Хелмут Кол уште еднаш пишува историја
1 јули 2017За време на целиот свој живот, Кол поседуваше одлично чувство за препознавање на моментот. Токму овој негов инстинкт и бескомпромисноста беа пресудни за окончување на поделбата на Германија, а со тоа отворање на патот за создавање на ЕУ, онаква каква што денес ја знаеме. Тој ја насети историската шанса, ја зграби и не ја испушти веќе од рака. И тоа, без обѕир на загубите, вклучувајќи ги и тие во личното опкружување.
Со тоа поранешниот германски канцелар не си создаде само пријатели. Но, со овие карактеристики, тој го постави темелот за домот Европа, кој не е во добра состојба. Во наново разгорените национализми, држави-членки ја доведуваат во прашање смислата на ЕУ. Британците веќе решија да заминат, САД под водството на Доналд Трамп не се веќе доверлив сојузник.
ЕУ-знамето како симбол
Сега, среде сите овие несигурности, се случи комеморацијата за Хелмут Кол. Шефовите на држави или влади од цел свет допатуваа во пленарната сала на Европскиот парламент во Стразбур, за да се простат од еден од татковците на ЕУ на комеморацијата, прва од ваков вид во Европа. Присутни беа претставници на шпанската кралска куќа, бројни долгогодишни политички соработници, од Исток, од Југ, од Север и од Запад. Во центарот беше ковчегот на Хелмут Кол, на негова желба, прекриен не со германско, туку со европско знаме.
Зборовите на претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер беа трогателни. Доналд Туск, претседателот на Европскиот совет и другите ги истакнаа заслугите на Кол, првенствено технократски. На крајот, канцеларката Ангела Меркел во лично обраќање му се заблагодари на Хелмут Кол што денес може да биде во слободна Европа.
Клинтон го погоди нервот
Но токму Бил Клинтон, поранешниот американски претседател, им ги отвори очите на сите за она што всушност се случува пред нив. Имено, дека Хелмут Кол повторно пишува историја. Токму сега, во овој момент и ова фаза, толку опасна за животното дело на Кол, обединета Европа.
Бил Клинтон зборуваше за ограниченоста на животот, за завештанието и одговорноста. Во Стразбур, покрај ковчегот на Хелмут Кол, тој ненадејно повторно беше присутен - духот на ЕУ, барањето за почитување и создавање на заедништвото, за никогаш повеќе на европско тло да нема војна.
Тереза Меј, британската премиерка, која ги води преговорите за Брегзит, одеднаш го губи она опасното, претворајќи се во егзот, на кој овде не му е местото.
Хелмут Кол уште еднаш е многу жив. Разделбата од него се претвори во акт на самодоверба, во кој има многу будења. Сила која ѝ е потребна на Европа. Еден историски момент, кој би му се допаднал на Хелмут Кол.