1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трговска војна би била најлошо можно сценарио

Самир Хусеиновиќ
8 август 2017

Умерените пораки од Сараево будат надеж дека на Балканот нема да дојде до трговска војна, откако Хрватска еднострано ги зголеми таксите за инспекциски надзор на увозното овошје и зеленчук.

https://p.dw.com/p/2hrVr
Hungerprojekt Überfluss 6
Фотографија: picture-alliance / Paul Mayall

Одлуката Хрватска повеќекратно да ги зголеми таксите за инспекциски надзор за увоз на овошје и зеленчук предизвика незадоволство во регионот. Сепак, поради тоа што трговската војна никому не му е во интерес, надлежните министри од БиХ, Македонија, Црна Гора и Србија не донесоа одлука за воведување контрамерки. На состанокот во Сараево тие ја повикаа Хрватска да ги укине „дискриминирачките“ одредби. Од Европската комисија побараа да се вклучи во решавањето на овој спор во согласност со Договорот за стабилизација и придружување (ДСП). Порачано е оти, до решавање на проблемот, секоја земја ќе преземе мерки кои ги смета за соодветни.

Штети за целиот регион

Економскиот аналитичар од Бања Лука, Зоран Павловиќ, смета дека апелите не се доволни. Тој потсетува оти реципроцитетот на мерките е стандард во надворешнотрговската политика. „ЕУ започна цела низа иницијативи за во балканскиот регион да дојде до бизнис поврзување за цел на економски напредок, но и надминување на сите национални и други тензии. Хрватска со воведување на новите мерки го загрози тој процес. Стоковиот промет е забавен, а значителни количества овошје и зеленчук пропаѓаат. На просторот каде некогаш имавме заедничка држава, би требало да се градат добри меѓучовечки и меѓусоседски односи, а не да се носат одлуки кои предизвикуваат економски и политички тензии. Однесувањето на Хрватска, која е членка на ЕУ, е спротивно на сѐ што Унијата сака да постигне на Западниот Балкан. Затоа сум задоволен од потегот на Србија која веќе воведе контрамерки. Што се однесува до БиХ, ова е земја на три нации - Срби, Бошњаци и Хрвати. Се плашам дека при донесувањето на одлука за воведување контрамерки за Хрватска, министрите од редовите на хрватскиот народ во Советот на министри на БиХ повеќе би ги штителе интересите на Република Хрватска отколку интерсите на сопствените граѓани во БиХ. Тоа, за жал, е политичкиот амбиент во кој денес живееме“, вели Павловиќ за ДВ.

Bosnien-Herzegowina Sarajevo Handelsstreit
На средбата во Сараево Хрватска беше повикана да ги укине „дискриминирачките“ одредбиФотографија: klix.ba

Економскиот аналитичар од Тузла, Адмир Чавалиќ верува оти отворена трговска војна е „најлошо можно сценарио“ кое би влијаело на општиот пораст на цените и пад на понудата на производи во регионот. Тој смета дека протекционизмот води до намалување на конкурентноста во земјоделството, што носи низа негативни економски последици. „Во случај на трговска војна секоја земја би била оштетена, а најмногу всушност Хрватска. Четирите погодени земји од регионот спаѓаат во десетте најголеми извозни пазари за Хрватска и тоа е причинината зошто Хрватската земјоделска комора веднаш реагираше, надевајќи се на брзо решение. Покрај Хрватска, целиот регион би трпел економска штета, што би можело да доведе до заострување и на политичките односи. Земајќи го предвид ДСП и заедничката ЕУ-иднина, такво сенарио е навистина непотребно“, вели Чавалиќ за ДВ.

Можна модификација на хрватските мерки?

Чавалиќ потсетува оти Хрватска остварува „исклучителен“ суфицит со БиХ, така што евентуалните бариери само би ја зголемиле штетата. „Секако, покрај извозниците, тука се и потрошувачите на кои им се негира потрошувачкото право за конзумирање поевтини и(ли) квалитетни производи од увоз. Без разлика на актуелните случувања, мислам дека тоа прашање многу брзо ќе се реши бидејќи нема интерес за одолговлекување. Во Хрватска веќе почна да делува тој притисок од јавноста - како од потрошувачите, така и од извозниците - што неминовно ќе води кон укинување или модификација на тие бариери, барем за земјите од регионот. Покрај притисокот од регионот, тука се секако и институциите како ЕУ и Светската трговска организација“, потсетува Чавалиќ.

Wirtschaftliche Lage in der Republik Srpska
Фотографија: DW/E. Musli

Министрите од БиХ, Македонија, Црна Гора и Србија се договорија наредниот состанок на кој ќе разговараат за хрватските такси да биде одржан во Подгорица. По средбата во Сараево, хрватскиот министер за земјоделство Томислав Толушиќ ги повика колегите од соседните земји на состанок во Загреб наредната недела. Европската комисија сѐ уште не се изјасни за писмото од министрите за трговија од БиХ, Македонија, Црна Гора и Србија кои побараа интервенција во спорот со Хрватска. Медиумите ја пренесоа изјавата на неименуваното официјално лице од Брисел кое истакна дека ставот на ЕУ е дека „сите страни би требало да ги почитуваат обврските од ДСА“, нагласувајќи дека „ЕУ го поддржува развојот на трговијата и економската интеграција“.