Трамп и Путин: заеднички против тероризмот
15 ноември 2016Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот иден американски колега, според сопствени најави, стремат кон конструктивно партнерство. Во него спаѓа и борбата против меѓународниот тероризам и екстремизам, соопшти рускиот претседател по телефонскиот разговор на двајцата политичари. Разговорот се водел меѓу другото и за Сирија. Путин на Трамп во првиот телефонски разговор по изборите на 8 ноември му понудил партнерски дијалог, се вели во руското соопштение. Тој би се темелел врз взаемно почитување и немешање во внатрешните работи. Русија и САД мора да се вратат кон „прагматична кооперација од обострана корист“, која ќе ги има предвид интересите на двете земји, како и безбедноста и стабилноста во светот. Путин и Трамп имаат намера да го одржуваат телефонскиот контакт, а планираат и средба.
Сирија и Украина во фокусот
Тимот на Трамп во кусо соопштение објави дека републиканецот разговорот се водел околу редица теми. Притоа, станало збор и за заканите и предизвиците пред кои се наоѓаат двете страни. Трамп посакува силна и трајна врска со Русија.
Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата на 27 јануари 2017 година од демократот Барак Обама. Меѓу Путин и Обама во минатите години дојде до тензии, предизвикани првенствено од сирискиот конфликт, во кој рускиот претседател го поддржува сирискиот властродржец Башар ал-Асад, како и од анексијата на украинскиот полуостров Крим од страна на Русија. Меѓусебните односи дополнително се оптоварени со обвинувањата од Вашингтон за вмешување на Москва во американската предизборна кампања со недозволени средства.
Самиот Трамп со своите забелешки во врска со Русија за време на предизборната кампања предизвика изненаденост и скепса дури и кај републиканците. Трамп изрази восхит од Путин и се заложи за посилна соработка со Москва во борбата против терористичката милиција Исламска држава. Со тоа тој ја проби важечката линија на својата партија: водечките републиканци пледираа за поостар курс кон Москва.
Џулијани фаворит за министер за надворешни работи
Во меѓувреме од кругови блиски на Трамп се дознава дека поранешниот њујоршки градоначалник Руди Џулијани е фаворит за функцијата министер за надворешни работи. Во трка, според инфорамциите, е и поранешниот амбасадор на САД во ОН, Џон Болтон. Можно е Трамп уште деновиве да ги донесе клучните персонални одлуки. 72-годишниот Џулијани беше еден од најсилните поддржувачи на Трамп за време на изборната кампања. Но, наводно Џулијани повеќе бил заинтересиран да застане на чело на Министерството за правда.