Да се разговара со талибанците - но како?
4 септември 2021Со терористи не се преговара, е официјалниот став на многу влади. Но, реалната политика често зборува друг јазик. Како што покажува историјата, постојано има ситуации во кои владини претставници - макар и против своја волја - само за да се дојде до решение на некој конфликт седнуваат на една маса со организации и групации кои биле одговорни за напади и насилства. Таков пример е и ИРА или Организацијата на Палестинците.
Цела земја во заробеништво
Во случајот со Авганистанпрашањето за преговори е сензитивно и спорно. Милитантните исламисти практично цело население го зедоа во заробеништво. Но, кој сака да им помогне на тие луѓе, не може да ги заобиколи талибанците, односно оние лица кои во времето на „Исламски Емират Авганистан” пет години владееја со застрашувачки методи: од освојувањето на Кабул во 1996 до доаѓањето на меѓународните сили во 2001.
Сега се повторно на власт. Од гледна точна на меѓународната зедница сега мора да се превенира уште поголемо зло во земјата уништена од војни: да нема тешки и континуирани повреди на човековите права, масовни бранови на бегалци, небројни смртни случаи на смрт од глад и опасноста Авганистан повторно да стане расадник за терористички организации, како Ал Каеда или ИСИС. При ескалација на состојбата аналитичари не исклучуваат таква верижна реакција која геостратешки важната земја меѓу централна и јужна Азија целосно би ја повлекла во бездна.
Меркел се надева на кооперативност
Со месеци во катарскиот главен град Доха има преговори меѓу различни учесници и политичкото водство на талибанците, кои се водат под нивото на официјално признавање. Сега западните земји се под притисок да напреднат во евакуацијата на сопствени и други авганистански граѓани кои треба да бидат заштитени.
Канцеларката Меркел очигледно смета на кооперативност на ново-старите владетели во Кабул. „Нашата цел е да се задржи најмногу што може од она што беше постигнато во Авганистан во изминатите 20 години”, изјави таа во Бундестагот. „Талибанците се реалност во Авганистан", рече таа додавјќи дека тоа е горко сознание што мора да се прифати.
И министерот за надворешни работи Хајко Мас смета дека преговорите се неизбежни. Нема „пат што може да заобиколи разговори”, рече тој во Доха. Претходно беше во посета на четири околни држави на Авганистан за да си направи слика за состојбата во регионот. Мас појасни дека засега за него не доаѓа предвид директна средба со талибанците. Очигледно германската влада сака да избегне сѐ што може да биде сфатено како официјално признавање на новите властодршци во земјата. Во Доха поранешниот германски амбасадор во Авганистан одржува контакти со делегацијата на исламистите.
Да се намалат очекувањата
Таму и во Кабул талибанците се трудат за промена на имиџот, се претставуваат како умерена државничка сила од која населението не треба да има страв. Водечки членови дури учествуваа во интервјуа со новинарки. Но, од некои провинции има вести за насилни инциденти. На девојчиња не им било дозволено да учествуваат во школска настава, жени биле спречени да одат на работа.
Сепак разговорите со талибанците ќе бидат нужни и за нив нема алтернатива, смета директорот на Институтот за безбедносна политика на универзитетот во Кил, Јоахим Краузе, „за да се извлечат преостанатите загрозени лица од земјата”. Тој во мејл на прашање на ДВ предупредува да не се има преголеми очекувања и дека според него единствено има смисла да се преговара заевакуацијата на локални сили.
Сѐ друго, како што се размислувањата за спречување на бегалски бранови или опасниста од враќање на терористичките групи, има мали изгледи за успех. „Како можат талибанците да спречат неконтролирано движење на бегалци или пак целосно враќање на странските терористички групи? Тие само делумно ја контролираат земјата. А, ние исто така не сакаме да го спречат протокот на бегалци со тоа што ќе ги стрелаат,“ пишува Краузе.
Овој експерт за безбедносна политика смета дека Германија има слаба преговарачка позиција. Со оглед на тоа што не успеа да го повлече сиот локален персонал, Германија веќе е „подобна за уцени”. „Сакале или не, мора да ги прифатиме условите кои ни ги поставуваат талибанците ако сакаме да им помогнеме на луѓето да ја напуштат земјата на други начини.“
Тоа може да бидат барања за пари, а можеби и за намирници и лекови. Првиот биланс од германската спасувачка акција покажува дека досега се евакуирани само 138 лица локален персонал, а според проценките на Министерството за надворешни работи уште 50 илјади лица чекаат помош.
Личен интерес како мотив за преговори
Успехот или неуспехот на преговорите е поврзан со подготвеноста на талибанците да се држат до ветеното. Во однос на ова, Томас Рутиг, ко-основачот и еден од директорите на независниот тинк тенк „Авганистанска аналитичка мрежа“, е оптимист во споредба со експертот за безбедносна политика, Краузе. Рутиг смета дека исламистите поради лични интереси ќе сакаат напредок во преговорите. „На талибанците им е потребен било каков вид економска помош, без разлика од каде доаѓа, бидејќи земјата по 40 години војна едноставно инфраструктурно е на дното.“ Ако талибанците почнат да ги уценуваат владите „ќе биде многу потешко” , вели Рутиг за ДВ. Со уценување на владите, талибанците „ја отежнуваат комуникацијата и можноста во земјата да влезат пари во земјата,“ вели Рутиг.
Германија и некои други земји ја сопреа развојната помош. Освен тоа средствата на авганистанската влада во странство се замрзнати, што го отежнува платниот промет со странство. Вообичаените трансфери од странство се откажуваат, а менувачниците и филијали за трансфер на пари како на Вестерн Унион се затворени. Земјата која и во добрите времиња имаше потешкотии од сопствени сили да се грижи за околу 39-те милиони граѓани, е пред пропаст.
Нов центар на исламистичкиот терор?
Талибанците кои сакаат на населението да им се претстават како подобри владетели, се свесни дека Авганистан не може да опстане без хуманитарна помош. Токму затоа и Томас Рутиг од „Авганистанската аналитичка мрежа“ смета дека нема да дозволат земјата повторно да стане центар на исламистичкиот тероризам. „Бидејќи во таков случај би стравувале од одмазднички акции и понатамошни санкции. Тоа не можат да си го дозволат. Верувам дека талибанците се организација која размислува политички. Не треба да се потценуваат како брадести заостанати средновековни личности, како што често е случај.“
Рутиг се залага за тоа во следните месеци фокусот да биде на хуманитарни прашања и да се анализира дали ќе се зголеми репресијата од страна на талибанците. Освен тоа мора јасно да се стави до знаење дека постојат меѓународни стандарди на кои мора да се придржуваат. Западот не треба да преговара од супериорна морална позиција. „По она што Западот го направи или толерираше во Авганистан, вклучително и воени злосторства и кршење на човековите права, треба да се воздржиме од такво нешто,“ нагласува Рутиг.
Не останува многу време за успех во преговорите. Ситуацијата во Авганистан се влошува од ден на ден.