Царот Путин е гол во ерата на короната
15 мај 2020На ден Велигден Владимир Владимирович Путин седнат пред каминот во својата луксузна дача надвор од Москва, телевизиски ѝ се обрати на руската нација ставена на принуден одмор (зборот карантин е забранет во официјалните обраќања): „Ситуацијата е под тотална контрола“.
Речиси четири недели подоцна Русија е претворена во втора земја според бројот на заболени и има стапка на смртност далеку повисока од официјалната и неразбирлива статистика од 0,9%. Според западните научници стапката е 70 проценти повисока само во Москва и Санкт Петербург, додека според руските доктори „статистиките се манипулирани, како и отсекогаш“.
Во моментов Путин е оставен и без своите двајца најблиски соработници, верниот портпарол Димитриј Песков и новиот човек од акција, премиерот Михаил Мишустин, кои се наоѓаат во болница на лекување од коронавирусот.
Руската економија е во очајна состојба, економските мерки во вредност од 165 милијарди долари кои токму премиерот Мишустин требаше да ги реализира и понатаму се блокирани, додека довербата во Путин и неговите рејтинзи се наоѓаат на историски минимум.
Но, и покрај сето тоа, царот речиси секој ден повторува преку своите обраќања дека: „Ситуацијата е под тотална контрола“. И како што ќе забележи „Њујорк Тајмс", Путин таа повторлива порака ја пренесува со духот и тонот на еден кооптиран монарх кому власта веќе му е здосадена и кој мора да се занимава со прашања како што е вирусот, а тоа тотално не го интересира. Како духот од Кремљ,Путин делува изгубено, а неговите политички капацитети и можности – драстично редуцирани.
75 годишнината од капитулацијата на нацистичка Германија славена на 9 мај, можеби ќе му приредеше на царот малку возбуда и ќе му ја дадеше таа толку потребна мачоистичка манифестација на која би ги истурил своите воени трупи и арсенали пред странските гости на Црвениот плоштад. Воената парада ќе му го повратеше веќе дводеценискиот наратив за воскренување на руската сила и доминација, но како последица на коронавирусот сведоци сме на сосема поинаква егзибиција: онаа тажната која говори за колони амбулантни возила и болници кои се неспособни да ги примат сите пациенти.
Како и Доналд Трамп, силниот човек од другата страна на светот, така и Владимир Путинја плаќа цената на своето спротивставување сериозно да ја разбере заканата од коронавирусот. Путиновата слабост и разочараност произлегува од фактот дека пандемијата му ги помати сметките и го одложи референдумот благодарение на кој би останал на власт до 2036 година, далеку над двата мандати дозволени од Уставот.
Потоа, се наоѓа во голема потешкотија поради последиците од падот на цената на нафтата, најважниот државен ресурс и изворот на најголем приход. Прашањето околу тоа како легално, формално и ефективно ќе ја перпетуира својата моќ и понатаму останува отворено. Путин воедно се соочува со сериозни компликации на Блискиот Исток и видливото слабеење на неговиот регионален сојузник Иран како и со клановските поделби кои го растргнуваат семејството на неговата сириска марионета Башар Асад.
Но, еден од најголемите проблеми кој оди чекор во чекор со одржувањето власт, е што Путин е во многу тешка ситуација поради непрестаниот пад на квалитетот на животот кој Русите веќе со години го чувствуваат и кој во голем дел е последица на економските санкции воведени поради анектирањето на Крим и воената дестабилизација на источна Украина.
Други колумни од авторот:
Пандемиска Студена војна меѓу САД и Кина
Автократијата расте во време на пандемија
Граѓаните и политиката контра науката: еве зошто мислиме дека знаеме сѐ
И покрај сѐ Путин одби да прогласи вонредна состојба, нешто што би било банално од аспект на неговата веќе неограничена моќ, но и нешто што потоа би барало исплаќање на компензации кон бизнисите погодени од евентуалното затворање. Но, постои и уште еден резон поради кој Путин одби да воведе вонредна состојба. Последниот пат кога Русија имала вонредна состојба беше во 1993 година под тогашна власт на Борис Елцин. Путин стравува од таквиот преседан кој покрај тоа што би ја чинел државата многу пари, би му нанел и силен удар на неговиот имиџ и наратив, дека Русија токму благодарение на силниот човек од Кремљ ја надмина кризата од деведесетите.
