1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

(Не)веројатноста од воен удар во Франција

7 мај 2021

Суштината на раздорот во француското општество се сведува на тоа како да се изведе процесот на асимилација на имигрантите, особено оние со муслиманско потекло. Пишува Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/3t52O
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Во Франција се случи нешто што има огромна стратешка важност за иднината на земјата, па и за целиот европски континент. Група од 20-ина генерали во пензија потпишаа отворено писмо во кое ја повикуваат армијата да изврши воен удар и да го симне од власт претседателот Емануел Макрон. Уште 80 поранешни високи офицери се приклучија кон групата пензионирани генерали, што дополнително му дава тежина на отвореното писмо, каде потписници се преку 1000 воени функционери. Писмото датира од 21 април и беше објавено во десничарскиот магазин „Валер актуел“, но веста доби на внимание само минатата недела.

Во писмото може да се прочита и барање до Елисејската палата и Макрон масовно да интервенира во француските „Banlieue“, предградија и секаде онаму каде се спроведува сепаратизмот на потомците на емигрантите од муслиманско потекло.

„Франција е во опасност. Ѝ се закануваат неколку смртни опасности. Дури и во пензија, ние остануваме војници на Франција и не можеме во сегашните околности да останеме рамнодушни на судбината на нашата прекрасна земја. Дезинтеграцијата на земјата ја прават исламски орди од предградијата, кои одделуваат големи делови од нацијата и ги претвораат во територии подложни на догми спротивни на нашиот Устав“, се вели, меѓу другото, во писмото. Според потписниците, во Франција би експлодирала граѓанска војна и, во една таква ситуација, генералите и војската би биле приморани да интервенираат.

Но, од каде оваа проблематика вака нагло и дури насилно експлодира во француската јавност? Во реалноста проблемот не е нов и ќе се обидам накратко да објаснам одредени аспекти низ демографијата, за потоа да видиме каде Франција се судира со својата неуспешна политика на асимилација и интеграција.

Бројноста на муслиманската популација е срцето на проблемот, иако француската статистика ја отфрла религиозната компонента од пребројувањето за попис. Заради колонизацијата на Северна Африка муслиманската миграција во Франција започнува многу порано отколку во останатите земји од ЕУ. Оттука не треба да изненадува дека земјата е домаќин на најголем број муслимани и во апсолутна и во релативна смисла. Според Pew Research Center, Франција има околу 6 милиони муслимани или скоро 9% од вкупната популација. Тоа ја става на самиот врв во Европа, пред Шведска - 8,1%, Британија - 6,1%, Германија - 4,8%.

Дури и кога муслиманската миграција сега би запрела, популацијата на муслимани во 2050-та се очекува да порасне на 13%, а доколку миграцијата продолжи со актуелниот интензитет, тогаш би се искачила на 17-18% од вкупната популација. Овие бројки кажуваат дека темата поврзана со мигрантите и исламот во Франција ќе остане приоритетна и во годините што доаѓаат.

Судир помеѓу автохтоната култура и исламистите

Проблемот на Франција е што настрана од преградијата, исламизмот и џихадизмот во последните години масовно се раширија во внатрешноста на земјата, во помалите градови и места. Таму најмногу доаѓа до судир помеѓу автохтоната култура и исламистичкиот обид да се наметне нивниот стил на живот. Денес Франција стравува од руралниот ислам, каде голем број на арапски или африкански имигранти се заведени и радикализирани од исламизмот. Државата пред тој феномен е неспособна да реагира, да воведе ред или соживот, додека во исто време сведочи на растечкиот десничарски радикализам кој веќе се вооружува и структурира и со тек на време може да еволуира во урбани милиции. Одредени политичари, меѓу кои и Марин Ле Пен, го заплашуваат народот со неизбежна поделба на територии, која би можела да доведе до етнички судири. Политиката, па и онаа на Макрон, делува скаменето пред феноменот додека хипнотизирано го набљудува подемот на насилства.

Оттука Франција се соочува со двојна дилема: Зошто не успеа или не може да успее етничката асимилација и зошто не успева процесот на интеграција? Франција до 2050-та се очекува да стане најбројна држава во Европа, но како што кажав, со најголем процент на популација која не само што не е асимилирана, туку и во многу аспекти не е ниту интегрирана.

Асимилација и интеграција се два многу различни концепти. Асимилацијата предвидува елиминација на секаква различност во рамки на популацијата која доаѓа однадвор, односно нејзино целосно втопување во антрополошката реалност на автохтоната популација и култура. Интеграцијата пак можеме да ја сведеме на прифаќање на потомците на странската популација како добри граѓани, врз кои се наметнува јазикот и правилата на живеење, но одржувајќи културна различност, од што потоа и се развива мултикултурализмот кој може да деклинира и во трибализам.

Асимилација

Светските или регионалните сили со релативно млада популација како САД, Кина, Русија, Иран, Турција егзистираат во својата историска димензија, каде постои доминантна раса или огромен дел од општеството обединет по потеклото и некои наследни особини. Тоа им дозволува агресивно и насилно да ги туркаат нивните глобални и национални интереси, секогаш спроведувајќи селективна асимилација. Во Европа, постисторицизмот, кој ја карактеризира доминантната популација, го елиминира насилството неопходно за присилна асимилација на недомородните популации. Воедно, фактот дека европските земји, меѓу кои и една Франција, уживаат статус на полусуверени држави во рамките на американскиот хегемонизам, Америка не им дозволува никаква присилна натурализација и со тоа им забранува хомогенизација на сопствената популација. Асимилацијата на долги патеки секогаш има своја воена важност. Големите сили кои асимилираат го прават тоа од убедување дека нивната популација треба да биде идентична, културно хомогенизирана, за потоа да може обединето и без петтоколонашки елементи да ги издржи своите воени и хегемонистички цели. Затоа хегемонот не може да толерира тие што се под негова сфера на влијание да развиваат идентична политика на национална хомогенизација, која во некоја блиска или далечна иднина можеби би се насочила против нив.

