1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Што по крајот на воздушниот мост од Кабул?

Керстен Книп
30 август 2021

По прекин на воздушниот мост од кабулскиот аеродром, официјален Берлин сака да стартува „следна фаза на помош“ за евакуација на луѓе од Авганистан. Ќе успее ли во намерите?

https://p.dw.com/p/3zgBW
Einer der letzten Evakuierungsflüge der Bundeswehr ist am Donnerstag in Taschkent gelandet
Еден од последните летови на Бундесверот за евакуација од Кабул слета во четвртокот (26.08.2021) во Ташкент, Узбекистан.Фотографија: Marc Tessensohn/Bundeswehr/dpa/picture alliance

Како ќе се спроведе оваа фаза во најголема мерка зависи од преговорите со талибанците, вели за ДВ, Нилс Шмид, портпарол за надворешнополитички работи на пратеничката група на СПД во Бундестагот. Јасно е дека во таков случај се би требало да се изведе со цивилни авиони, бидејќи воздушниот транспорт веќе нема да може да се одвива со воена поддршка. „Во идеален случај аеродромот во Кабул би бил повторно отворен за цивилен сообраќај, така што првично би летале чартер авиони, а потоа би се воспоставиле и редовни линии со кои би можеле да се евакуираат Авганистанците и останатите странски државјани. Секако во договор со талибанците. Тоа би било нужно за да може да отпатуваат поголем број лица. Но, сето тоа сега зависи од разговорите со талибанците.“

Испраќа ли Берлин лажни надежи?

Сè уште е нејасно под кои услови талибанците би ги пуштиле да излезат од земјата своите сонародници кои се под закана, вели за ДВ Омид Нурипур, портпарол за надворешно политички прашања на пратеничката група на Зелените во Бундестагот. „Талибанците со сигурност ќе бараат висока цена за секое лице кое би го пуштиле да замине, бидејќи ние станавме подложни на уцени со тоа што не успеавме да ги евакуираме сите на време“. Изјавите дека сакаат да ги извлечат луѓето од земјата подоцна се несовесни. „Во сегашнава ситуација се плашам дека на луѓето само им се дава сурова лажна надеж.“ На огромен број лица, меѓу кои во голем дел се поборници за женски права и новинари, им се заканува смрт, вели Омид Нурипур. Би било исправно да се стори сè што е можно тие да се заштитат и да се извлечат.

„Но, фактот дека тоа не е направено на време, сега води до тоа дека ќе биде многу потешко да се најде реално спроведливо решение.“

Како и да е спасувањето во основа не е исклучена опција, вели Нилс Шмид. „Според мене тоа е реално, но отворено прашање. Интензивно работиме на тоа преку преговорите во Доха да се договориме со талибанците да ги пуштат Авганистанците кои сакаат да излезат од земјата, кои се чувствуваат под закана бидејќи работеле или се поврзани со Западот“.  Оваа задача може да се реши само политички и дипломатски – воена опција е исклучена. „Успеавме да извлечеме илјадници лица, но точно знаеме дека уште еден голем дел од нив се останати во земјата. Работиме под полна пареа да ги извлечеме од таму.“

Различни оцени за можностите да се влијае

Германија има можности да влијае врз талибанците, оценува за ДВ Јохан Вадефул, заменик претседател на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот одговорен за надворешна политика и одбрана. Засега е отворено кое крило ќе се наметне во хетерогената групација, но од резултатот ќе зависи и во кој степен талибанците ќе видат сметка за човекови права. „Не смее да негуваме лажни илузии: талибанците се водат по јасна идеолошка агенда која се потпира на архаично толкување на Шеријатот”, дециден е Вадефул.

Сепак на талибанците им е јасно дека зависат од странската помош и економските дејности. „Енормно брзиот пад на вредноста на валутата, како и растечките цени само неколку дена по преземањето на власта ја покажуваат таквата ранливост. Затоа Западот токму преку финансискиот ангажман ќе има одредена, макар и ограничена во ефектот, маша”.

Таа треба да биде искористена во претстојните недели во соработка со меѓународните партнери. „Но, за нас мора барем минимум стандарди за човекови права, особено што се однесува до жените и девојките, да бидат црвената линија преку која не смее да пројдеме”, вели Вадефул. 

Нов живот за Авганистанецот кој побегна од Кабул

Омид Нурипур пак смета дека можностите за влијание од страна на Западот се ограничени. Тешко и да има средства за да се врши притисок. „Ние заминавме. Влијанието ни е екстремно ограничено“.  Затоа Нурипур предупредува дека не треба да се има преголеми очекувања од преговорите со талибанците. Тие многу нешта ветуваа и ништо не исполнија. Клучното ветување дадено на администрацијата на Трамп и на Бајден беше прекин на соработката со Ал Каеда. Тоа и до ден денешен не е исполнето. И статусот на талибанците ги отежнува преговорите: „Зборуваме за милитанти кои истиснаа легитимна власт. Тоа не е влада со која туку така ќе разговарате за полиња на соработка. За такви преговори мора да има јасни црвени линии.", вели Нирупур.

И предупредувањето од Германија дека под одредени околности може да дојде и до прекин на развојната помош, има само ограничено влијание. “Тоа претпоставува  дека талибанците се заинтересирани за развој на земјата, а не да им се врати во камено доба. Оној кој смета дека талибанците имаат таков интерес едноставно не ги познаваат доволно”.

Нилс Шмид пак има друго размислување. Економската состојба во земјата не може да ги заобиколи ниту талибанците, смета тој. „Се работи за итна хуманитарна помош. Земјата е погодена од суши и недостиг на храна. Има многу внатрешно расселени лица, економската криза е драматична”, заклучува тој. Освен тоа битно е до кој степен талибанците ќе се вклучат во разговори и договори со меѓународната заедница. Барем дел од нив се стремат да бидат признаени од меѓународната заедница, наместо како за време на минатото владеење пред 20 години да ги сметаат за т.н. „парија” (најнизок слој во општеството, односно без малку отпадници, заб.на ред.).

„Прашањето за евакуација на Авганистанци од земјата е прв тест за подготвеноста на талибанците да се впуштат во таков тип преговори со меѓународната заедница”.

Afghanistan | Nach dem Anschlag in Kabul
Талибански борец стражари на местото на самоубиствениот бомбашки напад во Кабул во кој загинаа над 100 лица.Фотографија: Wakil Kohsar/AFP/Getty Images

Соработка со Кина и со Русија?

Русија и натаму ја држи отворена својата амбасада во Авганистан, исто како и Кина, која веќе некое време е во преговори со талибанците. Би можеле ли западните држави заедно со овие две земји да влијаат врз талибанците, независно од разликите во политиките во однос на човековите права?

За него координацијата меѓу членките на ЕУ и НАТО е на прво место, вели Јохан Вадефул. „Заеднички и јасни сигнали од кругот на тие држави се сепак најефективни”, смета тој. Овие држави во моментот водат разговори со претставници на талибанците. За натамошна и институционална соработка ќе мора дополнително да се преговара.

„Не гледам допирни точки меѓу нас и Кина или Русија што се однесува до спроведувањето на човековите права во Авганистан”, вели Вадефул. Но, затоа имало пресек на интересите. „Русите и Кинезите, исто како и ние имаат интерес на долгорочна внатрешна стабилност во Авганистан. Тоа може да се постигне само преку баланс на моќта меѓу различните етнички групи во Авганистан и минимум на заштита на човекови права и слободи. Освен тоа, заеднички интерес е Авганистан да не стане повторно рассадник за меѓународен тероризам. За тоа ќе се бара дијалог и со Русите и со Кинезите“.