1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се испитува и улогата на Мајк Пенс во аферата со Украина

ЕМФ / дв
5 октомври 2019

Во потрагата по информации кои би го оптовариле американскиот претседател Доналд Трамп, демократите сега во визир го имаат и потпретседателот Мајк Пенс.

https://p.dw.com/p/3QlcY
Polen Gedenken Zweiter Weltkrieg Warschau | Mike Pence
Фотографија: Reuters/Agencja Gazeta/S. Kaminski

Се работи за разјаснување на улогата на американскиот потпретседател Мајк Пенс и неговите соработници во односот со Украина од почетокот на годинава, се вели во писмото на претседателите на трите комисии на Претставничкиот дом кои ја водат истрагата. Извештаите во јавноста, како што се вели, исфрлиле на површина прашања за улогата која можеби ја имал Мајк Пенс за „пренесување или зајакнување“ на пораката на Доналд Трамп до украинскиот претседател Володимир Зеленски. Од Пенс се бара до 15 октомври да ги поднесе документите, имејл-пораките и други материјали кои се однесуваат на Украина. Доколку тоа не се случи, тоа ќе биде сметано како попречување на истрагата за можна постапка за отповикување од функцијата на претседателот Трамп.

Истовремено, Демократите, кои имаат мнозинство во Претставничкиот дом, со закана со казна од Белата куќа бараат објавување на некои документи. Рокот за тоа истекува на 18 октомври, „Жалиме што претседателот Трамп, нас и целата земја, не’ доведе во ваква ситуација, но неговите постапки не ни оставаат друг избор“, се вели, меѓу другото, во писмото на претседателите на трите комисии.

Warschau Treffen Zelenskiy Pence Ukraine USA
Каква порака му пренесол Пенс на Зеленски?Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Josek

Демократите, покрај останатите документи, ги бараат сите информации за два телефонски разговора со Зеленски, вклучително и интерната комуникација со други владини службеници. Освен тоа, пратениците бараат и информации за повеќе средби на кои станувало збор за Украина и сите документи за одобрување на американска помош за украинската армија.

Повеќе:

Кои му се „пријателите“ на Трамп во Украина?

Што точно разговарал Трамп со Зеленски?

 Демократите минатата недела покренаа постапка за отповикување од функцијата на Доналд Трамп поради аферата со Украина. Американскиот претседател се најде под притисок откако стана познато дека во еден телефонски разговор на крајот на јули го охрабрил украинскиот претседател Зеленски на истрага против својот демократски ривал Џо Бајден и неговиот син Хантер. Во четвртокот Трамп и’ предложил и на Кина почнување такви истраги. Демократите го обвинуваат Трамп дека сака да победи на изборите во 2020 година со помош однадвор.