Асимилацијата во Франција не успеа затоа што ни домородната популација, ни новодојденците реално не се потрудија. Мешаните бракови веќе не се популарна формула додека религиозната ендогамија е во драматичен пораст. Дури 90% од браковите на младите муслимани родени во Франција или дојдени пред да наполнат 16 години е со сопружник кој припаѓа на истото кредо. Француската елита која ја валоризира социјалната мобилност и личната реализација и која ја релативизира националната припадност, не го прифаќа асиметричниот карактер на асимилацијата која му дава приоритет на автохтоното општество. И тоа е во конфликт со сфаќањата на огромното мнозинство на Французи кои сметаат дека странците мора да го прифатат автохтониот стил на живот.

Други колумни од авторот:

100 дена Бајден – од транзиција кон трансформација

Германските Зелени во средба со историјата

Нова Железна завеса помеѓу САД и Русија

Мултикултурализам

Француската елита го прегрна мултикултурализмот, според кој автохтоната култура нема специјален статус и може да стане малцинска. Елиминацијата на националниот идентитет и култура како доминантен асимилаторски фактор го уништи легитимитетот на националниот проселитизам. Во исто време, почитувањето на посебностите и различностите стана неинтересно за домородната популација затоа што истите тие посебности и различности не смее да бидат земени предвид или проблематизирани кога станува збор за преференците на автохтоната популација. Тоа е пак асиметријата на мултикултурализмот. На домородната популација не ѝ е дозволен луксузот да ги развива своите национални карактеристики затоа што тоа ја фаворизира дискриминацијата на останатите. Токму од овие фрактури и недоразбирања се појави нерамнотежата во новите идентитетски побарувања на домашната популација. Јавното мислење не е убедено во мултикултурализмот и сега интеграцијата на муслиманите во Франција е дополнително обременето со идентитетска шизофренија која преоѓа во политички фатализам и екстремизам.

Сега Макрон се обиде да изведе нешто на пола пат помеѓу асимилација и интеграција. На пример, преку наметнување муслиманските свештени лица - имамите, да бидат директно врзани за државата и нивното образование во иднина да го гарантира и надгледува Совет на имами, наместо тие поединечно да бидат формирани или поставени од странски сили, пред сѐ од Турција. Макрон веќе најави дека има намера да ги затвори радикалните школи за Коранот, во иднина имамите треба да се образуваат во Франција, а финансирањето на исламски здруженија и џамии во иднина да биде поинтензивно законски регулирано, посебно финансиската поддршка од странство. Макрон веќе ѝ наложи на својата влада да подготви „закон против сепаратизмот".

Се бара цврста рака

Оттука, што се случува понатаму? Реакцијата на десничарските кругови и делови од војската е всушност напор да се пресретнат политиките на Макрон и тие да се направат уште поекстремни и порадикални. Суштината на раздорот во француското општество се сведува на тоа како да се изведе процесот на асимилација на имигрантите, особено оние со муслиманско потекло. Елисејската палата и војската се согласни дека тој стратешки маневар мора да се изведе со цел Франција да има полза од демографскиот раст во годините што доаѓаат. Но, разликите се во пристапот кон таа цел. Макрон смета дека тоа треба да се изведе преку приближување на муслиманите кон републиканските вредности, додека војската и десницата сметаат дека за тоа е потребна воена состојба или цврста рака.

Настрана колку е неверојатно дека во Франција би дошло до воен удар, опасноста од вакви писма или предупредувања останува екстремно висока и овој настан заслужува да се сфати сериозно, не само заради внатрешните прашања и судири во Франција, туку и заради остатокот од Европа. Министерката за одбрана Флоренс Парли предупреди дека оние кои сѐ уште се во служба ќе бидат сериозно и драконски казнети поради прекршување на законот со кој се бара да бидат политички неутрални. Сите политички сили го осудија писмото со исклучок на Ле Пен,, која го поздрави писмото и ги покани пензионираните генерали да ѝ се приклучат во кампањата.

Објавувањето на писмото се случува во пресрет на претседателските избори следната година, на кои, според очекувањата, повторно ќе се судрат Макрон и десничарската лидерка Марин Ле Пен. Анкетите покажуваат дека безбедноста и борбата против тероризмот се меѓу приоритетите за многу Французи и дека Ле Пен се наоѓа во блага предност пред Макрон.

Писмото беше објавено на 21 април, на 60-годишнината од неуспешниот пуч против претседателот Шарл де Гол поради неговата политика кон Алжир. Воениот удар тогаш на успеа поради енергичната акција и интервенција на самиот Де Гол. Во овој случај не зборуваме воопшто ни за обид за воен удар и најверојатно такво нешто нема воопшто да се случи, но останува опасноста по граѓанскиот мир и етничкиот соживот во Франција. Незадоволството кое се демонстрира преку воените бараки кажува колку е комплициран процесот кој Макрон сака да го разреши преку демократските институции.

Асимилација или интеграција, тука се крши иднината на Франција.