И покрај бегството на Путин од паралелите со Елцин и бурните деведесети, сепак ситуацијата во Русија е доволно драматична за да потсетува на крајот на 1999 година, кога двете доминантни сили во руската политика и моќ, односно богатите семејства и безбедносните служби – олигарските и силовиците – ќе дојдат до заклучок дека алкохолизмот, корупцијата или растечката непопуларност на Елцин, сериозно ја загрозува нивната моќ и стабилноста на целата земја.
Токму во такви услови, скоро поставениот шеф на екс КГБ, поранешен агент во Германија, човек добро упатен и запознаен со администрацијата во Кремљ како Путин, иако анонимус за пошироката јавност, ќе биде катапултиран во врвот на руската политика, моќ и длабока држава, прво како премиер, па в.д. претседател, па претседател со речиси неограничен мандат.
Се разбира, за разлика од Елцин, Путин неверојатно цврсто и агилно ги држи и контролира владејачките механизми и нема да си дозволи да биде дефенестриран како некаков си почетник. И се разбира дека историјата на Елцин нема да се повтори, затоа што околностите се сосема поинакви, но останува фактот дека Путин и неговите најблиски структури во моќта – олигарсите и силовиците – мора да најдат излез од длабоката криза која ја погодува руската држава. Домашната јавност повеќе не се возбудува на агресивната надворешна политика, на соништата за светска доминација, ниту пак повеќе верува во наративот дека сите зла во општеството доаѓаат од Западот. Рускиот граѓанин денеска е далеку повеќе свртен кон домашните состојби, неговата економска слабост или мизерија, како и растечкиот социјален немир. Евентуална пак катастрофа на Блискиот Исток или во Украина, само би имала уште посериозни и поголеми домашни реперкусии врз довербата и рејтингот на Путин.
Така да, што му останува на царот да прави кога сите гледаат дека е гол?! По руски, само „дезинформация".
Русија на Путин е една од земјите каде е прогласено како противзаконско објавувањето на лажни вести околу пандемијата. И во такви ситуации, кога на сите други им е забрането да кажат било што, ете како претседалот Путин се претвора во инкарнација на државната лага.
Тоа е старата, консолидирана пракса на „дезинформација“, која Путин ја има научено во КГБ и која еднаш влезен во политиката никогаш ја нема напуштено. Во некогашното КГБ дури постоела и посебна секција, на ранг на директорат, посветена ексклузивно на дезинформацијата, со канцеларии во сите поранешни советски републики или социјалистички сателити.
Трагите се силни во многу држави кои порано биле дел или под контрола на СССР. Во Белорусија на пример, диктаторот Лукашенко одбива да прифати дека постои закана од коронавирусот, одржува воени паради, остави да се игра фудбалското првенство и тврди дека лекот за короната е само добра доза на водка. Туркменистан пак ја забрани употребата на зборот корона и понатаму тврди дека нема ниту еден заразен. Дури и кај некогашниот сателит зад челичната завеса Бугарија и работењето на нивната Академија на науките – БАН во однос на македонскиот јазик и историја, можеме да ги препознаеме старите учења на советската „дезинформация".
Така доаѓаме до фактот дека денес во Русија е забрането да се умре од корона, но и дека доктори кои многу зборуваат лесно можат да „паднат“ од прозор. Нема како поинаку да се објасни дека на речиси 250 илјади заразени, Русија има само 2200 починати од коронавирусот. Дури и СЗО побара објаснувања за оваа нелогична руска статистика.
Според докторката Анастасија Василева, лидер на синдикатот „Сојуз на лекарите“, владините статистики ниту се сигурни, ниту пак поткрепени, односно, властите лажат. „Постои преќутна наредба да не се дијагностицира коронавирусот пост-мортем. Причината за смрт лесно се манипулира. Се умира заради компликации предизвикани од вирусот. Властите цело време зборат дека ‘се е под контрола', но се откриваат премногу заразени и починати и сега никој не сака да биде одговорен за тоа, уште помалку да признае дека згрешил“.
Британскиот „Фајненшел Тајмс" споредувајќи ја стапката на смртност во месец април во Москва и Санкт Петербург со просекот од последните пет години, дојде до проценка дека жртвите од коронавирусот се 72% повеќе од официјално објавените. И докторите и медицинските лица умираат од короната без тоа да биде препознаено од властите, што поради недостаток од тестови, што поради слабата индивидуална заштита на здравствените работници. Кардиологот од Москва, Алексеј Ерлик е меѓу основачите на „in memoriam" веб листа за колегите починати од коронавирусот. Листата содржи 174 имиња, многу повеќе од официјалните извештаи.
