1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставните измени во Собрание: кој ќе дојде, а кој не?

10 октомври 2018

Вниманието на јавноста е свртено кон собраниската Комисија за уставни прашања: кој ќе дојде, а кој не, на седницата на која ќе се расправа за владиниот предлог за уставни измени?

https://p.dw.com/p/36GA9
Mazedonien Parlament in Skopje | Namensstreit mit Griechenland
Фотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/B. Ademi

Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македониja и официјално влегува во собраниска процедура. Денеска напладне во собраниската сала „Борис Трајковски“ за предлогот ќе расправа матичната Комисија за уставни прашања, а истиот предлог  е ставен на дневен ред и на пленарната седница закажана за в понеделник (15-ти октомври) во 11 часот.

Комисијата за уставни прашања има претседател, шеснаесет членови и исто толку нивни заменици. Со оваа Комисија претседава првиот меѓу еднаквите - претседателот на Собранието, Талат Џафери. Владејачкото мнозинство во Комисијата има седум членови, пет ВМРО-ДПМНЕ, и по еден член СПМ, ДПСМ, и БЕСА и Алијанса за Албанците. Меѓу опозициските пратеници се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот собраниски претседател Трајко Вељаноски, кои јавно се изјаснија дека нема да ги поддржат уставните измени.

Меѓупартиски пораки

Во пресрет на денешната комисиска седница, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачката СДСМ уште еднаш си разменија познати политички пораки.

„Зоран Заев и неговата криминална банда во Владата немаат мандат да менуваат Устав“, порача ВМРО-ДПМНЕ.

„Капитулацијата од Преспа е отфрлена од народот. Оттука сите народни избраници, Собранието како распишувач на Референдумот, Владата како извршна власт и сите други институции не смеат да ја газат волјата на над 1.200.000 гласачи кои на овој Договор му ставија точка. Ваква недемократска власт само ја оддалечува Република Македонија од какви било интеграции, особено од ЕУ и НАТО“, реагираше опозицијата.

Referendum Mazedonien
Фотографија: DW/B. Georgievski

„Јавно објавените уставни измени јасно покажуваат дека со нив се заштитува, зајакнува и гарантира македонскиот идентитет, кој конечно е признаен од целиот свет, вклучително и од Грција“, реплицираше СДСМ.

„Над 80 проценти од граѓаните и над 90 проценти од излезените граѓани јасно и недвосмислено се ЗА членство во ЕУ и НАТО. Сите пратеници во Собранието, вклучително и од ВМРО-ДПМНЕ мора да преземат одговорност, да ја следат волјата на мнозинството и да дадат поддршка на уставните измени. Амнестија за криминалот на Никола Груевски нема“, соопштија социјалдемократите.

Може и по итна постапка

Постапката за измена на Уставот треба да помине низ три фази и за неа според максималните рокови ќе бидат потребни околу три и пол месеци. Но, постапката може да се спроведе и како итна, доколку тоа го побара претседателот на државата, Владата, претседателот на Собранието, или 20 пратенци.

Во првата фаза која започнува денеска, Комисијата за уставни прашања треба да го разгледа предлогот на Владата. Расправата може да трае најмногу 10 дена, но со оглед дека пратениците може да говорат повеќепати, но не подолго од 20 минути, се очекува таа да трае пократко. Собраниската дебата во првата фаза исто така трае најмногу десет дена, по што, ако има двотретинско мнозинство за прифаќање на владиниот предлог, се влегува во втората фаза од процесот - подготовка и утврдување на нацрт-амандманите, за чие утврдување е потребна поддршка од 61 глас. Конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со најмалку 80 гласа, единствено за амандманот за промена на Преамбулата покрај двотретинско, потребно и Бадентерово мнозинство.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи