1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина: Оружје од Западот е потребно и повеќе и побрзо

ЕМФ | АРД
27 јуни 2022

Украинскиот претседател Володимир Зеленски со видео врска денеска ќе се вклучи на заседанието на шефовите на држави или влади на Групата 7. Се очекува Зеленски да бара повеќе оружје од Западот.

https://p.dw.com/p/4DHno
Ukraine-Krieg Kiew | Hilfe-Ruf auf Maidan-Platz
На плоштадот Мајдан во Киев со вреќи со песок е напишано „Помош“Фотографија: Nariman El-Mofty/AP/picture alliance

Володимир Зеленски бара повеќе оружје. Тоа го нагласи уште еднаш пред планираната видео врска со учесниците на самитот на Групата 7 во германската покраина Баварија. „Потребна ни е моќна противвоздушна одбрана - модерна, целосно ефикасна“, рече тој во своето видео обраќање вчеравечер (26.06).

Само во саботата 62 руски ракети ја погодиле Украина, вели Зеленски. Во меѓувреме, во градот Лисичанск, во источна Украина, и натаму се водат жестоки борби. Секое одлагање на испораката на оружје за Украина е покана до Русија да напаѓа и натаму, рече Зеленски во видео обраќањето. Според него, земјите од Г7 заедно имаат многу потенцијал „да ја запрат руската агресија врз Украина и Европа“. „Веќе има некои договори. Партнерите мора да се движат побрзо“, бара украинскиот претседател.

Ukraine Wolodymyr Selenskyj
Зеленски: Потребна ни е моќна противвоздушна одбранаФотографија: Natacha Pisarenko/AP/dpa/picture alliance

Украинскиот министер за одбрана бара системи за противракетна одбрана

Во меѓувреме, украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников од Западот конкретно побара модерни системи за противракетна одбрана со долг дострел. Тие треба да бидат стационирани брзо за да се обезбеди сигурност и на европските градови, напиша тој на Фејсбук. Резников ги оцени ракетните напади врз „мирните украински градови“ како подмолни, затоа што ракетите, како што вели, биле исфрлани или од руска територија, или од Белорусија, или од Капсиското и Црното Море. Резников предлага демилитаризација на делови од Русија како предуслов за обновување на односите меѓу Москва и Западот.

Битка за Лисичанск

Откако руските трупи го зазедоа градот Северодоњецк, во источна Украина, продолжуваат борбите за градот Лисичанск. Генералштабот на украинската војска вчеравечер соопшти дека непријателот, со поддршка на артилерија, сѐ повеќе се обидувал да го блокира стратешки важниот град од насока на југ. Била погодена и цивилна и воена инфраструктура. Тоа не може да се потврди од независни извори. Според украински информации, борби имало и на Змискиот остров во Црното Море, кој го освои Русија.

Infografik Lage Ostukraine Sjewjerodonezk EN

Повторно нападната платформа за гас во Црното Море

Повторно е нападната платформа за гас во Црното Море, соопштија претставници на, од страна на Русија анектираниот, полуостров Крим, а пренесе руската државна агенција ТАСС. Тие ја обвинија Украина за нападот. Ваквите информации не можат да се проверат. Како што се вели, во нападот немало повредени. Не е јасно дали избувнал пожар.

Пред неколку дена беа нападнати три платформи во Црното Море. Платформите, кои првично ѝ припаѓаа на Украина, беа окупирани во март 2014 година, кога беше извршена анексија на Крим.

- повеќеПроценка на воен експерт: Може ли Украина да ја порази руската армија?

Москва повторно поставува услови за преговори со Киев

Русија повторно ги услови преговорите со Украина со барање Киев да ги прифати барањата на Москва. Ваквата изјава доаѓа од шефицата на Советот на Руската Федерација, Валентина Матвијенко, а пренесе државната агенција ТАСС. Москва на почетокот на војната побара признавање на источноукраинските сепаратистички региони Доњецк и Луганск како независни држави, како и на анектираниот црноморски полуостров Крим како руска државна територија.