Оттука единствената константа, за домашна и надворешна употреба во руската политика останува методот на дезинформација и масовното ширење лажни вести, хакерски напади или шпионирање. Една од потврдите за таа политика се активностите на Internet Research Agency, името зад кое се крие фабриката на тролови од Санкт Петерсбург на Евгениј Пригожин, познат како „готвачот на Путин“, и која веќе се докажа за американските избори од 2016-та година.
Втората е зголемениот аларм од шефот на НАТО Столтенберг, кој предупреди дека во услови на коронавирусот Кина и Русија се обидуваат да го дестабилизираат Западот. Што се однесува до Кремљ, Столтенберг и покрај дипломатскиот јазик и желбата да не открива разузнавачки детали изјави дека руската агресија и кампања не се дело на аматери, туку сериозно организирана и многу комплексна акција.
Конечно, деновиве дојде последната потврда и тоа од европскиот политичар со најголем кредибилитет и авторитет во Европа, и оној кој има најголеми интереси да соработува со Москва, германската канцеларка Ангела Меркел.Германската канцеларка ја обвини Русија за „ужасно“ однесување поради хакерскиот напад од 2015 година врз германскиот парламент и најави дека за тоа ќе има последици. Русија води „хибридна војна“, вклучително и обиди за „дезориентација“ и „извртување на фактите. Ова не е случајна работа, ова е дефинитивно стратегија која се имплементира“, рече Меркел. Иако потенцира дека и натаму се залага за добри односи со Москва, Меркел рече дека довербата е оштетена и предупреди од последици.
Се разбира дека довербата е оштетена и дека воопшто е тешко да се говори за доверба по Рашагејт, безбројните хакерските напади врз влади и меѓународни организации, како и офлајн операциите како на пример труењето на екс КГБ шпионот Сергеј Скрипал пред 2 години.
Последниот случај со Меркел сериозно ризикува да ја смести, веќе и онака длабоко изолирана и под санкции Русија, во уште потешка и подолга економска криза, која крајно, во некој иден момент би му се удрила од глава токму на Путин. Германија е пред се Ангела Меркел и нејзината тврда позиција во одбрана на санкциите поради анектирањето на Крим, ќе продолжи да биде причина за Москва да ја третира како привилигиран непријател.
Проблемот со Русија и нејзината дезинформациска и шпионска, советска традиција е што врвот на власта и се околу неа веќе 20 години е преполна со луѓе од КГБ како Путин, изградени, моделирани и убедени дека себичното чување на сопствените и дрското крадење на туѓите тајни е една од примарните функции на власта и на целиот државен апарат.
За земја која дојде до производство на атомската бомба благодарение на украдените цртежи од страна на советските 007 во Лос Аламос – операција која ќе остане најстрого чувана тајна до падот на СССР – убедувањето дека туѓите државни податоци или фајлови содржат витални информации е просто непопустливо и непоколебливо.
Но, лошите состојби и навики на противниците за мудрите политичари не треба да се секогаш пречка, напротив, треба да се поттик за нови перспективи. Колку што маневарскиот простор на Путин ќе се стеснува и неговите внатрешни проблеми стануваат се поголеми, така Европа како економска сила која аспирира кон геополитичка реалност, мора да знае како да ја искористи ситуацијата.
ЕУ и понатаму во иднина може сериозно да инвестира во Русија под услов ако добие гаранции околу енергетското снабдување и помош околу стабилизирање на Блискиот Исток и откажување на Москва од нејзините дестабилизирачки акции на Стариот континент.
Русија конечно би можела во соработка со Европа да се заложи за промоција на мировни решенија во Сирија, Либија, да ги ослободи Грузија и Украина во нивната намера да гравитираат кон ЕУ, но и да послужат како мост, како врска меѓу самата ЕУ и Руската Федерација.
Русија делува изгубено и губитнички во своите неостварливи политики да се натпреварува за светски хегемон, и единственото што и е во интерес е да испреговара со ЕУ нешто како нов Договор од Хелсинки, под сериозни услови и сериозно исполнување на истите.
Се друго би значело бавен пад и криза на легитимитет за актуелната руска номенклатура водена од илузиите на една застарена советска политичка традиција од времето на Студената војна. Тоа или да се лажат дека „се е под тотална контрола“.