1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Фудбалскиот сон на Косово

Немања Рујевиќ
9 септември 2019

Успесите на косовската фудбалска репрезентација го привлекоа вниманието на германскиот печат. Се поставува прашањето - што ќе се случува доколку Косово се квалификува за Европско првенство? Политика наместо спорт?

https://p.dw.com/p/3PGsf
Fußball EM-Qualifikation Kosovo - Tschechien
Ведат Муриќи го прославува голот против Чешка во ПриштинаФотографија: picture-alliance/dpa/AP/V. Kryeziu

Германските весници им посветуваат внимание на спектакуларните успеси на фудбалерите на Косово кои ја победија и Чешка во квалификациите за Европското првенство. „Малата земја сонува“, пишува агенцијата ДПА чиј текст го пренесува и Франкфуртер алгемајне цајтунг.

„Но, приказната на косовскиот национален тим е многу повеќе од приказна за обични спортски аутсајдери кои, како Летонија во 2004 и Албанија во 2016 изненадувачки се пласираа на завршниот турнир на Европското првенство. Бидејќи Република Косово дури во 2008 година прогласи независност и до денес не е призната како суверена држава од сите членки на ОН“, се наведува во текстот.

На Косово, „спротивно од она што го посакуваат меѓународните спортски сојузи, ни на некои фудбалски натпревари не може лесно да се повлече граница меѓу спортот, политиката и историјата“.

Се потсетува и на одлуката на поранешниот селектор на Црна Гора Љубиша Тумбаковиќ да го бојкотира мечот против Косово, по што експресно стана селектор на Србија. Српските навивачи на мечот против Португалија им се заблагодарија на словачките навивачи кои на еден претходен натпревар го означија Косово како „света српска земја“.
„Тоа поле на тензии ја електризира и идентификацијата на косовските играчи со нивниот национален тим“, пишува во текстот во кој се пренесуваат и зборовите на косовскиот репрезентативец Ведат Муриќи: „Јас и моите соиграчи сме подготвени да изгинеме на теренот“.

Kosovo Fußball UEFA Budapest Kongress Hungexpo Messe
Солзи по одлуката на УЕФА да го прими Косово во членство на 3 мај 2016 годинаФотографија: Getty Images/A.Kisbenedek

Рајнише пост пренесува дека „неочекуваниот успех на Косово би можел да му произведе политички проблем на европскиот фудбал“. Имено, првенството следната година се игра во 12 земји. „Четири од нив не го признаваат Косово како независна држава: Русија, Романија, Азербејџан и Шпанија. И тука европскиот фудбал ќе има проблем доколку Косово успее да се квалификува“.

Косово во вторник ѝ гостува на Англија. Но, дури и доколку не успее низ квалификациите да дојде до Европското првенство, останува патот преку Лигата на нации. Тука Косово игра во решавачката фаза против Северна Македонија, Белорусија и Грузија.

Германскиот портал sport1.de заклучува: „Една мала земја натоварена со проблеми сонува за Европското првенство. Бидејќи, кога се работи за фудбал - Косовците се целосно луди“.