1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цајт: Македонските националисти имаат исти цели со Додик

БГ
5 октомври 2018

Во анализа на претстојните парламентарни избори во Босна и Херцеговина, германскиот весник „Цајт“ прави паралела со референдумот во Македонија и оценува дека целта на националистите е блокада на влезот во ЕУ и НАТО.

https://p.dw.com/p/361oR
Mazedonien Referendum Umbenennung Namensstreit
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Од крајот на Студената војна, регионот на Југоисточна Европа е обземен од етнички базиран национализам кој спасот го бара во одвојување на народите и заедниците. Тој национализам го блокира обидот за интеграција во сојузи надвор од етно-националните граници, пишува германскиот весник Цајт во своето интернет издание.

Како пример за ваквата политика, Цајт го апострофира лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, за кого вели дека работи на поделба на БиХ, и блокада на членството на земјата во ЕУ и НАТО.
За последиците на ваквото однесување на Додик, според Цајт, најдобар регионален пример е Македонија. Потсетувајќи дека викендот граѓаните гласаа на референдум за промена на името, со кој требаше да се отвори патот кон ЕУ и НАТО, Цајт пишува:

„Договорот (од Преспа, н.з.) упати сигнал до цела Југоисточна Европа: за отвореност, интеграција, мирно решавање на конфликти, добрососедство, економски напредок. Во програмата не беа содржани: слава, победнички паради и споменици. Но, сето тоа не им се допаѓаше на националистите во Скопје. Тие повикаа на бојкот на гласањето. И забележаа успех - премалку луѓе излегоа на гласање. Оние кои излегоа да гласаат со огромно мнозинство го поддржаа договорот. Сега премиерот Зоран Заев мора да го спроведе договорот со големо мнозинство во парламентот, кое исто така не го поседува. И таму на патот му стојат националистите.

Тие пак добиваат силна поддршка од стариот познаник: Владимир Путин. Русија низ целиот регион ги поддржува националистите, за да спречи натамошно ширење на НАТО и ЕУ. Дали Југоисточна Европа ќе остане стабилна, за Путин не е важно.

Лидерот на босанските Срби Милорад Додик редовно се среќава со рускиот претседател, а неговата партија присуствува на конгресите на Обединета Русија во Москва.

И во Скопје и во Грција руските политичари ги поддржуваат националистите. Во Грција, посредници агитираат во северниот регион Македонија, пропагирајќи протести и собири. Поради тоа, грчко-руските односи се полоши од било кога, а владата на Ципрас исфрли руски дипломати.

Russland Wladimir Putin & Milorad Dodik, Präsident Republika Srpska in Sotschi
Целта на Додик како и на македонските националисти е да се спречи влез во ЕУ и НАТО, пишува ЦајтФотографија: Reuters/Sputnik/Mikhail Klimentyev/Kremlin

ЕУ досега беше поуспешна од Русија во однос на влијанието. Додека Путин ги праќаше своите агенти да работат на терен, ЕУ се фокусираше на конкретни понуди и повици. Германците го засилија повикот за реформи и соработка преку Берлинскиот процес. Европа се обраќа на умот и економските потреби. Русија им служи на стомакот и на националистичките рефлекси. Во Босна и во Македонија ќе видиме што е посилно“, пишува Цајт.

Онлајн порталот Телеполис оценува дека „Македонија тоне во нова фаза на политичката криза“. Магазинот смета дека е многу извесно оти во земјата ќе се одржат предвремени парламентарни избори, бидејќи премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски нема да успеат да постигнат договор за двотретинско мнозинство во Собранието.

„Тоа ќе ги уништи и надежите на шефицата на ЕУ-дипломатијата Федерика Могерини и на комесарот за проширување Јоханес Хан. Во заедничка изјава тие двајца го поддржаа ставот на Заев дека огромно мнозинство гласови 'За' е сигнал за парламентот да ги преземе следните чекори за имплементација на Преспанскиот договор преку гласање за уставните измени. Имајќи предвид дека тоа многу веројатно нема да се случи, поверојатно е дека Македонија ќе влезе во нова фаза на долгогодишната политичка криза“, пишува Телеполис.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема