1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Фон дер Лајен и Борел во воз за Киев

ЕМФ | агенции
8 април 2022

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и првиот ЕУ-дипломат, Жозеп Борел се на пат за Киев. Претстојат разговори со украинското раководство и повторно отворање на ЕУ-претставништвото во Украина.

https://p.dw.com/p/49f2T
EU Ursula von der Leyen in Przemysl auf dem Weg nach Kiew
Фотографија: Janis Laizans/REUTERS

Средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев треба да покаже дека ЕУ „повеќе од кога и да е досега“ стои на страната на Украина, тврди претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Таа, заедно со високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбеднсна политика, Жозеп Борел, во Киев патува со воз.

Борел во текот на патувањето најави дека ЕУ на Укриана ќе ѝ стави на располагање 7,6 милиони евра за обука на обвинителите задолжени за истраги во врска со сомневањата за воени злосторства. „Украина не е падната и покорена земја. И натаму има влада која може да прима посети од странство“, рече Борел пред новинарите и најави повторно отворање на дипломатското претставништво на ЕУ во Украина. Амбасадорот Мати Маасикос, кој исто така е во возот, ќе почне повторно со работа во Киев со мал тим соработници. Претставништвото на ЕУ беше комплетно евакуирано еден ден пред рускиот напад на Украина.

Борел рече дека во украинскиот главен град ќе се водат разговори за воена поддршка на Украина и за натамошни санкции против Русија. Тој изрази увереност дека државите на ЕУ ќе се согласат со неговиот предлог за дополнителни 500 милиони евра поддршка на украинските воени сили.