1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Халили бара две во едно: Илирида и ПЈРМ во конфедерација!

Катерина Блажевска 18 септември 2014

Прогласувањето на Република Илирида е чин на маргинална група, но политичарите мора да следат дали ваквите појави добиваат поширока општествена легитимација, предупредуваат аналитичарите.

https://p.dw.com/p/1DFG5
Слаб интерес за новата „република“Фотографија: DW/K. Blazevska

Пред педесетина приврзаници и љубопитни минувачи, некогашниот лидер на Партијата за демократски просперитет (ПДП), Невзат Халили, пред споменикот на Скендер Бег во Скопје ја објави Декларацијата со која се прогласува Република Илирида. Рече дека одлуката била донесена врз основа на Уставот на САД, според кој секој човек има право на самоопределување. Во обраќањето на албански јазик без превод, тој потенцираше дека Република Илирида ќе биде фактор на стабилност во Балканот и во ЕУ, бидејќи ни најмалку нема да ги загрози административните граници, туку ќе спроведе конфедерална реорганизација меѓу двете републики Илирида-ПЈРМ, по примерот на Србија и Црна Гора кога беа заедно во СРЈ.

„Албанците со векови живееле овде. А денес партиите ги лажат Албанците со приказни дека се конститутивен народ. Тоа не е точно. Тие и натаму се сметани само за национално малцинство. Време е да станат конститутивен народ. Декларацијата е првиот чекор кон формирање република за албанскиот етникум во Македонија. Илирида ќе биде таму во сите градови во кои живеат Албанците почнувајќи од Струга па сè до Куманово. Да живее Илирида, да живеат Албанците,“ воскликна Халили пред присутните.

Денеска тој не зборуваше за институциите со кои се планира да биде „опремена“ републиката, но ги објасни чекорите по кои ќе течат активностите за нејзино институционално реализирање.

Mazedonien Skopje Referendum
Почна собирање потписи за референдумФотографија: DW/K. Blazevska

„Баравме и ќе бараме средба со премиерот. Ќе бараме од претседателот на Собранието ургентно да распише референдум за внатрешна територијална поделба на Република Македонија. Надворешните граници нема да се менуваат. Тие ќе останат исти. А внатре, во конфедерацијата, ќе бараме целосна демилитаризација. Идејата ќе ја спроведуваме со мирољубиви средства. Ќе бараме конфедерација во која ќе има рамноправност за сите. Секој со неговите инструменти во својот ентитет ќе може да ги реализира неопходните права. Ќе за залагаме за евроатлантска политика и ќе бараме поддршка за нашите идеи и барања од ЕУ и САД. Но, очекуваме поддршка, пред сѐ, од пратениците во Парламентот. Неодамна добивме поддршка од двајца пратеници на ДУИ“, објасни Халили.

Потписи за референдум

Уште денеска пред споменикот почна собирање потписи за распишување референдум на кој граѓаните требало да се изјаснат за формирање на Република Илирида. Соработникот на Халили, Идриз Синани, во реализација на идејата за Илирида ќе помага од позиција на претседател на невладината организација Меѓународен форум за човекови права за Македонија.

„Илирида не е мртва. И нема да биде с< додека сме тука ние, заедно со живата легенда Невзат Халили, кој ни е огромна мотивација за активностите што ќе следат“, рече Синани. Промоторите на Илирида тврдат дека конфликтот од 2001 година не бил предизвикан од Албанците.

„Тоа беше сценарио режирано и спроведено од надворешни сили и меѓународна мафија. Рамковниот договор донесен потоа ги унапреди правата на сите, но не и на Албанците, ниту го реши албанското прашање. Македонските затвори од 2001 година се преполни со Албанци и припадници на УЧК. Бараме да се почитуваат човековите права, бараме прекин на тортурата, прекин на дискриминацијата, право на одбрана на сопственоста, бараме рамноправност. Албанците не зедоа учество во референдумот за независност на Македонија во 1991 година, само поради вториот дел од референдумското прашање. Во согласност со него, Македонија денес може да стапува во сојуз или да се припојува со други држави- со Србија, со Бугарија...Што би се случило со Албанците во таков случај“, праша Халили. Од присутните доби аплауз, а еден од неговите приврзаници го закачи албанското знаме на споменикот на Скендербег.

Да се биде на штрек!

Невзат Халили беше заштитен знак на референдумот на Албанците од 10 и 11 јануари 1992 година, на кој тие се изјаснуваа за политичка и територијална автономија. Референдумот, за кој се тврдеше дека 99,9 отсто, односно 400.000 од Албанците се изјасниле за самоопределување, од државата беше прогласен за нелегален. Сонот на Халили за „Република Илирида“ беше прекинат кон крајот на 1993 година со случајот „Паравојска“, кој обелодени сецесионистички планови и оружје наменето за одбрана на „Илирида“, а тој беше суден за случајот и обвинуваше за монтиран процес. И по 22 години не се откажа од истата идеја.

Mazedonien Skopje Nevzat Halili und Idriz Sinani
Невзат Халили и Идриз СинаниФотографија: DW/K. Blazevska

Аналитичарите деновиве веќе оценија дека и идејата и промоторите на Илирида се прагазени од времето. Воскреснувањето на старата идеја го оценуваат како типично однесување за поранешни политички „икони“ на радикализмот, кои во меѓувреме го изгубиле значењето и влијанието во политиката, па сакаат да најдат начин како да се вратат на политичката сцена.

Соништата за републики и големи држави егзистираат во сите балкански и други земји, но важно е дали имаат поддршка од политичарите, вели аналитичарот Сашо Клековски.

„Такви 'големи' идеи има и меѓу Македонците, и меѓу Србите, и меѓу Бугарите, и меѓу Грците. Но, прашање е дали мејнстрим политиката поддржува такви идеи? Мислам дека ниту една од главните партии во Македонија не поддржува формирање на нови државни ентитети и конфедерации. Но, она што е важно, е дека потезите на овие маргинални групи или партии треба внимателно да се следат, за да се увиди дали добиваат поширока општествена легитимација. За илустрација - денеска се одржува референдум во Шкотска за отцепување од Велика Британија, како резултат на 30-годишното запоставување на потребите на граѓаните на Шкотска. Пред 30 години, таа идеја сигурно била оценета како несериозна и била маргинализира, но поради понатамошното неснаоѓање на политичките елити, денес таму се случува референдум. Од тој аспект, велам дека мора да се биде на штрек“, предупредува Клековски.

Од Владата се недостапни за коментар за денешната промоција на Илирида. До попладнево и во владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не го коментираа прогласувањето на Илирида.

Според социолозите, поминаа времиња кога електоратот се „палеше“ на националистички идеи. Велат дека политичкиот и општествениот контекст денес се насочени кон евроинтеграциските процеси, дека тешко поминуваат политички фигури чија единствена понуда им е радикализмот и дека нема ни интерес ни енергија за реализација на националистички проекти.

Извори во албанскиот блок уште пред неколку дена потегот на Халили го оценија како „голема будалаштина“.