пренесете на луѓето она што госпоѓа Меркел го рекла за одреден проблем во Југоисточна Европа. Таквите изјави на Меркел најверојатно нема да ги најдете во вообичаените медиуми во Германија. Деновиве, во Брисел беше донесена прелиминарна одлука преговорите со Албанија и Македонија за приклучување да не бидат отворени оваа година, поради блокадата на Бугарија. Тоа, се разбира, беше голема работа во регионот. За тоа во Германија, освен кратки вести тој ден, немаше ништо повеќе. Тоа воопшто не е тема. Природно. Но, вие како странски медиум имате сосема друга публика и тоа го правите навистина добро.
Што мислите, од каде тој центризам на Балканот?
Ова е затоа што тоа е наратив со децении, во училиштата, во медиумите, кај политичарите. Се вели - ние сме важни! Потоа, тука е наративот за голема борба помеѓу Русија и Америка околу Србија. Се разбира, Русија има свои сфери на влијание. Се разбира, САД имаат свои сфери на влијание. Но, дека некоја од овие земји во Југоисточна Европа е на некој начин центар на односите помеѓу овие две големи сили, е целосно апсурдно. А, политичарите, кои ги водат овие претежно мали држави, го поддржуваат тој центризам, претставувајќи се себеси како да комуницираат рамноправно со великаните во светот.
И, тука се и националните митови, или злоупотребата на историјата во дневната политика, кои ја создаваат таа погрешна слика. За Србија и Косово, и манастирите, и да не зборуваме... Да го спомнеме само актуелниот спор помеѓу Бугарија и Македонија, околу тоа - чиј херој е Гоце Делчев. Или да го земеме повеќедеценискиот спор помеѓу Грција и Македонија околу прашањето - кој може да полага права на Александар Велики. А во Грција постојано се нагласува што се' античките Грци направиле за демократијата во Европа и притоа упорно се тврди дека постои директна врска помеѓу луѓе како Перикле во 5 век п.н.е. и денешните Грци. А, фактот дека таа земја 400 години била под Османлиското Царство и дека Албанците се населиле во Пелопонез, целосно се игнорира. За жал, има многу такви примери.
Д-р Томас Брaј (1953) од раните 1980-ти до пензионирањето работеше за Германската новинска агенција - ДПА, прво како дописник, а потоа како шеф на дописништвото за Југоисточна Европа. Предава новинарство на повеќе германски универзитети, пишува публикации. Само што излезе од печат неговата книга „Квалитетно новинарство во Југоисточна Европа“, создадена со помош на Фондацијата Фридрих Науман за слобода (ФНФ), која е блиска до германските либерали - ФДП.