„Форбс“: Безос е уште побогат
6 март 2019Богатството на американскиот претприемач Џеф Безос (на насловната фотографија) се зголемило за 19 милијарди долари и сега изнесува околу 131 милијарди долари (116 милијарди евра), наведува американскиот економски магазин „Форбс“. На второ место на листата на најбогати луѓе на светот, која се објавува секоја година, се наоѓа основачот на Микрософт, Бил Гејтс. Неговото богатство се зголемило на 96,5 милијарди долари.
Третопласиран е Ворен Бафет, кој според „Форбс“ има богатство од 82,5 милијарди долари, или 1,5 милијарди помалку од лани. Зад него следува шефот на францускиот концерн за луксузна стока ЛВМХ, Бернар Арно, кој „тежи“ 76 милијарди долари.
Повеќе: Богатите побогати, сиромашните посиромашни
Меѓу најголемите губитници се вбројува шефот на Фејсбук, Марк Закерберг. Неговото богатство, кое го сочинуваат пред сѐ акциите на технолошкиот концерн, по скандалите со лични податоци падна за 8,2 милијарди долари и сега изнесува 62,3 милијарди долари. Со тоа Закерберг од петтата падна на осмата позиција на листата. Шпанскиот моден цар Амансио Ортега, мексиканскиот медиумски тајкун Карлос Слим и основачот на американскиот софтвер-концерн Оракл, Лери Елисон, се на местата на листата под Закерберг.
Нова на листата годинава е Кајли Џенер. ТВ-ѕвездата од кланот Кардашијан, благодарение на бизнисот со козметички производи, со своите 21 години е најмлада милијардерка на светот. Американскиот претседател Доналд Трамп, кој традиционално е во клинч со „Форбс“ поради тоа што наводно магазинот му го потценува богатството, се искачи од 766 на 715 место и покрај тоа што богатството не му е променето - 3,1 милијарди долари.
Меѓу 50-те најбогати на светот има и низа Германци. Највисоко пласирани се наследниците на „Алди Југ“, Карл Албрехт Јуниор и Беате Хајстер, кои заедно се наоѓаат на 23 место. Основачот на Лидл, Дитер Шварц, со богатство од 22,6 милијарди долари е на 36 место. Најбогата жена во Германија останува БМВ-наследничката, Сузане Клатен, со богатство од 21 милијарди долари. Таа на листата на „Форбс“ се наоѓа на 46 место.
Вкупно, бројот на милијардери во светот, според „Форбс“, е намален - од 2208 лани на 2153 годинава. Рангирањето на милијардерите не дава егзактни податоци, туку се заснова на проценки кои весникот ги прави врз основа на податоци од јавни извори за акции, недвижности, уметнички објекти или луксузни добра.