1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата во Македонија може да го дестабилизира целиот регион

Б. Георгиевски/ртр/дпа21 мај 2015

Шефот на германската дипломатија Штајнмајер синоќа повика на смирување на состојбата во Македонија и враќање на земјата на патот кон ЕУ. Тензии меѓу Софија и Москва околу Македонија

https://p.dw.com/p/1FTXD
Фотографија: Getty Images/Afp

Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер е загрижен дека „без брзо смирување на состојбата во Македонија“ се заканува дестабилизација на целиот регион.

„Секое назадување во некоја од земјите на Западниот Балкан може да има последици врз целиот регион“, изјави Штајнмајер по средбата со неговиот албански колега Дитмир Бушати во Берлин. Затоа мора да се стори сѐ, за состојбата во Македонија да не ескалира во отворен конфликт меѓу различните етнички заедници, дополни шефот на германската дипломатија.

Штајнамајер рече дека инцидентот во Куманово ја шокирал ЕУ, „но и ја натерал попрецизно да се занимава со проблемот“. Тој исто така се надева дека „надлежните во Македонија ќе се погрижат за одговорно и транспарентно да го истражат случајот“.
Дополнително, Штајнмајер очекува македонското државно раководство „да даде свој придонес“ за да нема натамошни инциденти како оној во Куманово.

Тензии меѓу Москва и Софија

Кризата во Македонија предизвика тензии и на релација Русија-Бугарија, откако шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Москва изјави дека стравува од „можна поделба на Македонија меѓу Албанија и Бугарија“.

Daniel Mitov
Бугарскиот министер за надворешни работи, Даниел МитовФотографија: BGNES

„Се јавуваат и идеи од типот зошто да не се подели и онака вештачки создадената држава, па еден дел да зема Бугарија а другиот дел- Албанија“, изјави Лавров пред Советот на Руската федерација, вчера.

Следуваше жестока реакција од Софија каде ваквите ставови на Лавров ги оценуваат како „неодговорни“.

„Обидите да се наруши европскиот поредок во регионот, како и да се доведува во прашање територијалниот интегритет на Република Македонија се неприфатливи“, одговори бугарскиот министер за надворешни работи Даниел Митов.

Иако шефот на германската дипломатија Штајнмајер вчера директно не ги коментираше ваквите ставови од Москва, тој изрази надеж дека Македонија ќе остане на патот кон ЕУ.

„Се надевам дека состојбата во Македонија не само што ќе се смири, туку се надевам и дека во Македонија ќе се етаблира цврстата волја за продолжување на патот кон ЕУ, а не да расте сомнежот во овој пат“, рече Штајнмајер.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема