1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што навистина донесе Заев од Берлин?!

3 мај 2019

Северна Македонија во Берлин беше гостин на сопствениот успех, убава вазна која сите требаше да ја видат, некои со насмевка, а други со гримаса, и потоа да преминат на поважните прашања. Колумна на Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/3Hqu6
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

За време на велигденските празници, помеѓу двата изборни круга на претседателските избори во Македонија, во пресрет на 1 Мај, се случи новата Берлинска конференција, популарно наречена Самит.

Северна Македонија и премиерот Заев беа гости на честа. Прелистувајќи ги македонските медиуми, најавите на нашите власти, нивните изјави, брифинзите до медиумите блиски до власта, можеше да се добие впечаток дека самитот за Западен Балкан, организиран од германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Макрон, е посветен ексклузивно на Северна Македонија. Главни вести со кои бевме буквално бомбардирани беа пофалбите за постигнатиот договор со Грција и како Северна Македонија е светол пример за регионот, ако не и пошироко. Сѐ тоа проследено со топли прегратки на Заев во сендвич помеѓу Меркел и Макрон.

И сѐ тоа е во ред, освен малата медиумска манипулација на нашата власт која сакаше тримфалистички да се престави во и од Берлин, додека во реалноста целта на самитот беше приближувањето и одблокирањето на дијалогот помеѓу Србија и Косово. Нашите власти не се трудеа тоа особено да го потенцираат. Верувам и дека просечниот читател лесно бил убеден дека во Берлин се зборувало само за Македонија.

Но, Меркел и Макрон не само што официјално и гласно кажаа дека самитот во Берлин не го заменува Берлинскиот процес, и дека нема да стане никаков збор за проширување кон ЕУ на Западниот Балкан, туку и средбите со Македонија, ги сведоа на билатерално ниво, и за пораките од тие средби не добивме дополнителни информации. Србија и Косово беа претставени на двојно владино ниво, со премиер и претседател, додека останатите беа поканети само на премиерско ниво.

Уште невратена нашата делѐгација во Скопје, угледниот „Фајненшел Тајмс“ излезе со ударна статија: Студен туш од Макрон и Меркел во Берлин, мали се шансите за брз влез во ЕУ!

Според весникот, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон отворено им порачале на делегатите од шесте земји дека мали се шансите наскоро да ѝ се придружат на Европската унија и дека прво треба да ги средат внатрешните работи во своите земји.

Како што пишува „Фајненшл Тамјс“, Макрон се фокусирал на потребата од политичка стабилност во регионот, велејќи дека Париз ќе пружи помош во клучните економски, социјални, безбедносни реформи, како и во областа на владеење на правото, а не преку процесот на проширување. Веќе следниот ден, преку француската амбасада во Северна Македонија, излезе Стратегијата на Франција за Западен Балкан, искрено, една духовита серија на општи политички, економски и безбедности критериуми и мерки со кои Франција планира да се врати во регионот, и која наликува на инструмент за одолговлекување и оправдување на француската политика против проширувањето, особено во оптика на амбициите на Скопје.

Често играна улога на миленик

На Меркел пак, која за волја на вистината навистина нѐ пофали, целта на овој самит ѝ беше да ги отстрани територијалните прашања од дијалогот за решавање на спорот помеѓу Белград и Косово. Сигурно, во однос на РСМ ветила дека ќе поработи на убедување на Макрон да добиеме датум и препорака за отворање преговори со ЕУ, но прашање е колку навистина ќе успее во потфатот, како што и понатаму виси дека ќе добиеме датум во јуни, нешто што најверојатно ќе се случи наесен, доколку дотогаш успееме да не направиме некоја поголема глупост.

Оттука, прашањето кое се наметнува од Самитот за Западен Балкан, е каква улога играше Македонија навистина во Берлин, кои се нашите реални очекувања, а колку властите го искористија самитот за предизборно пред домашната јавност да се покажат во најдобро можно светло? Од начинот како нашиот премиер се однесува кон реформскиот процес, пофалбите и регионалниот контекст, може да се забележи една преголема леснотија, наива, едноставност во сфаќањата и толкувањата на севкупните проблеми кога станува збор за нашиот европски пат. Со други зборови, се поставува прашањето: Што навистина донесе Заев од Берлин?!

Премиерот Заев еднаш стапнат на домашно тло од Илинден загрме: Доаѓам од Берлин, каде што имав многу успешни состаноци со Меркел и Макрон. Точка. И понатаму со преголема леснотија зборува за готов датум за преговори, за пари кои брзо ќе дојдат со нивното почнување, несакајќи пред јавноста да ги отвори и помалку комотните прашања на целиот процес и регион. Оваа улога на миленик на странците македонските политичари ја играле премногу пати пред сопствениот народ, леснотија и невнимателност која не може да се забележи кај нашите институции, конкретно МНР, кое делува далеку помудро и пострпливо во своите заклучоци, и кое верувам внимателно ќе ги измери средбите со Меркел и Макрон, пред да образложи кои се следните чекори.

Фалење со пофалбите

Но, да ја видиме нашата димензија во Берлин.

Пофалбите кон Заев повеќе делуваа како стап за Вучиќ, отколку како морков за Македонија. Не се сомневам дека и со евентуално доцнење, наесен ќе добиеме препорака и ќе се качиме на возот за ЕУ со Србија и Црна Гора, но проблемот што ме мачи е што тој воз не води никаде, или барем, никаде брзо.

Јасно беше дека фокус на средбите не е Македонија, без разлика колку нашите власти се обидуваа да остават таков впечаток. Ние бевме убава можност за сликање за Ангела и Макрон пред европските избори. Нешто што му одговараше и на Заев, кој пред вториот круг има малку што конкретно да понуди – уште не сме во НАТО, уште немаме датум, а со името не е баш за фалење пред јавноста. Па така, се фалеше со пофалбите.

Фокусот беше на Србија и Косово, тоа дури е видливо и во стратегијата на Макрон. Излегува дека еднаш кога ќе решиш проблем, веќе не си интересен, и твојата вредност се намалува во меѓународната политика, стануваш убав пример, но штом си пример, значи дека постои поголем проблем. Со други зборови од тебе и се очекува да бидеш малку жртва на сега поголемата слика и од твојата голема слика, а второ, да бидеш малото стапче со кое Белград и Тирана ќе се подбуцнуваат и потсетуваат што изгубиле, и можеби, што допрва ги чека. Македонија таа улога ја игра и повеќе од доследно, и во мудра предизборна калкулација, детерминирана сигурно и од личното пријателство на Заев со Харадинај, дознавме од Вучиќ дека нашиот премиер го бранел воведувањето на таксите, наведувајќи дека за нив е виновен Белград и дека Албанците биле испровоцирани со блокадата за влез во Интерпол. Недипломатски коментар, кој верувам е регистиран, но и недемантиран од нашите власти. Од друга страна, гледаме како во пакет, на грб ни е натоварена и Тирана, која почна сериозно да каска зад европските реформи, која се соочува со сериозна внатрешна политичка криза, и за која Меркел стравува дека ако не го фати возот со Скопје за ЕУ, нема да го фати воопшто.

Значи, поголемиот проблем е токму Србија, Тирана на грбот, и фактот дека сме премали и пренезначајни за посебно да нѐ вреднуваат и оценуваат, додека ентузијазмот за побрзиот пат кон Европа нашиот премиер го помеша со слепа улица додека не се решат некои поголеми регионални прашања.

Недоволно за засебно вреднување

Проблемот не е што нашите власти тоа не го знаат, туку што пред домашната јавност се прават наудрени дека тоа не го разбираат, и дека ние мораме по секоја цена да одиме напред во евроинтеграциите. Тоа што е добро за нас е што оние што инвестираа дебело во Вучиќ сега се прашуваат дали таа инвестиција вредела, исто како и за Рама, и затоа овој засилен притисок од кој дел е и Македонија. Но, проблемот за нас не лежи само во тврдоглавоста на Белград и Приштина, или забеганоста на Тирана, туку и во геополитичкиот судир помеѓу Берлин и Вашингтон, нешто што претставува тежок и лесен избор во исто време за Македонија. Лесен, заштое  јасно дека Америка е нашиот стратешки партнер, но кој може во ова време да каже „не" и за силната поддршка од Меркел. Политиката на Германија е сепак нешто постабилна во последно време од онаа на Вашингтон. А ние, кои стално гледаме кон Вашингтон, можеби веќе и не знаеме со кого комуницираме – дали со разулавената екипа на Трамп, или со стабилните емисари од Стејт Департментот. Можеби навистина имаме среќа што идниот помошник-државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, е токму поранешниот американски амбасадор во РМ, Филип Рикер.

