1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вишеградска група - Источен блок кој не е блок

Кено Верзек
26 мај 2019

Членките на Вишеградската група, Полска, Чешка, Словачка и Унгарија, ги бие глас на бунтовници во ЕУ, но во реалноста нивните разлики се големи.

https://p.dw.com/p/3IsiD
Symbolbild Flaggen Visegrad Gruppe
Фотографија: picture-alliance/AA/O. Marques

Тие се „бранувачи“, „контрарамнотежа на Брисел“, „бунтовници“ во ЕУ - овие и слични етикети веќе неколку години се лепат на т.н Вишеградски држави - средноевропските земји Полска, Чешка, Словачка и Унгарија, кои во 1991 година во унгарски Вишеград договорија регионална соработка заради заедничко форсирање на нивните евроатлантски интеграции. По проширувањето на ЕУ во 2004 година, нивниот сојуз со години остана речиси без политичка тежина. Но, со избивањето на бегалската криза, централноевропските држави повторно се поврзаа - овојпат против Брисел. Оттогаш Вишеградската четворка во старата ЕУ се смета за „проблематичен случај“ и „Источен блок“, кој ја раздвојува ЕУ.

Вишеградските држави, како и мнозинството други источноевропски земји, одбиваат обврзувачка распределба на бегалци. Тие ја критикуваат ЕУ дека претставува „империја“, а во бриселската Европска комисија гледаат „ново московско Политбиро“, кое октроира одлуки. Вишеградските држави стравуваат од наметнување нов европски мултикултурен идентитет, во кој ќе се загуби националниот карактер на нивните општества.  Или се жалат на двојни стандарди кон Истокот на ЕУ, на пример кај квалитетот на животните производи. Така звучи реториката на „антибриселскиот источен блок“.

Кохезијата не е толку силна

Ако се погледне повнимателно, многу нешта се покажуваат како не толку битни, дури и повеќе: меѓу Вишеградските држави постојат значајни разлики во ставовите и интересите.

Повеќе: 

Миграцијата предизвикува раскол во ЕУ

Во Чешка не се во прашање тапоглави десничари

Дали источна Европа добива шкарт производи?

Иако Вишеградската четворка токму во тековната изборна кампања во ЕУ настапува збиено. Во Унгарија и во Полска владејачките партии Фидес и Партијата на правото и правдата упатуваат повици за спасување на христијанска Европа. Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја обвинува Европската комисија за намера да изврши смена на народите и планови за масовно доселување на муслимани. Чешкиот премиер Андреј Бабиш од своја страна разгорува страсти против премногу силна и политизирана ЕК; словачката партија на власт, СМЕР-СД европските политичари ги нарекува „губитници“.

Различни интереси

Генерално, раководните политичари во Полска, Чешка и Унгарија пледираат за посилна „Европа на нациите“, а за помалку надлежности за телата на ЕУ. Конкретни реформски предлози притоа речиси и да нема. Виктор Орбан во март иницираше Шенгенски совет на министри за внатрешни работи, кој би се грижел заштита на границите и миграциските прашања. Андреј Бабиш се залага Европскиот совет, гремиумот на шефовите на држави или влади на ЕУ, да стане еден вид последна одлучувачка инстанца на Европската унија. За разлика од Орбан, Бабиш ни оддалеку не е толку евроскептичен, што кореспондира со неговите деловни интереси: неговиот концерн Агроферт опфаќа фирми во целата ЕУ и силно профитира од европските субвенции. Бабиш во прва линија е заинтересиран за дебирократизирана и поефикасна ЕУ.

Karte Visegrad Gruppe ENG
Членките на Вишеградската група

Словачка пак е членка на еврозоната и се смета за дел од јадрото на Европа. Неодамна за претседател на земјата беше избрана проевропски, леволиберално-прогресивно ориенираната Зузана Чапутова. Премиерот Петер Пелегрини, кој е на власт една година, е јасно попроевропски настроен од својот претходник Роберт Фицо, кој како шеф на номинално социјалдемократската владина партија СМЕР-СД во извесен период водеше нагласено националистичко-популистичка политика.

Лакмус - односот кон Русија

Низ Вишеградската група е присутен вистински расцеп во важно надворешнополитичко прашање, кое ги поделува и другите членки на ЕУ: односот кон Русија. Полска во Русија гледа опасност и се залага за натамошни санкции и поодлучно разврзување на економската соработка со Москва, пред сѐ во поглед на руското лиферување на гас и нафта во ЕУ. Наспроти тоа, Словачка и посебно Унгарија водат нагласено проруска политика. Унгарскиот премиер Виктор Орбан се среќава почесто со Путин од кој било друг премиер од ЕУ. Под мотото „отворање кон Исток“, Унгарија во голема мерка ја прошири својата економска соработка со Русија и централноазиските држави во последните години.

Ungarn Putin zu Besuch in Budapest
Владимир Путин и Виктор Орбан - добри пријателиФотографија: picture alliance/dpa/Sputnik Kremlin/A. Druzhinin

Водечките политичари од Вишеградската група радо се жалат и на недоволното разбирање на Западот на ЕУ во поглед на историјата и културниот идентитет на Централна Европа, на апстрахирањето на децениското советско угнетување на регионот, што води кон неприфаќање на „диктатот од Брисел“. Но, и овој наратив не издржува поконкретна анализа. Додека Полска е во знакот на месијанскиот, ултраконзервативен антикомунизам на еден Јарослав Качински, Виктор Орбан одамна своето антикомунистичко минато го има само како декларативен плакат- неговата партија Фидес, на пример, со сета сила спречуваше уште во 1990-те години преиспитување на делувањето на поранешниот комунистички безбедносен апарат. Во Чешка, напротив, во ликот на Андреј Бабиш на власт е поранешен реал-социјалистички економски функционер и соработник на чехословачката служба за државна безбедност.

Всушност, унгарскиот премиер Орбан со драга волја би станал лидер на силен Вишеградски блок, од кој би произлегол решавачки реформски импулс за поголема национална сувереност на државите-членки. Орбан уште 2017 година ја прогласи за „година на револт“ против европскиот естаблишмент и упати повик против „бриселската бирократија“. Кога тоа изостана, 2018 година ја прогласи за година во која ќе дојде до „повторно воспоставување на волјата на европските народи“. Сега тој ги стилизира изборите за Европскиот парламент во решавачка битка за преживување или пропаст на Западот. Шансите повторно да греши, не се мали.