1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турската блокада го закочи НАТО

БГ
15 март 2017

Кавгата меѓу Анкара и Виена целосно го блокираше Партнерството за мир на НАТО, пишува денеска печатот во Германија. Адутот на Ердоган не се само бегалците, туку и големите долгови кон европските банки.

https://p.dw.com/p/2ZBqm
Türkei Bundeswehr Luftwaffenstützpunkt Incirlik
Фотографија: Bundeswehr/Falk Bärwald/dpa

Според информации на весникот Велт, Турција ја блокирала соработката меѓу 28 земји-членки на НАТО и партнерските држави од Европа, Азија и поранешниот Советски сојуз.
„Во прв пред погодено е Партнерството за мир. Тоа доведе до блокада на заедничкиот тренинг и соработка меѓу 41 партнерска земја и членките на НАТО. Од гледна точка на Алијансата со тоа се загрозуваат или во најмала рака нарушуваат важни мисии на НАТО во Косово, во Авганистан или на Средоземното море. 'Турската блокада на програмата Партнерство за мир е многу сериозен проблем', велат високи кругови во НАТО“.

Првите ефекти од блокадата биле почуствувани деновиве, откако ниту еден војник од партнерските држави не можел да учество на обуката во Воената академија на НАТО во Рим. Неколку земји, меѓу нив и Шведска и Финска веќе ја изразиле својата загриженост до генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Причина за блокадата е кавгата меѓу Турција и Австрија. Турција ги блокира сите програми на Партнерството во кои учествува и Австрија. Анкара на тој начин реагира на барањата на Виена за прекин на преговорите за членство на Турција во ЕУ и критиките на сметка на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Во Алијансата се надеваа дека недоразбирањата брзо ќе се надминат. Но се случи спротивното“, пишува Велт.

Истиот весник предупредува дека не се само бегалците адутот во рака на Ердоган во судирот со ЕУ. Според Велт, Турција го користи и долгот кој го има кон европските банки за да врши притисок врз политиката. Европските банки се меѓу најголемите доверители на Турција.

„Банките ширум светот  на Турција ѝ позајмиле околу 255 милијарди евра. Најмногу треба да стравуваат шпанските банки: со позајмици од 82 милијарди евра тие ја предводат листата на доверители. Француските банки имаат позајмено околу 42 милијарди евра, германски околу 15 милијарди и италијанските нешто помалку од 11 милијарди евра“, пишува Велт

Водечко место во денешниот печат и натаму се посветува на судирот со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Таблоидот Билд, најтиражниот весник во земјата, го прогласува за непожелна личност во Германија и го нарекува „малечкиот човек од Босфорот“.

„Доста беше! Турскиот претседател Ердоган навредува други народи и со својот авторитарен стил на владеење ја загрозува стабилноста на Европа. Билд порачува: Хер Ердоган, вие сте тука непожелен“.