1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хероите од 1989, и кукавиците од 2016

4 октомври 2016

„Ние сме народот“ извикуваа луѓето пред 26 години на крајот на ГДР. Оние кои на Денот на германското обединување извикуваа „Ние сме народот“, ги погазија тогашните идеали, смета Марсел Фирстенау

https://p.dw.com/p/2QqY6
Deutschland | Tag der Deutschen Einheit - Dresden 2016
Фотографија: DW/M. Fürstenau

Нема што да се разубавува: сликите од 3 октомври од Дрезден му наштетија на градот. Уште поважно: и наштетија на Германија. Светот се прашува што се случува кај нас? Во една земја која е позната по својата економска моќ. Земја која им ветува иднина на многумина. Не само за бегалци, туку и за луѓе од сите светски меридијани. Пред четврт век светот се воодушевуваше на мирната револуција без крвопролевање. На храбрите источно-германци кои ја урнаа дикататурата со демонстрации. Познатата парола од тоа време гласеше: „Ние сме народот“.
Без храброста на малкумината борци за човекови права од ГДР немаше да се роди масовното движење. Од таа маса, од народот, старците во Политбирото и во тајната служба Штази имаа голем страв дека ќе ја загубат моќта. Но, во триумфот на правдата беше посеано и семето од кое набрзо ќе се изродат губитници. Многу различни губитници. Кон разочараните припаѓаат бројни борци за човекови права чии идеали беа скршени од тешката реалност на една брутална пазарна економија. Не е случајно што многу малку херои на годината 1989 можеа, или сакаа, да се одржат на политичката сцена. 

Kommentarfoto Marcel Fürstenau Hauptstadtstudio
Марсел ФирстенауФотографија: DW/S. Eichberg

 

Затоа, меѓудругото, денес луѓето од ксенофобичното движење Пегида успеваат да ги шират своите нечовечки погледи. Тие ги отфрлаат луѓето од муслиманската вера, секако и бегалците. Мафтаат со германското знаме и со крстот покрај него. Но љубовта кон ближниот им е исто толку далечна, како што им е сеедно и за вредностите на Уставот. Според нив, првиот член од овој, најдобар досега, Устав, важи само за нив: „Човечкото достоинство е неповредливо“. Тие го извртуваат правото на мислење и на протест, толкувајќи го како изговор за нетолеранција и навредување на оние кои мислат поинаку.

Од нивните усти патетичното „Ние сме народот“ звучи празно и лицемерно. Опишувањето на таквите луѓе како „толпа“, како што тоа го стори шефот на СПД Зигмар Габриел, исто така не помага.
За крај: секој кој тогаш (во 1989) скандираше „Ние сме народот“ тоа го дополнуваше со „Без насилство!“ Кон тоа тогаш сите се придржуваа, денес е поинаку. Јазикот е брутален, делата исто така. Од зборовите произлегуваат дела. Причините и последиците се јасни. Хероите од 1989 беа храбри. Силеџиите од 2016 се кукавици!