Нека биде јасно, немам сомнежи дека сме единствената држава која заслужува побрз напредок, и единствената која знае кај сака да оди, но тоа, за жал, делува како недоволно за ЕУ да нѐ вреднува засебно или наградува посебно, особено кога ќе дојде време и ќе заслужиме влез во ЕУ.

Други колумни од авторот:

Мислете му ја во Третиот круг!

Нотр Дам, Воинот на Коњ и изметот за активистите

Патот кон ЕУ ќе трае допрва предолго, повеќе од деценија, и ние мораме покрај преговорите да спроведуваме радикални реформи, инаку ќе папсаме, ќе се заборавиме и ќе се издепримираме мислејќи само на Брисел. Ќе се избуржуиме што би се рекло, или барем нашите власти би станале прекомотни во реформите, би ги следеле премногу Белград, Пришина и Тирана, мерејќи се со нивните реформи, а не со нашите потреби или можности. Затоа и Хојт Ји нѐ прочита и не случајно нѐ изедначи со регионот (кога веќе и онака го ловиме српскиот воз, а сме во исто купе со Тирана) и не нѐ издвои од примерот дека буквално сите земји глумат реформи. Дека брзата интеграција во ЕУ е илузија. Дека 2025-та е смешна како година за влез во ЕУ. Да појаснам уште нешто: ако ние сме сериозни, добиеме преговори и имаме луда среќа да нѐ вреднуваат посебно, убеден сум дека за брзо време би ги претркале Белград и Подгорица, но, гледајќи како нашата влада се однесува кон клучните реформи, тоа повеќе наликува на пуста желба, отколку на некаква си реална анализа. Загрижува оваа изјава на Хојт Ји, и генерално гласниот молк од официјален Вашингтон.

Тоа е!

Ризикот со српската замрзнатост и албанската забревтаност е ние да си го прифатиме тоа како оправдание, а не како поттик. Ризик да се припоиме потворно на испробаниот регионален модел на стабилократија и олигопол кој глуми иновација и реформи, а во кој Северна Македонија ќе биде еден од трњето во ногата на Србија, самар за Тирана, другар на Приштина, додека се чека бавниот пад на Вучиќ, или бавното решение на косовското прашање. А Европа досега би требало да има научено дека со поддржување на политиката на стабилократија на Балканот, само повеќе ја балканизира Европа.

Северна Македонија во Берлин беше гостин на сопствениот успех, убава вазна која сите требаше да ја видат, некои со насмевка, а други со гримаса, и потоа да преминат на поважните прашања. Симптоматично беше да се види нашиот премиер на мултилатералната средба како седи на самиот крај, најдалеку од Меркел и Макрон, со израз на лицето, како да сака да каже: Тоа е!

Откако го средивме нашиот голем историски проблем, сега е до нас да се помириме дека треба помогнеме или барем да почекаме до средување на најголемиот балкански проблем, по нерешливата Босна, или пак, со леснотијата на Заев да веруваме дека сѐ е решено и сѐ ќе се одвива на најдобар и најбрз можен начин.

И да е како што се однесува и со јавноста комуницира Заев, сепак мислам дека е подобро секогаш да се подготвиме и за потешкиот и подолгиот пат. Сепак, да не заборавиме, набрзина Заев од Берлин на економски план и инвестиции донесе само една голема нула, и би било паметно да не ја повторуваме таа грешка и на политички план.

За малку ќе го заборавев и онака заборавениот и во заминување, непоканетиот во Берлин, комесар за проширување на ЕК, Јоханес Хан. Веројатно во едно од последните тргнувања на оваа постава на ЕК, како воопшто да не ги проследил пораките од Берлин, Хан на 1 Мај ќе излезе со изјавата: Дојде време Западниот Балкан да се приклучи на ЕУ!

Драг Јоханес, 1 Април беше пред месец дена.