1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер - кандидат за германски претседател

Ж. Ацеска
14 ноември 2016

ЦДУ и ЦСУ се подготвени да гласаат за политичарот од СПД за нов претседател на државата. Со ова завршува долгата и мачна потрага по прифатлив кандидат за сите коалициони партнери во владата.

https://p.dw.com/p/2Sei2
Deutschland Außenminister Frank-Walter Steinmeier & Bundeskanzlerin Angela Merkel
Фотографија: Reuters/A. Schmidt

ЦДУ се согласи да го поддржи министерот за адворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер како кандидат за претседателските избори. Партијата на канцеларката Ангела Меркел го прифати предлогот на претседателот на СПД, Зигмар Габриел, според информациите на ДПА. За сигурна се смета и согласноста на ЦСУ, се вели во кругови на Унијата. На одлуката ѝ претходеа повеќе безуспешни обиди за наоѓање заемно прифатлив кандидат на коалиционите партнери во владата. Лидерите на ЦДУ, ЦСУ и СПД последен пат се сретнаа на разговор околу наследник на актуелниот претседател Јоахим Гаук синоќа во Берлин.

Ангела Меркел и претседателот на ЦСУ Хорст Зехофер утрово ги информирале раководствата на своите партии околу најновата ситуација. ЦСУ долго време вршеше притисок врз Меркел за истакнување кандидат од Унијата, зашто ЦДУ и ЦСУ во Сојузното собрание, кое треба да го избере претседателот на 12 февруари, претставуваат најсилна група. Во игра беа и шпекулации околу кандидатурата на покраинскиот премиер на Баден Виртемберг, Винфрид Кречман од Партијата на Зелените. Оваа партија сѐ уште не одлучила дали ќе застане зад кандидатурата на Штајнмајер. Политичарот од СПД е почитувана личност, изјави шефицата на Зелените Симоне Петер, но не е натпартиски кандидат, што беше желбата на партијата. Левицата пак уште претходно се изјасни против Штајнмајер како иден претседател. Според Левицата, тој важи за еден од архитектите на социјалните резови од реформската програма Агенда 2010.

Јоахим Гаук беше избран за претседател во февруари 2012 година. 76-годишникот најави дека нема да се кандидира повторно, повикувајќи се на својата старост. Гаук беше заеднички кандидат на Унијата, ФДП, СПД и Зелените.