Јавниот долг за време на пандемијата вртоглаво расте
16 февруари 2022Јавниот долг на Северна Македонија го надмина нивото од 60% од бруто домашниот производ (БДП). Во услови на ковид пандемијата долгот е зголемен за дури 15 процентни поени, се посочува во ревизорскиот извештај којшто го објави Државниот завод за ревизија. Ако лани македонските граѓани биле задолжени од државата со по 3.475 евра, сега долгот на секој од нив надмина над 3.500 евра.
„Во Северна Македонија, во Ковид-19 кризата, јавниот долг е зголемен за 15 процентни поени од БДП и е постигнат лимит на јавен долг од 60 проценти, што може да го доведе во прашање претпазливото управување со јавниот долг и одржливоста на јавниот долг во иднина“, се укажува во извештајот.
Анализите покажуваат дека јавниот долг бил во континуиран пораст во период од 2008 година до 2016 година. Во 2016 година, нивото на јавен долг се стабилизира се до 2019 година, пред започнување на здравствено економската криза, од кога почнува постојано да расте.
Укажувања на ревизорите
Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека јавниот долг на 31.12.2020 година изнесува 6.483,3 милиони евра, односно 60,2% од БДП. Состојбата на долгот во вториот квартал за 2021 година, пак, изнесува 7.386,8 милиони евра, односно 64,4% од БДП.
Околу 75% од вкупниот јавен долг, односно 88% од државниот долг е за финансирање на буџетскиот дефицит каде се проектирани повисоки расходи од приходи, а изворите за финансирање се преку задолжување од домашни и странски. извори што има големо влијание врз создавањето, цената, одржливоста и управувањето со јавниот долг. Отсуството на клучни процеси во управувањето со јавните инвестиции влијае на зголемување на цената на проектите, а со тоа и на ефикасно управување со јавниот долг, се наведува во ревизорскиот извештај.
„Државните расходи се во постојан пораст во апсолутен износ, а значително се зголемени и како процент од БДП во 2020 и 2021 година, за справување со здравствено економската криза и изнесуваат околу 37% од БДП во 2020 година, а за 2021 година, планирани се на износ од 38% од БДП, поради што значајно е зголемен дефицитот во 2020 година, изнесува 8,11% од БДП, а за 2021 година, е планиран на 6,5% од БДП“, укажуваат ревизорите.
Проекции
Среднорочните проекции покажуваат дека јавниот долг ќе го надмине максималниот праг од 60% од БДП во периодот 2021-2023 година, но како резултат на мерките на фискална консолидација се очекува негова стабилизација во 2024 година и потоа во 2025 година повторно враќање во планираните рамки под 60% од БДП.
-повеќе на темата: Загрижувачки прогнози на ЕК: Пад на македонската економија за 4,9 отсто
Според податоците објавени на веб-страната на Министерството за финансии државниот долг во 2019 година, е 4.556,8 милиони евра, односно 40,7% од БДП, додека јавниот долг е 5.540,9 милиони евра, односно 49,4% од БДП. На глобално ниво и во земјата, во 2020 година како резултат на пандемијата, економијата беше во рецесија и беше остварена негативна стапката на раст од 4,5 % од БДП. За поддршка на економијата во време на пандемија зголемени се буџетските расходи и како резултат на тоа буџетскиот дефицит за 2020 година, изнесува 8,11% од БДП, а јавниот долг во 2020 година во однос на 2019 година се зголеми за 10,8 % од БДП.
Препораки
Како последица на пандемијата на меѓународно ниво има суспендирање на фискалните правила со цел зачувување на економијата и здравјето на луѓето. Во извештајот се посочува дека е потребно да се уреди со одреден акт или документ начинот на водење на фискалната политика во овие вонредни околности. Со донесување во Собранието на новиот предлог Закон за буџети се очекува подобрување на буџетскиот процес, а во постапката на планирање на буџетот во услови на намален фискален простор за непродуктивни расходи поради постигнат лимит на јавниот долг во буџетскиот процес, задолжително треба да се прави анализа на одржливоста на долгот.