Што е „татковина“?
13 февруари 2018На распределбата на ресорите во идната германска влада - доколку членството на социјалдемократите ја прифати коалицијата - може да се гледа и како на низа отстапки за социјалдемократите од страна на демохристијаните на Ангела Меркел, но и отстапки за баварската сетринска партија - ЦСУ. Во иднина Министерството за внатрешни работи ќе се вика Министерство за внатрешни работи, градежништво и татковина, а треба да биде раководено од човек од ЦСУ.
„Татковина“ притоа е само условен превод на германскиот збор „Heimat“, кој има повеќе значења - може да се сфати и како „роден крај“. Тоа е повеќе од патриотска парола, се однесува на чувството на припадност и да се биде на свое. Зборот „Heimat“ кај Германците асоцира и на одредени крајолици, одредена храна или традиционална носија. На некои овој збор им мириса на провинцијално или на оградување од мигрантите.
Но пратеникот на СПД со сенегалско потекло, Карамба Дијаби, на тоа гледа поинаку. „Се залагам за поимот татковина кој е инклузивен“, рече тој за радиото Дојчландфук. Тој нагласува дека поимот во името на министерството пред сѐ се однесува на локалните средини кои се темел на државата, а од кои голем дел страдаат поради заминувањето на младите во големите градови.
На целата работа поинаку гледа Турската заедница во Германија (ТГД). Таму постои стравување дека „Heimat" нема да промовира солидарност, туку „маргинализација и поделби“, рече Гокај Софуглу, претседател на ТГД.
Борба за поимот
Самиот збор имаше темна конотација и беше табу децении по војната. Нацистичкиот режим изразот „Heimat" го пворзуваше со национална држава. Зборот доживеа ренесанса дури со јакнењето на десничарската Алтернатива за Германија (АфД) во последните години.
Нападните обиди на таа партија за ново дефинирање на поимот татковина ги поттикна другите партии да влезат во културна борба за овој термин. „Ја сакаме оваа земја, ова е наша татковина и таа татковина нема да трпи поделби“, рече доскорешната шефица на партијата на Зелените, Катрин Геринг-Екарт по изборите во септември.
Но самиот збор останува контроверзен. По ваквата изјава на Геринг-Екарт на Твитер се огласи младинската организација на Зелените, тврдејќи дека поимот е „дискриминаторски“ и дека нема смисла да се влегува во вокабуларот на десничарите. „Солидарност, а не татковина!“, пишуваше во тој твит кој врз себе навлече вистински „шитсторм“.
Сепак, тоа не го запре претседателот Франк-Валтер Штајнмајер да ги изрази своите татковински чувства. На прославата по повод годишнината од обединувањето на Германија - 3. октомври - Штајнмајер рече дека многумина не го разбираат денешниот глобализиран свет и се заложи поимот „Heimat“ да се користи на следниот начин: „Да се разбере и да се биде разбран - тоа е татковина. Татковина е место на коешто НИЕ добива значење.“
Повеќе:
- Моја Европа: Сон за своја татковина
Меѓутоа, филозофските расправи нема да помогнат сега, кога Министерството официјално треба да се занимава со „татковината“. Вчера портпаролот на министерството Јоханес Димрот не знаеше да каже кои политички сфери ќе ги покрива Министерството за внатрешни работи, градежништво и татковина. Единствено рече дека „татковина“ во името на ресорот нема да има ништо со американскиот пандан кој се вика „homeland security“.
„Татковина“ е и брзиот интернет
Двете најбројни по жители германски покраини веќе имаат искуства со оваа тема. Баварија има Министерство за финансии, регионален развој и татковина, а Северна Рајна Вестфалија има Министерство за татковина, локална самоуправа, градежништво и еднаквост. Во Баварија годишно се објавува „татковински извештај“ во кој стои: „Татковина значи: да се биде дома, да се остане дома и да се чувствуваш како дома.“
Попрецизно, тој ресор всушност се занимава со поттици за создавање нови работни места и подобрување на инфраструктурата во руралните краеви. „Целта на работата на Министерството за татковина е да се избегне развој на Баварија во две брзини“, велат од Министерството на прашањето на ДВ. Некои од начините се вложување јавни пари пред сѐ во структурно слабите региони, развој на широкопојасен интернет, децентрализација, но и промоција на локалната култура и традиција.
Во баварската ЦСУ не одговорија како мислат работата од покраинско да ја префрлат на сојузно ниво. Сепак, нема дилеми дека новиот ресор на конзервативците ќе им служи и за придобивање на населението од сиромашните краеви на Германија кое засилено се сврте кон АфД.
Кога шефот на поратеничката група на демохристијаните во парламентот на покраината Тирингија, Мајк Моринг, минатата година ја спомна можноста за основање вакво министерство, рече: „Тоа би бил добар одговор на грижите на луѓето ширум земјата кои се чувствуваат запоставени.“