1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што прават погрешно социјалдемократите во Европа?

Кристоф Хаселбах
4 декември 2019

Германските социјалдемократи го променија раководството, но и натаму се соочуваат со слаба поддршка од избирачите. Слична состојба владее и во некои други европски земји. Но, има и исклучоци.

https://p.dw.com/p/3UCb8
Verwelkte Nelke
Фотографија: imago/imagebroker

Португалија: Голем пресврт

Доколку европските социјалдемократи денес бараат утеха, тогаш треба да го вперат погледот кон Португалија. Таму социјалдемократот Антонио Коста на изборите во октомври дури ја зголеми својата предност и тоа за четири проценти, па сега има поддршка од 36 проценти од избирачите. Неговата партија се нарекува социјалистичка, но е социјалдемократски насочена. Втора насјилна партија, која е во опозиција, е Социјалдемократската партија, но таа се смета за конзервативно-либерална, а на изборите претрпе значителни загуби. Претседателот на владата Коста повторно е избран благодарение на мешавината од згрижувачка социјална политика и одговорно раководење со буџетот. Јавните финансии се консолидирани. Без оглед на тоа или токму затоа стопанството забележа пораст. Коста сега планира минималната плата да ја зголеми од 600 на 750 евра и да воведе мерки за поттик на вработувањето на млади луѓе.

Portugal Parlamentswahlen Premierminister Antonio Costa
Социјалдемократот Антонио Коста на успешен курсФотографија: AFP/P. De Melo Moreira

Франција: Катастрофална состојба

Можеби во ниедна европска земја социјалдемократите не доживеаја таков пад како во Франција. Партијата и натаму самоуверено се нарекува „социјалистичка“, а не социјалдемократска. Таа својот зенит го имаше во време на претседателот Франсоа Митеран од 1981. до 1995. година. И потоа  Социјалистичката партија  беше една од поголемите партии, во 2012 . година во Националното собрание имаше апсолутно мнозинство, а нејзиниот претседател Франсоа Оланд беше претседател на државата. Но, тогаш следеше пад. На претседателските избори во 2017. година нејзиниот кандидат доби само шест проценти гласови и заврши на петто место. На европските избори падна дури на шесто место, а засега нема знаци за опоравување.

Полска: Будење од зимски сон

Кај полската левица во моментов има големи придвижувања по последните четири години живуркање. Левицата е поделена на три партии: СЛД (Сојуз на демократската левица), Вјосна (Пролет) и Левица разем (Левица заедно). На  парламентарните избори во октомври  трите партии во коалиција освоија 12,6 проценти гласови, што е голем успех, зашто СЛД во коалиција со други помали партии во 2015. година беше под изборниот праг од осум проценти. СЛД е најсилна од трите партии и класично социјалдемократски ориентирана. Таа настана од Социјалдемократијата на Република Полска, која пак ја наследи комунистичката партија ПВАП. Вјосна беше основана во 2019. година од страна на харизматичниот лево-либерален европратеник Роберт Биедрон. На европските избори во мај таа освои шест проценти од гласовите. Левица разем е партија поддржувана од младите бирачи во големите градови, пример и` се скандинавските социјалдемократи. Нејзиниот прв човек е пратеникот во Сејмот, Адриан Зандберг, и самиот израснат во Скандинавија. На парламентарните избори во 2015. година Разем освои 3,6 %. Трите партии застапуваат проевропска, социјална и лаицистичка ориентација.

Романија: Фалсификувано име

Последниот подем на социјалдемократите беше во ноември, но сепак не беа успешни. Тогашната шефица на партијата ПДС Виорика Данчила загуби против досегашниот  претседател Клаус Јоханис.  Никогаш реформирана, само преименувана во социјалдемократска, организацијата - наследничка на романската Комунистичка партија повторно не водеше сметка за потребите на работниците, туку се сврте кон популистички ветувања и национализам. Тоа долго функционираше. И во Европа оваа партија вешто глумеше успешно спојување меѓу социјалдемократијата и комунистичката партија. Во Романија со децении, со кратки прекини, ги контролираше владејачките коалициии. Неуспехот на Данчила не беше неочекуван. Уште на европските избори во мај гласачите ја казнија оваа партија, го отфрлија настојувањето на ПДС за злоупотреба на правосудството, за угнетување на малцинствата и непочитување на правната држава. Како и фактот дека лажно се претставуваше како социјалдемократска партија. За само три години бројот на нивните гласачи е преполовен на околу 20 проценти, сега ПСД се бори за преживување.

