1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хан очекува демократска зрелост од партиите

10 февруари 2017

Партиите треба да продолжат да преговараат за доброто и интересите на државата и европската перспектива, порача еврокомесарот Јоханес Хан на заминување од Скопје

https://p.dw.com/p/2XKe0
Republik Moldau Johannes Hahn in Chisinau
Фотографија: Elena Covalenco

„Очигледно, потребно е уште време. Партиите треба да продолжат да преговараат за доброто и интересите на државата, заради граѓаните, европската перспектива и да се фокусира на конкретна работа за иднината на земјата, за натамошна интеграција. Сега е време кога треба да ја демонстрираат демократската зрелост. И ако ова биде случај, јас сум убеден во иднината на земјата“. Со оваа порака од Македонија си замина еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, која вчера имаше серија со раководствата на сите парламантарни партии. Како што рече тој, Европската Унија ќе направи сè што е потребно за да му се помогне на раководството на земјата.

Иванов: Влада со два клучни приоритети

Рано утрово комесарот Хан се сретна и со шефот на државата, Ѓорге Иванов. Како што соопшти Кабинетот на претседателот, Иванов истакнал дека надминувањето на политичката криза е од клучно значење, со цел Македонија да може целосно да се посвети на европските реформи и во остварување на евроинтеграциски цели.

„На средбата беше потенцирана неопходноста од што поскоро формирање на Влада на Република Македонија, бидејќи единствено со целосно функционални институции државата ќе биде подготвена да се справува со сите предизвици“, се вели во соопштението.

Gorge Ivanov Präsident Mazedonien
Фотографија: MAKFAX

Иванов потенцирал дека од новата Влада очекува да има два клучни приоритета: заштита на државните интереси што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата, и системска реформа во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност. Во контекст на актуелната состојба, тој изразил незадоволство од отсуството на јавна осуда на мешањето во внатрешните работи на Република Македонија од страна на некои соседни земји. Притоа укажал дека нестабилноста во политичкиот живот и тензичноста во меѓуетничките односи се последица на предолгата статус-кво состојба на Република Македонија и побарал поактивен ангажман и поддршка од комесарот Хан.

„Комесарот Хан истакна дека постои зголемена свест меѓу државите членки на ЕУ за неопходноста од деблокада на интеграциите и за таа цел е потребно формирање на Влада посветена на европските интеграции“, се наведува во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ ги аргументирала своите политики

Денеска беше обелоденета и содржината на разговорите на делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ со комесарот Хан, откако синоќа не им беше дозволено на медиумите да направат инсерти од средбата, нуту следуваше изјава потоа. На средбата која траела два часа, покрај претседателот на паријата Никола Груевски, присуствувале и Никола Попоски, Никола Тодоров, Влатко Ѓорчев, Илија Димовски и Александар Николовски. Како што соопштија од партијата, главни теми биле организирањето и резултатите од изборите,постизборниот период и обидите за создавање коалиција, зрелоста на ситуацијата за нови парламентарни избори кои би се организирале заедно со локалните, дебатите за Законот за употреба на јазиците, СЈО, платформата на албанските партии, но и ризиците од користењето на оваа платформа како начин за репреговарање на Охридскиот договор. На средбата се разговарало и за плановите и целите доколку ВМРО-ДПМНЕ формира влада, вклучувајќи ги и реформите, воспоставената практика за коалицирање во Македонија по принципот победник со победник, предностите и слабостите на широките коалиции и искуствата на Македонија со вакви коалиции.

Mazedonien Nikola Gruevski VMRO-DPMNE
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, вели дека ВМРО-ДПМНЕ ја искористила можноста во детали да го запознае комесарот со случувањата и да ги аргументира сета своја политика и одлуки. Притоа, ВМРО-ДПМНЕ ги презентирала своите позиции во однос на тие прашања, користејќи ги аргументите кои и во последните неколку недели ги презентирала пред јавноста.

„Комесарот Хан ги изнесе своите размислувања, кои се идентични со неговите јавно искажани ставови на вчерашната прес-конференција, како и низ формата на препораките што претходно беа испраќани преку прес-конференциите на портпаролите на ЕУ, при што беше нагласено дека ЕУ не сака да се меша во тоа кој со кого ќе коалицира и какви одлуки ќе донесат македонските партии во однос на креирањето колиција и влада“, изјави Котевски. Тој додава дека средбата била корисна за меѓусебно информирање и аргументирање на ставовите и објаснување на принципите за сите позиции по различните прашања. Делегацијата на партијата му заблагодарила на комесарот Хан за напорите да ѝ помогне на земјата.

ВМРО-ДПМНЕ, потсетува Котевски, е партија, чија платформа и стратегија се зачленување на Република Македонија во ЕУ.