1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Долга граница, проблематични соседи

Синиша Богданиќ / Е.М. Фиданоска30 март 2015

Хрватска на 1.07.2015 ќе аплицира за влез во Шенгенскиот простор. Техничките услови се задоволени, тврди владата во Загреб, па сега се‘ е прашање на европска политика. Инспекторите на ЕК се очекуваат на почетокот на 2016

https://p.dw.com/p/1EzPN
Фотографија: picture alliance/Romain Fellens

Од технички аспект, Хрватска во последните десет години го зголеми двојно бројот на гранични полицајци - на 6.400. До крајот на годината би требало да се потроши остатокот од вкупно 120 милиони евра од фасилити фондовите, со што ќе се покрие трошокот за набавка на опремата која се‘ уште недостасува, како хеликоптери или морска и речна флота. Истовремено, се опремуваат прифатни центри за странци и во погон се ставаат камери со голем домет за контрола на морето.

И додека министерот за внатрешни работи Ранко Остојиќ и премиерот Зоран Милановиќ тврдат дека Хрватска е подготвена за влез во Шенгенскиот простор, малку кој верува оти тој процес ќе биде брз и безболен. Така е пред се‘ поради искуството на Бугарија и Романија кои ги исполнија формалните услови на Европската комисија (ЕК), но веќе со години очекуваат „поместување“ на границата. Ако кон тоа се додадат и специфичностите на хрватската гранична линија, како и засилената европска претпазливост поради тероризмот, се чини дека најмодерната опрема и целосната персонална подготвеност нема да ги забрзаат членките на Унијата во носењето на таквата одлука.

Преувеличена опасност од исламски тероризам?

Се стекнува впечаток како самите граѓани на Хрватска да не се оптоварени со ширењето на Шенгенската зона на границата со Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора.

Аналитичарот на порталот Obris.org, Игор Табак, предупредува дека хрватските граници во добар дел се создадени во текот на војни, па често минуваат долж реки и врвови на планински масиви. И додека во првиот случај контролата на границата е поедноставна, во другиот е потешко да се врши надзор во ретко населените, тешко достапни делови на копното. „Хрватска во последните години се трудеше да ја зголеми контролата на границите. Добивме доста опрема од нашите партнери, во крајна линија и од Германијја, а граничната полиција е зголемена со луѓе токму за тие работи“, додава Табак.

И професорот на Филозофскиот факултет во Загреб, водечки хрватски стручњак за тероризам и меѓународна безбедност Мирко Биланџиќ, во разговор за ДВ ги истакнува специфичностите на хрватската граница, од што преку илјада километри отпаѓа на границата со БиХ, земја која во последно време се спомнува во контекст на можно терористичко жариште.

Сепак, и тој потврдува дека во последните години е постигнато ниво на безбедност кое ги задоволува шенгенските услови. Биланџиќ додава дека Хрватска историски докажала дека може да биде надворешен штит на ЕУ, а веќе 15 години интензивно, на внатрешно ниво, е посветена на процесот на изградба на систем на национална безбедност. „Во нејзе антитерористичкиот систем е значајно засилен со влезот во евроатлантските интеграции и позицијата на Хрватска како членка на Меѓународната коалиција за борба против тероризмот. Постои и друга димензија. Ми се чини дека во рамки на Унијата се преувеличува опасноста од исламски тероризам, која непобитно постои. Истовремено, се занемарува фактот дека тероризмот во последните години се случува во рамки на Унијата и дека тој не е увезен проблем. Ако ги анализираме сите настани од Лондон 2005 до последните случувања во Париз, гледаме дека тоа е проблем во рамките на границите на Унијата. Тоа би значело дека Шенгенскиот договор не е решение за проблемот на тероризмот, туку дека тој е дел од проблемот. Затоа исламскиот радикализам не би требало да биде пресуден фактор за влез на Хрватска во Шенгенскиот простор“, смета професорот и додава. „Опасност постои, но ништи не се случило. Нема индикации дека Хрватска не би можела да одговори и на такви закани.“

Ааналитичарот Табак, пак, вели дека границата зависи од состојбата на двете нејзини страни, а за БиХ смета дека на некој начин е европски проблем. „Станува збор за држава во која меѓународната заедница помогна за запирање на војната, но формираше државна структура која одвај функционира. Тоа не е е добро за безбедноста и секојдневниот, нормален режим на границата. Освен тоа, таквите хаотични простори отвораат место за работа на групи кои се се‘, само не добредојдени.“

Притоа, вели Табак, треба сериозно да се земе предвид исламскиот радикализам. „БиХ беше на исклучително високо место по бројот на нејзини државјани кои биле во Гвантанамо. Од земјата и многу луѓе отидоа да војуваат во Сирија и Ирак. Дел од тие луѓе се врати, а повремено во некои енклави се гледаат знамиња на т.н. ‘Исламска држава‘. Тоа се симптоми на поширок проблем кој се однесува на муслиманската заедница во БиХ, која во најголем дел е умерена. Тоа не смее да се занемари и Хрватска тоа мора да го има на ум при осмислувањето на својот Шенген“, предупредува Табак.

Infografik Die Staaten des Schengener Abkommens Englisch NEU! April 2014!
Меѓу земјите кои се дел од Шенгенскиот договор нема гранични контроли, но затоа се построги контролите на надворешните граници на тој простор

И моќните членки на ЕУ имаат проблем со морето

Кон сето тоа треба да се додаде и морската граница на Хрватска, која е долга речиси 6.000 километри. Биланџиќ тврди дека земјата може да ја чува успешно морската граница. „Тоа е огромно подрачје за заштита. Би рекол дека Хрватска е способна за тоа, но и тоа треба да се посматра во светло на вкупните случувања. Гледаме дека и моќни джави на ЕУ имаат проблеми со заштита на морските граници. Погледнете ги само тие илегални миграции кои се случуваат од политички трусното подрачје на северот на Африка кон Италија, а во перспектива и кон други држави, како Шпанија. Тоа не би требало да биде фактор на елиминација на Хрватска. Тој ризик не е ниту помал ниту поголем во однос на она проблемот со кој во континуитет се соочени и најмоќните држави во рамки на ЕУ. Не постои апсолутен механизам на безбедност.“