Хан повторно во Скопје во пресрет на изборите
6 октомври 2016Од Брисел ја потврдуваат информацијата која вчера ја објави ДВ за претстојната посета на европскиот комесар за проширување Јоханес Хан на Македонија.
Се очекува Хан да ги отвори актуелните теми со политичките лидери во земјата: почитувањето Договорот од 20-ти јули, состојбата во пресрет на изборите, опасностите за опструкција на изборниот процес и спроведувањето на реформите препорачани од Европската Комисија.
Темите во суштина не се новина, и се очекува истите да бидат дел од констатациите на ЕК во годишниот Извештај за напредокот на Македонија кој ќе биде објавен кон средината на ноември. Дипломатските извори за ДВ велат дека во новиот Извештај веројатно ќе бидат повторени забелешките од ланскиот, а во некои делови може да има и заострени констатации. Што се однесува до крајната формулација - извесно е дека ќе остане условената препорака за почеток на преговори за членство.
Иако, според изјавата на портпаролката Маја Коцијанчич, клучниот дел од разговорите на Хан ќе биде посветен на организацијата на изборите, останува големо прашање кога тие ќе се одржат. Лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев во интервју за Канал 77 го обвини неговиот ривал од ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски дека се обидува да ги одложи изборите за март следната година.
„...Груевски бега од избори и ќе ги кажам причините. Сака заедно со локални, за да ја разводени темата и да не бидат национални теми и да зборуваме за тротоарче, за уличка, за водовод, оти тој сите овие години е повеќе градоначалник отколку премиер“, рече Заев.
Предвидено е Хан да се сретне и со специјалната обвинителка Катица Јанева, чија работа е предмет на постојани опструкции и блокади од разни страни. Според дипломатски извори, „загрижувачкото попречување на ефективноста на СЈО“ ќе биде една од главните теми на кои Хан ќе посвети внимание во разговорите.
Деновиве Собранието ги отфрли барањата на СЈО за продолжување на рокот на неговата работа и за измени во Законот за заштита на сведоци. ЕУ и САД отпосле реагираа со став дека треба да се почитуваат обврските од Договорот од Пржино, и ги поддржаа барањата на СЈО како „разумни".
Амбасадорот на ЕУ во земјата, Самуел Жбогар вчера изјави дека очекува изборите да се одржат на 11 декември.