Фреквентно во Македонија: По Меркел - и Рот!
14 септември 2018Само неколку дена по посетата на германската канцеларка Ангела Меркел, денеска во Македонија доаѓа и државниот министер за Европа на германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот, што според аналитичарите, само покажува колку голема е поддршката на Германија на процесите за интегративниот напредок на Македонија. Рот во Охрид ќе има средба со неговиот домаќин Никола Димитров, по што двајцата ќе учествуваат на интерактивната дебата на тема „Македонија на патот кон ЕУ“ организирана од македонското МНР и Амбасадата на Сојузна Република Германија, во соработка со општина Охрид и Министерството за животна средина. Фокусот на дебатата ќе биде ставен на придобивките од членството во ЕУ, унапредувањето на заштитата на животната средина, политиките на одржлив развој и поттикнување на граѓанскиот еко-активизам. Во Охрид Рот ќе ги разгледа и поважните знаменитости на градот, а ќе го посети и Националниот парк Галичица.
Ова не е прв пример на „децентрализација“ на пораките што ги носат високите гости. Генералниот секретар Јенс Столтенберг, дел од своите пораки ги испрати и од скопско Стајковци, а високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, вчера се обрати од Старата скопска чаршија.
Важна посета на Матис
Медиумите во соседна Грција со огромен интерес ги следат посетите на западните гости и нивната поддршка за референдумот на 30-ти септември.
„Фреквентно е кај нашиот сосед: Јенс Столтенберг, Себастијан Курц, Ангела Меркел, Жан Аселборн, Рон Џонсон, Хашим Тачи, Стеф Блок, Дитмир Бушати, Вес Мичел, Михаел Рот, Аудун Халворсен, наскоро и Џејмс Матис, а по него веројатно уште многу други високи гости“, пишуваат грчки медиуми.
„Интензивното продолжување на западните официјални посети на Македонија со цел да се поддржи 'за' на референдумот, наспроти одлуката донесена од главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ за постапување според своето убедување, практично ја олеснува работата на Владата на Зоран Заев, и покрај фактот дека уште беснее конфликтот меѓу политичките сили во соседната земја за Договорот од Преспа“, оценува „Катимерини“.
Според весникот, сега вниманието е силно свртено кон претстојната посета на американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис, потсетувајќи дека тој отворено изразил загриженост од можно руско влијание врз референдумот и истакнал дека Вашингтон сака да даде сигнал за јасна поддршка на македонскиот народ. Во тој контекст се толкува и неговата претстојна посета, која ќе уследи три дена по вчерашната посета на помошник државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Вес Мичел.
Грчките медиуми посветуваат внимание и на внатрешната политичка дебата пред референдумот. Голем дел од нив го нотираат податокот дека за разлика од ВМРО-ДПМНЕ која го отфрла Договорот од Преспа, дебатата во опозицискиот кампус не е лимитирана и определена исклучиво од тој став, бидејќи голем број членови и поранешни функционери на таа партија, вклучувајќи го и нејзиниот поранешен лидер и премиер Љупчо Георгиевски, го поддржуваат Договорот и интеграциските перспективи на земјата, и се против какви било форми на отворен или скриен бојкот на референдумот.
Тие ги пренесуваат и пораките од Европскиот парламент - граѓаните да го искористат демократското право на глас, а не бојкотот.
„Бојкотот не е пат напред. Граѓаните мора да ја искористат оваа можност и јасно да кажат каква иднина сакаат за себе. Ја повикуваме политичката опозиција претставена од партиите на ЕПП во двете земји да покажат одговорност и да го поддржат Договорот. Ова не само што ќе ја отклучи евроатлантската перспектива за Македонија, туку ќе придонесе за мирот и стабилноста, и дома и во регионот“, порача претседателот на Групата на социјалисти и демократи во ЕП, Удо Булман. Тој истакна дека она што го постигнаа премиерите Заев и Ципрас, заслужува најголем аплауз, бидејќи успеаја да решат спор кој конзервативните партии не го решија повеќе од 25 години.
„Никој не е ексклузивен победник во компромис. Напротив, двете страни се победници заедно“, порачаа од Групата на социјалисти и демократи во ЕП.
Заев едно, Иванов друго
За компромисот зборувал и премиерот Заев на вчерашната средба со Вес Мичел. „Секоја голема одлука е резултат на компромис. Но, во нашиот случај, компромисот е исчекор напред. Исчекор кој ќе ни овозможи членство во ЕУ и НАТО со сите придобивки кои доаѓаат со тоа. Референдумот е шанса за остварување на нашите стратегиски цели. Тоа се цели на сите претходни генерации, донесени како наша суверена одлука, со сеопшт политички и меѓуетнички консензус. И затоа и натаму ќе продолжиме да ги охрабруваме граѓаните да гласаат на референдумот“, посочил премиерот на средбата.
За разлика од премиерот, претседателот Иванов високите гости ги дочекува со една иста порака.
„Мојот став е непроменет. Стратегиска цел на Република Македонија е членство во ЕУ и во НАТО. Ho ЕУ и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор со кој се отвораат многу повеќе прашања, отколку што се затвораат“, порачал претседателот Иванов на вчерашната средба со Могерини. Истиот став го презентира и ВМРО-ДПМНЕ. На средбата со Мичел, партискиот претседател Христијан Мицкоски истакнал дека „за Македонија членството во НАТО и во ЕУ е од стратегиски и државен интерес, но дека Договорот со Грција е неприфатлив“.