Deutsch-dänische Grenze
Азилот им донесе гласови на социјалдемократите во ДанскаФотографија: picture-alliance/dpa/L. Schulze

Данска: Успех благодарение на строгата политика на азил

Ниедна друга социјалдемократска партија во Европа не спроведува толку строга политика на азил. Токму тоа, заедно со класичната левоориентирана социјална политика, го донесе успехот. Во пресрет на изборите во јуни данските социјалдемократи, на чело со младата  Мете Фредериксен,  бараа спроведување на постапка за доделување азил надвор од ЕУ. Давањето развојна помош би требало да биде условено со подготвеноста на земјите повторно да ги примат своите државјани на кои им е одбиена апликацијата за азил, истакнуваше Фредериксен и така привлече бројни Данци, кои порано гласаа за деснопопулистичката Народна партија. Таа партија падна драматично од 21 на 9 проценти. Бившиот шеф на германската СПД, Зигмар Габриел им препорача и на германските социјалдемократи да застапуваат ваква политика, но тоа наиде делумно на многу остро противење кај неговите другари.

Повеќе: 

Социјалдемократите во Европа: Падови и подеми

Велика Британија: Крај на носителот на надеж

Пред неколку години денес 70-годишниот Џереми Корбин беше голема надеж на Лабуристичката партија. Посебно младите луѓе беа одушевени од неговите идеи за прераспределба. Многумина тогаш се зачленија во партијата. Но, тоа е минато. Причина е  Брегзит.  Стариот  левичар Корбин  отсекогаш беше сомничав кон Европската Унија, таа му беше премногу капиталистичка. Во дебатата за Брегзит затоа тој не се залагаше премногу за останување во ЕУ. Ни сега, пред изборите на 12. декември, тој не зазема јасна позиција. Бројни гласачи се прашуваат што застапува Џереми Корбин во поглед на најважното стратешко прашање на нацијата. Оној кој сака останување во ЕУ, попрво ќе гласа за Либералните демократи или за Зелените, а кој е за Брегзит, ќе ги бира конзервативците. Многумина кои би сакале левичарска социјална политика и останување во ЕУ, тешко ќе се одлучат за Лабуристите.

Österreich Wahlen Wahlkampf SPÖ Pamela Rendi-Wagner
Памела Ренди-Вагнер не успеа да донесе победа на нејзината партијаФотографија: Reuters/L. Foeger

Австрија: Расправа за насоката

На австриските социјалдемократи всушност би требало да им оди подобро во опозиција. Владата на конзервативната Народна партија и деснопопулистичката Слободарска партија летоска се распадна откако шефот на Слободарската партија,  Кристијан Штрахе покажа наклонетост кон корупција. Освен тоа, првата жена на чело на СПА, Памела Ренди-Вагнер внесе свеж ветар во традиционалистичката партија.

Но, социјалдемократите и натаму заслабнуваат. Додека на изборите во септември конзервативната Народна партија на канцеларот Себастијан Курц забележа зголемен број гласачи, а силен пораст добија и Зелените, СПА загуби уште шест проценти и заврши на 21 процент од гласовите. Тоа е најлошиот резултат во повоениот период. Никакво чудо што кај социјалдемократите сега се разгоре дискусија околу ориентацијата на партијата. Медиумскиот менаџер Герхард Цајлер, угледна личност во партијата без официјална функција, пледира за појасно позиционирање во однос на миграцијата. Тој се залага како за спречување на поткопувањето на правото на азил, така и за правото на државата да инсистира на  тоа доселениците да учат германски јазик и да ги почитуваат европските вредности како рамноправноста на жените и мажите.