1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што бара Зехофер кај Путин?

Кај-Александер Шолц
16 март 2017

ЦСУ, баварската сестринска партија на ЦДУ, се смета за своеглава и инаетлива, на што баварците се горди. Нејзиниот шеф Хорст Зехофер чувствува посебна љубов кон Русија.

https://p.dw.com/p/2ZEFt
Russland Moskau Horst Seehofer auf dem Roten Platz
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Ангажманот на баварскиот покраински премиер и шеф на Христијанско-социјалната унија, Хорст Зехофер не е невообичаен: и други покраински премиери одат во посети во странство. По правило, притоа станува збор за типични работи за покраините, како нега на контакти со инвеститорите, кооперации при јубилеи или културни проекти.

Но, се одржуваат и средби со водечки политичари. Директно пред Зехофер, во Русија беше берлинскиот градоначалник Михаел Милер, иако без да се сретне со Владимир Путин.

Традиција на баварската надворешна политика

Баварија меѓутоа претставува посебност меѓу 16-те сојузни покраини со желбата да води и надворешна политика. И тоа не откако Зехофер е во премиерската фотелја. Неговиот легендарен поранешен претходник на функцијата, Франц-Јозеф Штраус, во 1970-те и 1980-те години од Баварија водеше сопствена надворешна политика. На огромно незадоволство на останатите партии, тој одржуваше прилично интензивни односи со воените диктатури во Парагвај  и во Чиле. Во 1983. година Штраус додели исклучително спорен кредит од една милијарда марки на Германската Демократска Република. Едмунд Штојбер предизвика бура во јавноста кога во 2001. година стриктно отфрли членство на Турција во ЕУ, не отстапувајќи од својот став до своето повлекување како премиер во 2007. година. Баварија негува традиционално добри односи со Русија и Унгарија, уште пред времето на Зехофер. 

Меркел не дозволува наговарања

Надворешната политика на Зехофер својата најнова кулминација ја имаше во екот на бегалската криза во 2015/2016. година. Тој патуваше во Москва, Варшава, Софија и Будимпешта. Таму Зехофер наоѓаше духовни сојузници и, за разлика од канцеларката, луѓе подготвени да го сослушаат при образложувањето на неговиот предлог за „национално решение“ - горна граница на бројот бегалци. Тоа предизвика да се чувствува зацврстен во спорот со канцеларката Меркел.

Сепак, Зехофер досега не успеа да ја убеди Меркел ни по бегалското прашање, ниту во поглед на економските санкции против Русија, без оглед на неговите непрекинати обиди. Да потсетиме на заедничката посета со Штојбер кај Путин во февруари 2016. година. Тогашните срдечни прегратки меѓу Штојбер и Путин, во време кога руското бомбардирање во сириската војна беше во полн ек, предизвикаа остри критики.

Russland, Horst Seehofer bei Wladimir Putin
Зехофер во посета кај Путин во февруари 2016. годинаФотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Баварските претпријатија - меѓу најпогодените од санкциите

Доколку на денешната средба повторно побара укинување на санкциите, кои против Русија се воведени во 2014. година, Зехофер ќе се стави во улога на пропаганден помагач на Путин, ја цитира магазинот „Шпигел“ изјавата на висок по ранг политичар од ЦДУ.

Меѓутоа, Зехофер сигурно ќе остане при својот став, со оглед на тоа што многу баварски претпријатија страдаат поради санкциите продолжени до средината на 2017. година. Повеќе од една четвртина од околу 5.500 претпријатија со германско учество, активни во Русија, се од Баварија. Во споредба со 2012. година, баварско-рускиот трговски волумен лани се намалил од 13 на 7,5 милијарди евра.

Некои од членовите на покраинската влада ќе го придружуваат Зехофер на патувањето во Русија, како министерката за економија, министрите за земјоделство и за култура. И Штојбер ќе биде со нив, како почесен претседател на ЦСУ.

„Токму во тешки времиња, мора да разговараме меѓусебно, а не едни за други. Само така се можни конструктивни перспективи за во иднина“, изјави Зехофер пред патувањето. Тој најави желба во текот на својата посета да формира баварско-руска работна група за економија. Освен средбата со рускиот претседател Владимир Путин, на програмата е и разговор со московскиот градоначалник Сергеј Собјанин, средби со руски министри и претставници на невладини организации.

Наскоро и кај Трамп?

Во плановите на Зехофер се и натамошни патувања во странство. На крајот на април е предвидена посета на Украина и средба со тамошниот претседател Петро Порошенко.

Се размислува и за пат во САД кај претседателот Доналд Трамп. Досега не е направен термин, без оглед на обидите во таа насока преку германски милијардери и деловни контакти. Канцеларката Меркел го претекна Зехофер.